Њујорк тајмс

Трамп вели дека е подготвен за борбата што долго ја очекуваше

Импичментот, инсистира тој, ќе биде „позитивен за мене“.

Знаеше дека го чека ова. Изгледаше речиси неизбежно. Ниту еден друг претседател во американската историја не бил сериозно загрозен од импичмент уште пред да се случи неговата инаугурација. Така, кога во вторникот се појави соопштението дека Домот размислува да го обвини за високи кривични дела и прекршоци, претседателот Трамп јасно стави до знаење дека е подготвен за борба.

Тој им се втурна на опозициските демократи, осудувајќи ги за „луда“ пристрасност. Ги отфрли обвинувањата против него како „дел од серијата евтини вонредни вести и лов на вештерки“. И објави дека дури и ако претстојната битка за импичмент биде лоша за земјата, таа ќе биде „позитивна за мене“ и дека ќе ги зајакне неговите шанси да освои втор мандат на изборите следната година.

Почетокот на долгоочекуваната пресметка дојде кога Трамп беше во Њујорк на отворањето на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации, и создаде надреален спектакл на два паралелни екрани додека претседателот се трудеше да глуми светски државник и да се одбрани од своите непријатели во Вашингтон. Во еден момент тој разговараше за војна и мир и за трговија со премиерите и моќниците. Во следниот, се впушти во борба да ја спаси својата функција, вели Њујорк тајмс.

До попладневните часови, додека претседателката на Домот Ненси Пелоси се подготвуваше да ја соопшти истрагата за импичмент, претседателот се повлече во Трамп-кулата, неговиот долгогодишен дом и работно седиште, за да размисли како ќе продолжи понатаму. Телефонскиот повик меѓу претседателот и Пелоси не успеа да го стивне судирот, а сега двајцата се подготвени за епска борба што ќе ги тестира границите на Уставот и рамнотежата на моќта во американскиот систем.

Пелоси, која долго време одбиваше да покрене истрага, конечно се премисли по информациите дека Трамп го притискал претседателот на Украина да ги испита неоснованите обвинувања за корупција против поранешниот потпретседател и сега главен претседателски кандидат кај демократите Џозеф Р. Бајден Јуниор, блокирајќи 391 милион долари американска помош за Украина. Демократите рекоа дека обраќањето до странска сила во потрага по валкани детали за противникот ја преминало линијата. Трамп рече дека само бил загрижен за корупцијата во Украина.

Трамп сега им се придружува на Ендру Џонсон, Ричард М. Никсон и Бил Клинтон во соочувањето со сериозна закана од импичмент, уставниот еквивалент на обвинението, вели американскиот весник.

Незаплашен, Трамп изгледаше поттикнат од судирот и желен за битка. Уверен во својата позиција во Сенатот контролиран од републиканците, изгледаше дека речиси претпоставува дека Домот контролиран од демократите веројатно ќе гласа за импичмент и дека тој ќе го изнесе својот случај пред јавноста на изборите следната година, вели Њујорк тајмс.

Трамп рече дека ја блокирал помошта за Украина затоа што европските земји не го платиле својот дел од помошта. Тој посочи на фактот дека парите на крај биле пуштени, како доказ дека не сторил ништо лошо. Она што не го спомена е дека европските земји во последните неколку години дале 15 милијарди американски долари за Украина и дека тој ја пуштил американската помош дури откако сенаторите од обете партии се заканиле со казнена легислатива ако не ги пушти.

Она што тој исто така не го истакна е дека за само два дена го смени своето објаснување за блокирањето на парите. Во понеделникот, својата одлука да ја блокира помошта тој ја поврза со својата загриженост за корупцијата во Украина, наведувајќи го господинот Бајден како пример. Со нагласувањето на својата загриженост околу странската помош, тој проба да протурка образложение што не е толку поврзано со неговото барање истрага.

„Водам на анкетите и тие немаат идеја како да ме спречат“, рече Трамп. „Единствениот начин на кој можат да се обидат е преку импичмент“.

Всушност, Трамп на повеќето анкети е зад Бајден и другите демократи што се борат за номинација од својата партија, па демократите тврдат дека токму поради тоа сакал од Украина да добие валкани детали за поранешниот потпретседател.

Во секој случај, колку и да беа вџашувачки настаните на денот, единственото вистинско изненадување беше колку време требаше за да се дојде до тука. Критичарите на Трамп почнаа да зборуваат за импичмент само неколку дена по неговиот избор, поради разни морални прашања и мешањето на Русија во кампањата за 2016 година. До минатогодишните избори на средината на мандатот, Трамп повеќе пати споменуваше импичмент во кампањата, предупредувајќи дека демократите ќе тргнат по него ако го освојат Домот.

Тие го освоија Домот, но нагонот за импичмент запре кога специјалниот советник Роберт С. Малер III подготви извештај што не содржеше криминален заговор меѓу кампањата на Трамп и Русија и одби да заземе став дали претседателот ја попречувал правдата за време на истрагата.

Се покажа дека Украина, а не Русија, е горивото на полузаспаниот потфат. Сега, повеќе од две и пол години подоцна, битката почна.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе