Трамповата неортодоксна идеја за Гренланд

Веста дека американскиот претседател Доналд Трамп размислува да го купи Гренланд, данска автономна територија, отвори многу прашања, пишува Радио слободна Европа.

Првото прашање е што е мотивот на Трамп за купувањето, а потоа и колку вредно една суверена територија.

За САД купувањето на Гренланд пред сѐ би имало стратегиска вредност бидејќи поседувањето на ледениот остров би им овозможило дополнително влијание на Арктикот, каде Вашингтон е соочен со засилена конкуренција од Русија и Кина.

Покрај тоа, пореди климатските промени и топењето на мразот на Арктикот, сѐ повеќе се зборува за богати рудни наоѓалишта на Гренланд, чие население не е далеку од идејата еден ден да има независна држава.

Дека Трамп во неколку наврати изразил заинтересираност за купување на данската територија откри њујоршкиот весник Вол стрит џурнал, повикувајќи се на два неименувани извори.

На состаноци, вечери и неформални разговори Трамп ги прашувал советниците дали САД можат да го стекнат Гренланд, слушајќи ги со интерес кога зборувале за обилните ресурси на ледениот остров и неговото геополитичко значење.

Трамп барал од своите советници таа идеја да се разгледа – некои од советниците го поддржале концептот, оценувајќи дека тоа би бил добар економски потег, тврдат изворите, додека други го отфрлиле како минлива фасцијација која никогаш нема да се случи.

Неколку сегашни и поранешни функционери на Белата куќа кои слушнале за идејата на поранешниот инвеститор во недвижности кажале дека не е познато колку претседателот би можел да ја турка таа идеја, но дека таа отворила прашања како на пример дали САД можат да го искористат Гренланд за јакнење на военото присуство на Арктикот.

Луѓе надвор од Белата куќа, но и еден од изворите со кои разговарале новинарите на њујоршкиот конзервативен весник, го споредиле купувањето на Гренланд со припојувањето на Аљаска што би придонело на наследството на Трамп.

Данските политичари го отфрлија интересот на американскиот претседател за Гренланд како шега, додека жителите на најголемиот остров во светот му порачаа на Трамп дека нивниот дом не е на продажба, пренесува Гардијан.

Гренландската влада реагираше дипломатски, наведувајќи дека има добра соработка со САД и дека интересот на Белата куќа за Гренланд го смета за „израз на општиот поголем интерес за инвестирање во земјата и нејзините капацитети“, сепак истакнувајќи дека „Гренланд не е на продажба“.

На Гренланд постои голема поддршка за независност, но големо прашање е како би можел да опстане без финансирањето од Данска која е надлежна за одбранбената и надворешната политика на островот на кој живеат околу 56.000 луѓе, концентрирани главно околу брегот и главниот град Нук.

Трамп има многу диви идеи како претседател а купувањето на Гренланд е можеби една од најнеортодоксните, ако не и една од најлошите, оценува Си-ен-ен.

САД во 1876 година за 7,2 милиони долари од Русија ја купија Аљаска. Купија и филипински острови од Шпанија и Девствените острови од Данска. Најпознатото купување на земјиште се случи во 1803 година кога од Франција беше купена Луизијана. САД тогаш платија 15 милиони долари за земјиште кое сега сочинува речиси четвртина од сегашната територија на таа земја.

Америка смета дека подемот на Кина е закана за нејзиното меѓународното влијание, наведува Јуроњуз во текстот „Што се крие зад желбата на Трамп да го купи Гренланд“.

Во последните неколку децении Пекинг инвестира во инфраструктурата, бизнисот и природните ресурси во Африка, остатокот од Азија, и во Централна и Јужна Америка. Се чини дека сега повторно се врти кон Арктикот, оценува европската телевизија, и додава дека Кина минатата година го претстави и својот план за „Поларен пат на свилата“.

Во јуни кинеска државна компанија ја повлече својата понуда за изградба на два меѓународни аеродроми откако Гренланд избра дански изведувач за довршувањето на проектот кој регионот ќе го направи подостапен за остатокот од светот. но таа продолжува со своите планови за развој на нови поморски линии кои ќе се отвораат, бидејќи арктичкиот лед се топи.

САД имаат долга историја на купување земјишта за проширување на територијата и обезбедување на своите интереси. Поранешниот претседател на САД Хари Труман во 1946 година понуди да го купи Гренланд, но Данска ја одби понудата од 100 милиони долари.

Трамповата идеја за купување на Гренланд можеби е вонсериска и невозможна, но тоа не сначи дека не треба да се размислува за заживување на пазарот на суверени територии – она што на времето ги направи САД големи, пишува колумнистот на Блумберг Леонид Бершидски.

Во еден магазин во 2017 година двајца професори по право од универзитетот Дјук, Џозеф Блочер и Миту Гулати, разгледуваа што би било потребно за создавање таков пазар и оценија дека ништо во меѓународното право не ги спречува државите да отстапат и стекнат територија онака како што се смета за пригодно, сѐ додека трансферот не е присилен. Тие предложија да се смени меѓународното право за „матичните држави“ да не можат да забранат регионот да се отцепи, но дека имаат право на надомест за изгубената територија.

Гренлад, нормално, нема да им биде продаден на САД. Од една страна, Данска нема причина да го продава. Тоа е богата земја со буџетски вишок. Лесно може да си ја дозволи годишната субвенција од околу 500 милиони американски долари која ѝ ја исплаќа на Гренланд.

На крајот, Трамп можеби греши за Гренланд, но несвесно го отвори прашањето за трансакција на суверени територии. Ако можат да се користат за избегнување насилства и непотребни тензии и корист за жителите на територијата што се продава – зошто да не, заклучува колумнистот на Блумберг.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе