Трамповото признавање на Ерусалим може да го запали Блискиот Исток

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел е потег кој не само што ќе го зоврие Блискиот исток, туку и ги прекршува меѓународните правила.

Трамповата одлука има голема симболика и би можела да биде вистинска „бомба“ која ќе ги уништи напорите да се одржи мирот меѓу Израел и Палестина, како и децениските напорти на американската надворешна политика. Од признавањето на Израел во 1948 година, Америка секогаш беше на страната на Израелците но се придржуваше до меѓународното право и консензусот за важните прашања.

Ерусалим е свет град за следбениците на три вери, и како таков е срцето на територијалните конфликти меѓу Израелците и Палестинците, пишува Вашингтон пост. Меѓународната заедница досега одбиваше да го признае Ерусалим како главен град на Израел, бидејќи источниот дел од градот се смета за окупирана територија. Израел во 1967 година, за време на шестдневната војна, го презема Источен Ерусалим, арапскиот дел од градот, од Јордан, поради што и Палестинците и Израелците тврдат дека Светиот град е нивен. Палестинците бараат Источен Ерусалим да биде главниот град на нивната идна држава.

Според меѓународното право, сѐ додека е територијата под воена управа, на Израелците не им е дозволено да го менуваат статусот на градот. Четвртата Женевска конвенција исто така е јасно против тоа окупациските сили да го менуваат статусот на окупираната територија.

Доколку Трамп продолжи со спроведувањето на одлуката и ја премести амбасадата, ефективно би се уништил угледот на Америка како мировен посредник во регионот, бидејќи буквално одбира страна во статус кво ситуацијата. Трамповиот потег би ги убиштил и обидите на неговиот зет Џаред Кушнер, кој се обидува да ги заживее мировните преговори на Блискиот Исток.

Потегот на Трамп предизвика громогласна осуда од меѓународната заедница поради потенцијалните последици. Јорданскиот крал Абдула Втори предупреди дека Ерусалим е клучот за постигнување на мир и стабилност во регионот но и во светот. Палестинците веќе прогласија „тридневен гнев“ низ Западниот брег.

Дури и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е изненадувачки тивок околу одлуката на Трамп, иако до неодамна беше жесток заговорник на ваквиот потег. Одделни аналитичари сметаат дека сфаќа дека ако реакциите бидат насилни, како што очекуваат голем број експерти, речиси сигурно и тој ќе биде вмешан, не само во крвопролевањето туку и во распадот на мировните преговори.

И нема само Израел да ги почувствува потенцијалните насилни последици.

Веднаш по најавата на Трамп на меѓународната сцена се огласи турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој истакна дека признавањето на Ерусалим е „црвена линија“ и дека, доколку тоа се случи, Турција ќе ги прекине сите дипломатски односи со Израел.

Ердоган денес ги повика лидерите на државите кои се членки на Организацијата за исламска соработка, на вонредна средба за Ерусалим која ќе се одржи следната недела. Портпаролот на Ердоган кажа дека средбата на 13 декември ќе биде шанса муслиманските лидери заедно да дејствуваат по потегот на Трамп.

Турскиот претседател Ердоган, кој има големи лидерски амбиции на Блискиот Исток, изгледа дека лично го сфатил Трамповиот удар врз муслиманскиот свет. Неговите односи со Америка се сериозно нарушени по минатогодишниот неуспешен преврат во Турција.

Ердоган во последната година се сврте кон поголема соработка со Москва, со која склучи низа договори. Меѓу поголемите е и набавката на С-400 противвоздушни ракетни системи, што предизвика сериозна нервоза кај американската администрација и Конгресот.

Така Трамповата одлука за признавање на Израел може дополнително да ја одалечи Анкара од НАТО пактот предводен од Американците и да ја турне кон Русија. Уште сега бројни аналитичари истакнуваат дека Турција, иако е втора најсилна армија на Северноатлантската алијанса, е поблиску до Москва отколку до Вашингтон.

Реакции пристигнуваат и од Европа. Францускиот претседател Емануел Макрон му ја пренесе на американскиот претседател загриженоста околу едностраното американско признавање на Ерусалим.

Ставот на Европската Унија е дека Ерусалим е „корпус сепаратум“ (corpus separatum), односно одвоено тело, како што и официјално е поставено. ЕУ се залага решение за конфликтот да се бара по мирен пат, земајќи ги предвид интересите на сите страни, и е против еднострани потези.

Околу прашањето на Ерусалим сличен став има и Русија, која Западен Ерусалим го признава како израелска престолнина, но е против плановите на Ирсаел во источниот дел од градот.

Ова не е првпат Доналд Трамп да спроведува политика спротивна на ставовите на сојузниците. Од преземањето на претседателската функција направи многу нешта со кои Европа не се сложува. Се повлече од Парискиот климатски договор, ги притисна НАТО членките да издвојуваат повеќе средства за војската и го заостри судирот со Северна Кореја.

На Водно навистина не му треба сега и жичарница нова да се гради.

повеќе

Неконтролираниот политички развој, кој создаде пет парламентарни партии на етничките Албанци, ја прави нестабилна политичката ситуација не само кај aлбанскиот блок, туку и на ниво на државата. 

повеќе

Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 се носи во екс-пост заробена држава каде тензиите помеѓу администрацијата, економските агенти, клиентите и општеството се големи.

повеќе