Цената на недоследната надворешна политика

Трамповиот хаос во Иран ги поткопува американските приоритети на сите други места во светот

Набргу по преземањето на функцијата, американскиот претседател Двајт Д. Ајзенхауер ги собра високите советници во солариумот на Белата куќа за да разговараат за политиката кон Советскиот Сојуз. Беше присутен и неговиот препреден државен секретар Џон Фостер Далес, кој беше гласен критичар на политиката на воздржаност на Хари Труман и наместо тоа се залагаше за офанзивна политика со која Соединетите Држави би се обиделе да го „намалат“ советското влијание низ цела Европа и Азија.

Попладневната светлина од јужната страна беше во контраст со мрачното расположение во Белата куќа. Дипломатијата за ставање крај на Корејската војна беше неуспешна. Соединетите Држави влегуваа во трка за нуклеарно вооружување со Советскиот Сојуз. Јосиф Сталин беше мртов, но Ајзенхауеровите повици за дијалог со Москва остануваа без одговор. Трошоците за одбраната изгледаа неподносливи.

„Црвените денес имаат подобра позиција“, тврдеше Далес. Воздржаноста се покажа како „фатална“ за Западот. (Кратко пред тоа Далес го имаше отпуштено дипломатот од кариера Џорџ Кенан, авторот на таа политика.) Европските сојузници се однесуваа како „премалени старци“, без волја да ѝ се спротивстават на Москва. Ајзенхауер треба да се ослободи од оковите на својот претходник, заклучи Далес, и да води политика на „смелост“ за подиректно спречување на комунистичката плима.

Ајзенхауер ги оспори централните претпоставки на Далес. Далес сметаше дека времето ѝ оди во прилог на Москва и затоа побара поофанзивна стратегија. Ајзенхауер сметаше дека времето му оди во прилог на Вашингтон и затоа мислеше дека политиката на намалување на влијанието може да се врати како бумеранг. Покрај тоа, едностраните потези ризикуваа да ги ослабат сојузите, кои беа предноста на Вашингтон против Москва. „Не можеме да живееме сами“, му рече тој за Далес. „Ни требаат сојузници“.

Наместо оваа дебата да ја реши неформално, Ајзенхауер ги натера експертите од целата американска влада да развијат, а потоа пред него да дискутираат за најмалку три конкурентни национални стратегии. Самиот Кенан, по барање на Ајзенхауер, се врати за да ја брани воздржаноста.

Ајзенхауер, Далес и генералниот гувернер на Пакистан, ноември 1953

Два месеци подоцна, Ајзенхауер цел ден ги слушаше конкурентските предлози и на крајот ја одобри суштината на Трумановиот дизајн. Она што сега е познато како Проект Солариум ги постави контурите на американската надворешна политика што траеше во наредните 35 години и помогна да се избегне директен воен судир меѓу Вашингтон и Москва.

„Ниту еден претседател пред или по Ајзенхауер“, напиша историчарот Роберт Боуви, „никогаш не добил таков систематски и фокусиран брифинг за заканите со кои се соочува безбедноста на нацијата и за можните стратегии за справување со нив“.

 

Проектот Антисолариум

Ниту еден претседател не го достигна стандардот на Проектот Солариум, но американскиот претседател Доналд Трамп постави нов, на спротивната страна на скалилото. Сегашната Бела куќа води надворешна политика со непомирливи цели, без внатрешна доследност и без обид да се преџвакуваат клучните одлуки пред да бидат донесени. Максималистичките цели се поставуваат без да се размисли што може да биде потребно за да се постигнат. Кога ќе се пробие реалниот свет, па противниците, конкурентите или сојузниците што ги следат сопствените цели независно од Соединетите Држави, Трамп оди од една во друга крајност, од ризично коцкање до комплетно напуштање на арената, како што се случи неодамна во Сирија, оставајќи ги пријателите збунети.

Оваа недоследност никаде не е толку очигледна како во политиката кон Иран. На 18 декември 2017 година Трамп ја потпиша својата Национална безбедносна стратегија, проследена еден месец подоцна со Националната одбранбена стратегија. Овие документи ги поставуваат приоритетите меѓу конкурентските интереси и американските оддели и агенции мораат да ги почитуваат. Во оние што ги објави администрацијата на Трамп се истакнува нов „натпревар на големите сили“ против Русија и Кина - а Азија сега е приоритетниот регион за ангажирање на САД.

Исто како што направи неговиот претходник, претседателот Барак Обама, и Трамп се обиде да ги ребалансира американските приоритети по две децении претерано фокусирање на Блискиот Исток. Обама имаше намера да „сврти“ од Блискиот Исток кон Азија. Но арапските востанија што почнаа во 2010 година ги натераа Соединетите Држави да ги поддржат максималистичките цели на Блискиот Исток, меѓу кои и комплетна промена на владејачките режими во Либија, Египет и Сирија. Администрацијата наскоро откри дека нема средства да се справи со последиците од овие политики, или, во случајот со Сирија, каде што официјалната политика беше отстранување на претседателот Башар ал Асад, нејзината декларирана цел беше преголем залак за секоја реална американска постапка. Подемот на Исламска држава го врати воено Вашингтон во регионот, но на економичен начин, со ограничен ризик за американскиот персонал и со голема коалиција за споделување на товарот.

Оние од нас што работат на Блискиот Исток по усвојувањето на новата Национална безбедносна стратегија сфатија дека не треба да очекуваме значителни нови ресурси, дури ни за воената кампања против ИСИС. Всушност, ресурсите ќе се кратат. Во почетокот на 2018 година, Трамп го укина долгопланираното финансирање за стабилизација на Сирија, ги распредели воените ресурси само таму каде што беше стриктно неопходно за да се победи ИСИС, и прогласи: „Време е да се вратиме дома“.

А сепак, и покрај овие ограничувања на ресурсите и наводното нагло стратегиско вртење кон Азија, администрацијата на Трамп ги растегна американските цели низ целиот Блиски Исток - фокусирајќи се пред сè на Иран. Администрацијата зацрта дека сите Иранци мора да ја напуштат Сирија, дури и кога самиот Трамп појасни дека сака сите Американци да ја напуштат Сирија. Во неколкуте месеци по одобрувањето на Националната безбедносна стратегија Трамп еднострано се повлече од иранскиот нуклеарен договор, ги заостри санкциите кон Иран и почна политика на економско давење - позната како „максимален притисок“ - без никаква цел за која неговата администрација би можела да се согласи.

Трамп рече дека целта била да се осигури дека Иран никогаш нема да може да произведе нуклеарно оружје. Неговиот советник за национална безбедност во тоа време рече дека целта е промена на режимот. Неговиот државен секретар искажа 12 барања - меѓу нив, Иран да се откаже од својата нуклеарна и ракетна програма, да престане да ги поддржува прокси-групите и да ги отстрани сите милиции од Ирак и Сирија - за кои малкумина ирански експерти веруваа дека Техеран може да ги исполни без промена на режимот. Згора на тоа, во соопштувањето на овие максималистички цели, никој во администрацијата не дискутираше за заложбите за нови ресурси на Блискиот Исток. Напротив, вршителот на должноста секретар за одбрана му рече на Пентагон дека приоритетот е „Кина, Кина, Кина“. Политиката кон Иран се состоеше од многу цели без никакви средства.

Знаме на ИСИС во Либан, јануари 2016

Претпоставката што ја мотивираше оваа безресурсна политика беше дека економскиот притисок преку санкциите ќе го присили Иран или на колена да се врати на преговарачката маса или да се пропадне. Една спротивна претпоставка - дека Иран не би се вратил на масата, туку би возвратил асиметрично и би ги вовлекол САД уште подлабоко во регионот - се чини дека не беше сериозно разгледувана. Во оваа спротивна претпоставка, за пристапот усогласен со Националната безбедносна стратегија би бил потребен подолгорочен план. Вашингтон можеше да го скроти Иран здружено со американските сојузници и да се обиде да го подобри нуклеарниот договор, наместо да го напушти, на пример, наметнувајќи конкретни казни за другите штетни активности, како што се напредувањето во ракетната технологија и поддршката за прокси-мрежите.

Во текот на првата година на максимален притисок, Иран немаше некоја значителна реакција, оставајќи ја отворена можноста за оптимистичка претпоставка. Но во мај минатата година, Иран тргна по сојузниците на Соединетите Држави во Заливот, најпрво целејќи ги бродовите, а потоа и напаѓајќи ги нафтените постројки на Саудиска Арабија. Администрацијата на Трамп се чинеше дека е фатена неспремна, колебливо реагираше на секоја иранска постапка, без разлика дали со постепено распоредување на американските воени средства, објавување заканувачки твитови или со правење паушални напори за собирање поморска коалиција за заштита на бродските рути. Овие колебливи реакции покажаа недостиг од промислување за тоа како Иран веројатно ќе одговори на новата политика. Попретпазливата претпоставка сега изгледа правилна.

Минатиот октомври Катаиб Хезболах, милиција во Ирак поддржана од Иран, го почна она што високите американски воени команданти го нарекоа „одржлива кампања“ на ракетни напади врз ирачките бази во кои беа сместени американски сили. Ова беа првите такви напади што Хезболах ги презеде по повеќе од осум години. Откако не успеаја да ја предвидат иранската одмазда поради максималниот притисок, Соединетите Држави подоцна не успеаја ни да го одвратат нападот ниту да дејствуваат ефикасно откако тој почна. Високи американски официјални претставници дури и шпекулираа дека отсуството на каква било американска реакција на претходните напади во Заливот можеби ги охрабрило последователните напади врз Американците во Ирак.

Насилството брзо ескалираше. Во 11-тиот ракетен напад од Хезболах беше убиен еден американски изведувач, а како одговор на тоа САД наредија напади во кои загинаа повеќе од дваесетина припадници на ирачката милиција. Хезболах и другите милиции потоа се обидоа да ја нападнат американската амбасада. Како одговор на тоа, Трамп го нареди нападот врз Касем Сулејмани, шеф на иранската експедитивна единица Кудс, кај меѓународниот аеродром во Багдад. Иран потоа лансира повеќе од десетина балистички ракети, за кои се чини дека за влакно го промашиле американскиот персонал во западен Ирак. Претседателот на Здружениот генералштаб заклучи дека според неговата „професионална процена“, ракетите биле лансирани со намера да „убијат персонал“. Портпаролот на коалицијата предводена од САД објави твит дека „божествената заштита ги спаси животите“ за време на ракетскиот напад. (Десетина Американци, наводно, биле евакуирани за лекарска контрола по експлозиите.)

Овој циклус на акции и реакции одвлече скоро 20.000 дополнителни американски воени лица повторно во Блискиот Исток од мај минатата година. Изгледа дека Вашингтон за влакно избегна огромен конфликт, главно затоа што балистичките ракети во Иран за влакно ги промашија американските војници. Трамп следното утро неуверливо тврдеше дека Иран „се повлекува“, откако истрела над десетина балистички ракети кон американските трупи, и покрај тоа што Техеран вети понатамошна одмазда.

Ниту еден американски функционер немаше јавно предвидено вакво сценарио кога почна политиката на максимален притисок пред скоро две години. Економскиот притисок требаше да ја зајакне американската моќ и да го направи Иран пофлексибилен во преговорите. Самиот Трамп рече дека има намера да им стави крај на војните и да ги извлече војниците од регионот на Блискиот Исток. Непредвидениот сè потензичен циклус е доказ за една политика што не функционира така како што било предвидено.

Што се однесува на целите на државниот секретар наведени пред две години, политиката на максимален притисок не успева да постигне ниту една од нив. Иран сега се однесува повеќе, а не помалку провокативно. Трупа повеќе, а не помалку збогатен ураниум. Врти повеќе, а не помалку центрифуги и продолжува да ги поддржува прокси-групите во Ирак, Сирија, Либан и Јемен. Бидејќи Вашингтон не може да наведе ниедна цел што оваа политиката ја исполнила, таа сега го претставува економскиот притисок како цел сам по себе, како политиката да е дизајнирана едноставно да го направи Иран посиромашен, а не да ги смени иранската нуклеарна и регионална политика (обете сега се полоши) кон подобро.

Протести поради убиството на Сулејмани, Техеран, јануари 2020

Оправдувањата на политиката се сè поциклични: кога Иран ги напаѓа американските интереси во Заливот, американските официјални претставници тврдат дека ова покажува „панична агресија“ како резултат на економскиот притисок. Кога нападите ќе паузираат, американските официјални претставници тврдат дека го „вратиле одвраќањето“, барем до следниот напад, за што е потребен натамошен економски притисок и засилено американско воено присуство во регионот. Се чини дека нема никаков сериозен напор, ниту во рамките на администрацијата, ниту во Конгресот, да се преоцени политиката наспроти целите прогласени уште од самиот почеток.

Поголемиот број санкции веројатно нема да го променат ставот на Иран. Не постојат многу историски примери на санкции што принудиле на таков вид коренити промени што Вашингтон сега ги бара од Иран. Штетните активности во Иран се и евтини (тој троши околу 2 до 3 милијарди американски долари годишно за прокси-групите низ целиот регион, според Стејт департментот). Целиот негов буџет за одбраната е мал дел од она што годишно го трошат американските сојузници како Саудиска Арабија. Неговото население долго време се мачи економски, а БДП-то по жител историски му е една седмина од тоа на Мисисипи, најсиромашната држава во САД. А на Техеран не му е многу гајле за неговите граѓани. (Тоа што не го затвори цивилниот воздушен простор при лансирањето балистички ракети против Американците во Ирак е само последниот пример за неговата злонамерност и некомпетентност.) Иранците што храбро протестираат против својот владејачки систем заслужуваат поддршка, но револуционерната промена од долу нагоре е малку веројатна сè додека режимот останува обединет од горе надолу со монопол на силата и склоност да ја користи на најбрутален начин. Уште полошо, кампањата на максимален притисок му дозволува на Техеран да ја префрли надвор вината за својата нефункционалност и да ги оправда натамошните задушувања на Иранците што се стремат кон реформи и одговорност.

Од сите овие причини, досегашната евиденција сугерира дека дополнителниот економски притисок најверојатно ќе резултира во контрапритисок врз Вашингтон, а не во подобар нуклеарен договор или значителни промени во иранското однесување и политика.

 

Пат што не води никаде

Нападот врз Сулејмани ја вовлече американската политика до гуша во контроверзии. Техеран реагираше со обид внатрешно да ја засили својата контрола. И покрај тоа што Иран можеби не се обидува да го испровоцира Вашингтон во директна конфронтација, тој веројатно ќе продолжи со своите опасни напади врз американските партнери во Заливот и ќе го засили политичкиот притисок врз Ирак за исфрлање на американските воени сили. Успешната кампања против ИСИС - мисија што на Блискиот Исток донесе близу 20 западни партнери за да ги споделат трошоците и товарот со Вашингтон - е суспендирана бидејќи коалиционите сили се фокусираат на заштитата од Иран. Како резултат на тоа, ИСИС е под помал притисок. А слабата ирачка влада ризикува Соединетите Држави да не можат да останат во Ирак, исход што одамна е крајната цел на Иран. Ако заминат Соединетите Држави и нивните западни партнери, Русија сигурно ќе стане суперсилата-безбедносен партнер на Багдад - неповратно назадување за Вашингтон со сериозни последици за луѓето во Ирак и во поширокиот регион.

Администрацијата на Трамп би можела да одговори на овие нови околности со тоа што ќе прогласи дека Блискиот Исток е нејзин прв приоритет, на крајот на краиштата. Може да преземе иницијативи за зајакнување на својата воена и дипломатска позиција во Ирак и појаснување дека Вашингтон ќе ги брани своите партнери во Заливот. Со тоа, формално и свесно Иран ќе стане организациониот принцип на целокупната надворешна политика на Трамп, како што сега e неформално и несвесно. Или администрацијата може да ја деескалира состојбата, со отворање реален пат за дипломатија со Иран. Според Франција и другите сојузници, за овој курс Соединетите Држави ќе треба да нацртаат јасни и остварливи барања и авансно да му понудат на Иран извесно економско олеснување.

Како и да е, континуираната примена на максимален притисок без прештимување во која било насока, сепак, е неликвидна политика. Неговите неограничени цели не се во согласност со ограничените средства, а иницијативата опасно почива во рацете на Техеран, кој има поголем интерес за сопствен опстанок отколку што имаат Соединетите Држави за изнудување на неговата пропаст.

За жал, кога Трамп ѝ се обрати на нацијата по ракетните напади на Иран, тој не рече ништо за партнерите во Заливот, изложени на последиците. Не ги спомна ни Ирачаните. Ниту соопшти некакви реални американски интереси на Блискиот Исток. „Ние сме независни“, рече тој, „и не ни треба блискоисточната нафта“. Тој не предложи ни сериозна иницијатива за деескалација и повторно отворање на дипломатски процес со Иран.

Впечатокот што остави претседателот беше дека нападот врз Сулејмани бил тактичка операција за заштита на Американците, а не дел од некаква стратегиска преориентација на еден или друг начин. Трамп побара од НАТО „да се вклучи многу пошироко на Блискиот Исток“ - нешто што е малку веројатно дека Алијансата ќе го направи, со оглед дека дејствува само со едногласност на 29 главни града, од кои многумина го обвинуваат Трамп за тековната криза. Интересно, дури и кога неговата администрација воведе нови санкции за понатамошно задушување на економијата на Иран и ја прекина сопствената борба против ИСИС, Трамп предложи Иран и САД „да работат заедно“ против ИСИС.

Овој стратегиски метеж е во фокусот на дискусијата во регионалните престолнини, како и во Москва и Пекинг. Странските лидери сметаат дека Вашингтон спроведува максималистички политики под минималистички претседател, без никакви јасни, а камоли остварливи цели. Нивната заедничка процена е дека Иран може да продолжи да ги малтретира американските пријатели во Заливот, да заговара исфрлање на Американците од Ирак и да ја зацврсти контролата на Асад во Сирија. Сè додека Техеран не ги вовлече Американците во својот оган, Трамп нема да стори многу. Ако Американците сепак бидат вовлечени во неговиот оган, тогаш ризиците од голем и неконтролиран конфликт се екстремно големи. Сето тоа без никаква сериозна перспектива за дипломатија, која повеќето ја сметаат за предуслов за една одржлива деескалација.

Ваквата процена ги привлече Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати кон Русија и Кина - па дури и кон Иран - како заштитници од еден нестабилен и неизвесен Вашингтон. Во овој поглед, не само што американската кампања за притисок против Иран не успеа да ги постигне своите наведени цели, туку исто така ќе им користи и на двете големи сили на кои Националната безбедносна стратегија е дизајнирана да им се спротивстави.

Навистина, дури и таму каде што политиката е ефективна во задушувањето на економијата на Иран, таа го стори тоа по цена на разгневување на самите сојузници што на Вашингтон му требаат доколку сака да ја одржи компетитивноста против ривалските суперсили. Соединетите Држави сè повеќе го наметнуваа она што се нарекува „второстепени санкции“ врз Иран. Тие ги присилуваат американските сојузници, меѓу кои и Франција, Германија и Велика Британија, како и нивните приватни компании, да не можат да вршат трговија со Иран што инаку е легална. Вашингтон ефикасно ја користи својата економска моќ за да ги принуди сојузниците да прифатат една политика за која тие сојузници веруваат дека е самоуништувачка и неприфатливо високоризична. Ова силеџиство може да има трајни последици за американското управување на глобалната економија, кое долго време се базира делумно врз претпоставката дека Вашингтон нема да ја користи како оружје доминацијата на доларот за да оствари чисто еднострани цели. Кина и Русија сакаат да ја искористат оваа загриженост преку развој на трговски мрежи, вклучително и со Индија и Турција, кои ја избегнуваат мрежата на американски санкции.

Во суштина, политиката на Вашингтон денес е дефинирана од недоследност: максималистички цели, минималистички средства, лажни претпоставки, малку сојузници, сè со притисок, ништо со дипломатија. Блискиот Исток, пак, е заглавен, а прокси-групите на Иран може да се покажат уште понепредвидливи откако загина Сулејмани. Според новиот стандард на Трамп, секој напад што предизвикува пролевање американска крв е гаранција за жесток одмазднички одговор. Сепак, без дипломатија, плус дополнителни санкции, ризикот дека ќе се случи таков инцидент - и опасноста за Американците во регионот - само се зголемува. Така, Соединетите Држави мора на Блискиот Исток да одржат значајна воена сила, подготвена, дури и ако нивната борба против ИСИС е во застој, а нивната главна стратегија се состои од комплетно извлекување на ресурсите од регионот.

 

Потребна е одлука

Премногу е да се бара администрацијата на Трамп да тргне во процес како што беше Солариум за сериозно да ги разгледа и да ги реши овие внатрешни противречности. Големите одлуки за националната безбедност донесени крај базенот во Мар-а-Лаго, без стручен персонал, се далеку од Ајзенхауеровиот модел. Сепак, бидејќи сите сме заедно во ова, и со толку голем ризик од уште една војна на Блискиот Исток, не е премногу да бараме јасност за приоритетите и стратегиската ориентација.

Во моментов нив ги нема: во текот на изминатиот месец, секретарот за одбрана рече дека неговата „приоритетна арена“ е Азија, во согласност со Националната безбедносна стратегија, а потоа неколку недели подоцна рече дека е спремен да ја „оконча“ војната со Иран ако биде почната. Двете изјави се побиваат една со друга. За да се одржи воена сила доволна за еднострано „окончување“ војна со Иран - земја четири пати поголема од Ирак, со скоро три пати поголемо население - треба приоритетната арена да остане Блискиот Исток, а не Азија.

Стратегијата се состои од одлуки, приоритети и распределба на ресурси. Ако сега приоритетот е Иран, тогаш Вашингтон ќе треба да се врати на Блискиот Исток, да ја зајакне својата воена и дипломатска позиција во Ирак и на други места и да даде до знаење дека е подготвен да ги брани партнерите во Заливот од иранската одмазда. Меѓутоа, ако приоритетот е Азија, тогаш Вашингтон не може да се труди кон Иран да спроведува политика за промена на режимот. Пекинг го смета она што го гледа како површен американски фокус кон Иран за стратегиска предност, затоа што го оттргнува вниманието од Пацификот, го одделува Вашингтон од неговите сојузници и ѝ овозможува на Кина, заедно со Русија, да го шири своето влијание низ Блискиот Исток. Пекинг и Москва сега уживаат блиски односи со сите земји во регионот, од Израел преку Саудиска Арабија до Иран, а тие престолнини сега го гледаат Путин - а не Трамп - како неопходната сива еминенција.

На администрацијата ѝ недостига процес за решавање на овие противречности, но Конгресот може да ги истера на виделина. Дури и по четиридецениско непријателство, Конгресот никогаш нема одобрено употреба на воена сила против Иран. Но Трамповата кампања на максимален притисок сега носи континуирана закана од ваква сила. Бидејќи економските алатки во голема мера се исцрпени, Иран ветува понатамошна одмазда и нема изгледи за дипломатија, Соединетите Држави мора да задржат значајна воена сила во регионот на Блискиот Исток со цврста закана дека ќе ја искористат. Згора на тоа, распоредувањето илјадници американски трупи на Блискиот Исток, додека се подготвуваат итни планови да се „оконча“ една можна војна со Иран, почнува да влијае врз уставните права на Конгресот. Неодамнешните анкети покажуваат дека повеќето Американци сакаат Конгресот да си ја врати моќта на контролирање војни.

Нема причина да се избегнува оваа дебата до следната неизбежна криза, или да се држи зад затворени врати скриена од американскиот народ. Ако администрацијата на Трамп навистина верува дека Соединетите Држави мора да бидат во позиција да окончаат војна со Иран, тогаш треба да даде аргументи пред Конгресот и да побара овластување од него. Дури и администрацијата ќе има корист ако биде присилена да ги разјасни своите цели, средствата за нивно постигнување и мерилата според кои потоа ќе треба да сноси одговорност.

Одлука, не чиста случајност

Потсетувајќи се на своите години на функцијата, Ајзенхауер забележа: „Го зачувавме мирот. Луѓето прашуваат како се случило тоа - богами, не се случи само!“

Преку Проектот Солариум и потоа седмичните сесии на Советот за национална безбедност, Ајзенхауер ја водеше американската надворешна политика промислено, скромно и со внимателна усогласеност на целите и средствата. Трамп, сосема спротивно од тоа, се чини дека засега избегнува сериозен конфликт на Блискиот Исток само од чиста среќа - затоа што балистичките ракети на Иран слетаа близу до, а не врз храбрите Американци засолнети во воздушната база во западен Ирак. Надворешните односи секогаш содржат некаков елемент на среќа, но главната особина на еден лидер е да се осигури дека чистата случајност не може да ја вовлече земјата во воен конфликт што никој не го сака.

Сегашната криза на Блискиот Исток треба да биде момент во кој ќе се бара враќање на најосновните принципи на здравата надворешна политика, со јасност во целите и усогласување на ресурсите неопходни за нивно постигнување. Целите што не може да бидат исполнети без неприфатливи ценкања, трошоци или ризици не треба да се следат. Американците можат да ја поздрават смртта на Сулејмани. Тој беше терорист со крв на рацете. Во исто време, тие со право можат да бараат доследна надворешна политика, водена од плански одлуки, а не од коцкање и чиста случајност.

Форин аферс

Објавено

Петок, Јануари 24, 2020 - 12:05

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе

Наместо да седнат заедничи и оние од власта и оние од опозицијата и да се договорат околу стратегијата за борбата со најголемата опасност, тие мудруваат и кажуваат бајки.

повеќе