Ова го чекаше светот

Три студии за сојот омикрон од три земји и три добри вести

Податоците даваат ретко добри вести. Сепак, хоспитализирањата веројатно ќе се зголемат едноставно затоа што варијантата е толку многу заразна, вели Њујорк тајмс.

Три одделни тима научници од два континенти открија дека заразите со омикрон почесто доведуваат до блага болест од претходните варијанти на коронавирусот, што нуди надеж дека сегашниот пораст можеби нема да биде толку катастрофален како што се стравуваше, и покрај големиот број случаи.

Истражувачите го испитувале текот на омикрон низ популациите во Јужна Африка, Шкотска и Англија. Резултатите во секоја околина, иако сè уште се прелиминарни, сугерираат дека е помала веројатноста поради оваа варијанта луѓето да завршат во болница.

„Со оглед дека ова го има насекаде и дека ќе биде толку многу преносливо, сè што би ја намалило сериозноста би било подобро“, рече Натали Дин, биостатистичарка на Универзитетот Емори во Атланта.

Откако беше откриена варијантата омикрон во Јужна Африка во ноември, научниците се мачат да сознаат дали предизвикува посериозна болест во споредба со другите варијанти и ако да, кај кои луѓе.

Новото истражување вели дека варијантата можеби има биолошки карактеристики што ја прават нешто помалку опасна од делта, сојот што доминира во светот од летото до сега.

Но се чини дека намалениот ризик од хоспитализација поради омикрон во сите три земји во голема мера се должи на имунитетот кај овие популации. Многумина од заразените веќе имале заштита од сериозна болест, било од претходна инфекција или од вакцина.

Иако новото истражување е охрабрувачко, експертите предупредуваат дека напливот на варијантата во многу земји и понатаму може да ги преплави болниците со случаи на омикрон, едноставно затоа што варијантата се шири многу полесно од претходните верзии на коронавирусот.

„Не сакам да кревам паника, но мислам дека не смеете да се опуштите“, рече Кристина Размирез, биостатистичарка од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес.

Американците треба да прават брзи тестови пред празничните собири и да се собираат надвор, да отвораат прозорци или да најдат други начини за подобрување на вентилацијата, рече д-р Размирез.

Иако омикрон во просек може да предизвика поблага болест, тој се шири побрзо од која било варијанта досега. Сега е доминантна варијанта во САД, Европа и многу други региони во светот.

Сепак, од Јужна Африка во средата дојдоа охрабрувачки вести, кои велат дека овие пикови можеби нема да траат толку долго како претходните. Омикрон предизвика рекорден број дневни нови случаи, но властите во средата рекоа дека бранот на инфекции можеби го достигнал својот врв, пишува Њујорк тајмс.

Бидејќи инфекциите во САД минатата недела се зголемија во просек за 154.000 случаи на ден, федералните здравствени власти додадоа уште еден слој одбрана од растечката закана во болниците. Управата за храна и лекови во средата ја одобри првата таблета за лечење на коронавирусот, нудејќи многу ефикасен третман против тешка болест.

Фото: ЕПА

Лекот, развиен од Фајзер и познат како „паксловид“, е одобрен за пациенти со коронавирус на возраст од 12 и повеќе години што се изложени на ризик да се разболат сериозно. Фајзер објави дека неговите таблети веројатно ќе функционираат и против варијантата омикрон.

Трите студии од Обединетото Кралство и Јужна Африка потврдуваат дека луѓето ќе стекнат одредена заштита од тешка болеста со вакцинирање и ревакцинирање.

Јужноафриканската студија се фокусира на зголемувањето на случаите на омикрон од ноември. Ризикот од хоспитализација бил за околу 70 отсто помал кај луѓето заразени со омикрон, во споредба со оние заразени со други варијанти на коронавирусот, откриле истражувачите.

Авторите шпекулираат дека поблагите случаи може делумно да се должат на фактот што омикрон е поуспешен во повторното заразување луѓе што веќе имале коронавирус. Иако оваа варијанта може да ги избегне антителата од претходни инфекции и да се вгнезди во телото, можеби нема да може да ги избегне моќните, но побавни имунолошки реакции што спречуваат сериозна болест.

Во Јужна Африка истражувачите проценуваат дека околу 70 отсто од луѓето се заразиле со коронавирусот пред омикрон-бранот. Околу 30 отсто се вакцинирани. Авторите не биле во можност да ја одвојат заштитата што ја дава заразувањето од онаа што произлегува од вакцинацијата.

Тие исто така предупредија дека нивните податоци се собрани во раната фаза на омикрон-бранот, кога севкупната стапка на инфекција беше прилично ниска. Заразените луѓе со релативно благи симптоми може тогаш да имале поголема веројатност да бидат примени во болница, пред да се пополнат одделенијата.

Во Шкотска, истражувачите ги прегледале случаите на делта и на омикрон во ноември и декември, гледајќи колку пациенти со секој сој биле примени во болница. Заразата со омикрон е поврзана со намалување на ризикот од хоспитализација за две третини во споредба со варијантата делта, откриле истражувачите.

Фото: ЕПА

Марк Вулхаус, професор по заразни болести на Универзитетот во Единбург и коавтор на новата студија, рече дека драматичниот пораст на омикрон-заразите значи дека дури и ако се одржат овие прелиминарни резултати, варијантата сепак многу брзо ќе испрати многу луѓе во болница.

Исто така во средата, тим од истражувачи од Империјал колеџ во Лондон ги спореди случаите на омикрон и делта во првите две недели од декември и пријави намалување на посетите во болница, иако помалку отколку што открија нивните шкотски колеги.

Првичните процени сугерираат дека во споредба со случаите на варијантата делта, луѓето заразени со омикрон во просек имаат 15 до 20 проценти помали шанси да стигнат до болница и 40 до 45 проценти помала веројатност да бидат хоспитализирани една ноќ или повеќе.

Тимот успеал да ги раздвои исходите од заразите со омикрон кај луѓе што биле вакцинирани, претходно заразени или што воопшто немале имунитет. Тие ја потврдија тезата на јужноафриканските истражувачи дека стекнатиот имунитет во просек помага да се ублажат инфекциите со омикрон.

Разликата меѓу резултатите од англиската и шкотската студија може делумно да се должи и на разликите во она што е мерено. Тимот на Империјал колеџ во Лондон вклучил и луѓе што само се појавиле во болница, покрај оние што морало да бидат сместени во кревет поради потешка болест. Шкотските истражувачи го следеле само приемот во болница.

Двата тима научници предупредија дека нивните резултати сè уште се прелиминарни. Прво, омикрон сè уште го пробива својот пат низ Британија и допрва треба да постигне голем залет кај постарите луѓе, кои може да бидат изложени на поголем ризик од хоспитализација.

Дури и ако поединечните случаи се благи, омикрон сепак претставува сериозен ризик за болниците бидејќи случаите многу брзо експлодираат.

Фото: ЕПА

„Не сме во позиција да го третираме ова како настинка“, рече Азра Гани, коавторка на студијата на Империјал колеџ во Лондон.

Вилијам Ханаге, епидемиолог на Школата за јавно здравје Чан на Харвард, рече дека новите наоди јасно покажуваат дека луѓето што се невакцинирани и сè уште немале ковид се изложени на особено висок ризик.

Бидејќи омикрон брзо се шири, големи се шансите тие да бидат заразени во наредните месеци, рече тој. Ако се случи тоа, тие нема да имаат имунитет за да ја ублажи сериозноста на инфекцијата.

„Ако сте невакцинирани и никогаш не сте биле заразени, тој е само малку помалку сериозен од делта“, рече д-р Ханаге.

„Но тоа е како да кажете дека ве маваат по глава со еден чекан, а не со два чекани. А сега е поверојатно дека чеканите ќе ве погодат“.

Иако изминатите неколку недели донесоа наплив од нови податоци за омикрон, сè уште има многу прашања за тоа како ќе се одвива ситуацијата следната недела и колку високо ќе се вивнат стапките на хоспитализација.

Николас Рајх, биостатистичар и моделар за заразни болести на Универзитетот во Масачусетс Амхерст, рече: „Мора да бидеме спремни да ги чекаме одговорите и да се нафатиме малку да пливаме во неизвесноста“.

Објавено

Сабота, Декември 25, 2021 - 08:04

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе