„Со нападот врз СЗО ги маскира своите грешки“

Трамповото „злосторство против човештвото“

Светските лидери ја осудија одлуката за укинување на помошта за СЗО во екот на пандемијата, здравствените експерти велат дека таа ќе чини животи.

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го прекине финансирањето на Светската здравствена организација предизвика осуда од светските лидери, а водечките здравствени експерти го опишаа како „злосторство против човештвото“.

Трамп, кој налутено реагираше на обвинувањата дека неговата администрација реагирала бавно и невешто на најлошата епидемија во последниве сто години, беше сè понепријателски настроен кон агенцијата на ООН, пред во вторникот да соопшти дека ја прекинува помошта.

СЗО, чие седиште е во Женева, ги промовираше „дезинформациите“ на Кина за вирусот, што најверојатно предизвика размерите на епидемијата да бидат пошироки, рече Трамп.

СЗО не ги истражи веродостојните извештаи од извори во кинескиот град Вухан, каде што вирусот првпат беше идентификуван во декември, кои беа во спротивност со приказната на Пекинг за ширењето и „го повторуваше и јавно го прифати“ тврдењето дека заразата не се пренесува од човек на човек, рече Трамп на конференција за новинарите во Белата куќа.

„СЗО не ја исполни таа основна должност и мора да сноси одговорност“, рече Трамп.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изрази жалење поради одлуката на Трамп.

„Соединетите Држави веќе долго време се дарежлив пријател на СЗО и се надевам дека и натаму ќе бидат“, рече Гебрејесус и додаде дека агенцијата ќе го процени својот учинок во оваа криза, како што прави по секоја таква појава.

„СЗО го разгледува влијанието на какво било повлекување на американското финансирање на нашата работа и ние ќе работиме со партнерите за да ги пополниме сите празнини и да се осигуриме дека таа непречено ќе продолжи“, рече шефот на СЗО на прес-конференција.

Сепак, тој истакна дека сега е време светот да се обедини во заедничка борба против епидемијата, која ја опиша како „опасен непријател“.

Специјалниот претставник на СЗО за ковид-19, Дејвид Набаро, ги повика критичарите сега да се фокусираат на „епската“ борба против вирусот и да ги остават критиките за подоцна. Тој истакна дека не е во прашање само СЗО, туку „целата јавна здравствена заедница во моментов е вклучена и секоја личност во светот во моментов е јавен здравствен работник, сите се одговорни, сите се жртвуваат, сите се вклучени“.

Еден американски функционер за Ројтерс рече дека Трамп го направил овој потег и покрај отпорот во администрацијата, особено од страна на главните здравствени научници.

Соединетите Држави се најголем индивидуален донатор на СЗО и во 2019 година му дадоа повеќе од 400 милиони американски долари на тоа глобално здравствено тело, приближно 15 проценти од буџетот на организацијата. Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, која го финансира лечењето од ковид-19 и истражувањето за вакцина, е втор по големина донатор. Велика Британија е на третото место.

СЗО претходно побара повеќе од една милијарда американски долари за финансирање на операциите против пандемијата.

Генералниот директор на ООН Антонио Гутереш рече дека не е време да се намалуваат ресурсите на СЗО.

„Сега е време за единство и солидарна соработка на меѓународната заедница со цел да се спречи вирусот и неговите погубни последици“, рече тој.

Кина, која СЗО ја пофали за нејзините напори за сузбивањето на вирусот, вчера ги повика САД да ги исполнат своите обврски кон СЗО.

„Оваа одлука го ослабува капацитетот на СЗО и ја загрозува меѓународната соработка“, рече министерот за надворешни работи Жао Лиџиан.

Министерот за надворешни работи на Европската Унија Жозеп Борел изрази длабоко жалење за одлуката на САД. „Нема оправдување за овој потег во момент кога нивниот придонес е попотребен од кога било“.

Германскиот министер за надворешни работи Хаико Мас рече дека префрлувањето вина не помага.

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, рече дека СЗО има клучна улога во борбата против пандемијата.

„Во време како ова, кога треба да споделуваме информации и кога мора да имаме совети на кои можеме да се потпреме, СЗО го дава тоа. Ние ќе продолжиме да ја поддржуваме и да придонесуваме“.

 

„Обвинувајте ја Кина, а не СЗО“

Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека ги поддржува критиките на Трамп за СЗО, особено „неразбирливата“ поддршка за повторно отворање на кинеските пазари што продаваат свежо заклани и живи животни.

„Сепак, СЗО е исто така организација што прави многу важна работа, и овде во нашиот пацифички регион, и ние тесно соработуваме со нив“, рече Морисон.

Џон Соерс, поранешен шеф на британската надворешна разузнавачка служба МИ6, рече дека Кина криела клучни информации за епидемијата од остатокот на светот и дека Кина треба да се смета за одговорна, а не СЗО.

Трамп рече дека одлуката за американско финансирање ќе биде ставена во мирување на 60-90 дена, по што „ќе се процени улогата на СЗО во сериозно лошото управување и прикривањето на ширењето на коронавирусот“.

Филантропот Бил Гејтс изјави дека одлуката на Трамп е „толку опасна колку што звучи“.

Ричард Хортон, уредник на медицинското списание Лансет, ја смета одлуката на Трамп за „злосторство против човештвото“.

„Секој научник, секој здравствен професионалец, секој граѓанин треба да се спротивстави и да се побуни против таквото шокантно предавство на глобалната солидарност“.

Лори Гарет, поранешен висок соработник во Советот за надворешни односи, вели дека одлуката на Трамп ќе чини животи.

„Во меѓувреме, СЗО е единствениот спас за повеќето африкански, латиноамерикански и азиско-пацифички нации.“

СЗО се најде под напад поради некои аспекти на справувањето со кризата и беше обвинета дека е премногу снисходлива кон Кина, со оглед дека Комунистичката партија првично криеше информации и ги казнуваше свиркачите што се обидуваа да го вклучат алармот.

Пекинг подоцна воведе драконски мерки, вклучително и досега невидени карантински зони.

Сепак, на експертите на СЗО дури на 10 февруари им беше дозволено да ја посетат Кина и да ја испитаат епидемијата, до кога во земјата веќе беа пријавени повеќе од 40.000 случаи.

 

Зошто ја напаѓаат агенцијата

Новинарите на Белата куќа забележаа дека и Трамп ја фалеше реакцијата на Кина на епидемијата и ја минимизираше домашната реакција долго откако СЗО прогласи итна здравствена состојба на глобално ниво.

Критиката на сметка на СЗО главно се однесува на нејзиниот пост на Твитер на 14 јануари во кој се вели дека „прелиминарните истражувања спроведени од кинеските власти не откриле јасен доказ за пренесување од човек на човек“.

Сепак, службениците на СЗО во тоа време, исто така, рекоа и дека постои голема веројатност за таков пренос со оглед на искуството од минатите епидемии на коронавируси, и повикаа да се преземат соодветни мерки на претпазливост.

Агенцијата на ООН ја напаѓаат и поради исклучувањето на Тајван од членството затоа што Кина го смета за своја територија. Некои ја поздравија одлуката на Трамп за прекинување на финансирањето. Демократскиот активист од Хонг Конг Џошуа Вонг изјави дека СЗО е „рака на кинеската дипломатија“.

СЗО има повеќе од седум илјади вработени во канцеларии во 150 земји, шест регионални канцеларии и седиште во Женева.

Се финансира со членарини, кои се трошат за одржување на клучните функции во агенцијата и од доброволни придонеси - за специјални програми како што се искоренување на детската парализа и борба против СИДА, маларијата и други заразни болести.

Кина тврди дека е транспарентна и дека споделува информации со СЗО и со други земји, меѓу кои и со САД.

СЗО соопшти дека Кина брзо ги споделува информациите и соработува во истражувањето и другите области.

Агенцијата беше обвинувана за прекумерна реакција на пандемијата на грип Х1Н1 2009-10, а подоцна и затоа што не реагираше доволно брзо на епидемијата на ебола во 2014 година во Западна Африка, кога починаа повеќе од 11.000 луѓе.

 

Нападот врз СЗО ги маскира сопствените грешки

Многумина сметаат дека одлуката на американскиот лидер е потврда дека тој бара жртвено јагне за задоцнетиот и хаотичен одговор на неговата сопствена влада на кризата.

Американската група „Заштитете ја нашата нега“ соопшти дека одлуката на Трамп е „проѕирен обид... да го сврти вниманието од своето потценување на сериозноста на кризата со коронавирусот и неуспехот на неговата администрација да ја подготви нашата нација“.

„Светската здравствена организација прави грешки, но повеќе од неодговорно е да се прекине финансирањето во екот на епидемијата“, рече претседателот на групата, Лесли Дах.

Експертите за јавно здравје генерално се согласуваат дека одговорот на СЗО на пандемијата не е совршен, но дека е многу подобрен по остро критикуваниот учинок за време на епидемијата на ебола во 2014 година, и е неизмерно подобар од однос на начинот на кој САД се борат со ковид-19, пишува Гардијан.

Шефот на СЗО, Гебрејесус, е критикуван за ласкање на кинескиот претседател Си Џинпинг и покрај обидите на Пекинг да го минимизира значењето на заканата. Сепак, и Трамп го пофали одговорот на Кина на епидемијата, велејќи дека „САД многу ги ценат нивните напори и транспарентноста“.

Гардијан вели дека до почетокот на февруари, кога СЗО беше во позиција да дистрибуира тестови за ковид-19 низ целиот свет, американската влада одлучи да не ја примени брзата постапка на одобрување. Американскиот центар за контрола и спречување на болести (ЦДЦ), наместо тоа, произведе свој тест, кој имаше недостатоци и мораше да го повлече. Тестирањето во САД доцнеше шест недели во однос на остатокот од светот, вели весникот.

Во времето кога буквално немаше тестирање во САД во текот на февруари, Трамп тврдеше дека малиот број потврдени случаи во САД значат дека неговата земја некако се извлекла.

„Коронавирусот е под голема контрола во САД“, се пофали тој на 24 февруари, скоро еден месец откако СЗО прогласи вонредна состојба. „Ние сме во контакт со сите и со сите релевантни земји. ЦДЦ и СЗО работат многу напорно и многу паметно. Берзите почнуваат да ми изгледаат многу добро!“

Објавено

Четврток, Април 16, 2020 - 12:11

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе