Од Белата куќа

Трамп си зел доверливи документи како сувенири

Купишта хартии на бирото, врамени насловници на списанија на ѕидовите, една џиновска патика на Шекил О'Нил изложена заедно со рагби-кациги, боксерски појаси и други спортски сувенири. Вака агенцијата Асошиетед прес ја опишува канцеларијата на Доналд Трамп во Трамп кулата.

Фото: ЕПА

Уште пред да влезе во политиката Трамп имаше склоност кон колекционерството. Таа животна навика - во комбинација со склоноста кон непочитување на правилата за задржување на владините документи, невнимателно ракување со доверливи информации и хаотична транзиција што резултираше со негово одбивање да го прифати поразот во 2020 година - кулминираше со федерална истрага што поставува невидени правни и политички предизвици.

АП истакнува дека претресот на клубот Мар-а-Лаго на Трамп претходно овој месец во потрага по документи од Белата куќа е акција без преседан против поранешен претседател за кој се смета дека ќе се кандидира за реизбор. Американските власти сè уште не откриле што всушност имало во запленетите кутии, но ФБИ соопшти дека биле земени 11 пакети доверливи документи, вклучително и некои означени како „чувствителни информации во оддели“, специјална категорија наменета за заштита на тајните што може да предизвикаат „особено сериозна“ штета на американските интереси доколку бидат објавени во јавноста.

Останува нејасно зошто Трамп одбил да ги предаде запленетите документи и покрај повеќекратните барања, според американската агенција. Сепак, презирот на Трамп кон Законот за претседателски досиеја, кој диктира како треба да се чуваат материјалите, се покажа и за време на неговиот мандат.

Често ги кинеше официјалните документи, кои подоцна мораа да бидат лепени. Официјалните документи што требаше да бидат доставени до Националниот архив се мешаа со личните работи во Белата куќа. Доверливи информации беа објавувани на Твитер, проследувани до новинарите и ривалите - дури и наоѓани во комплексот бањи во Белата куќа.

Џон Болтон, кој беше трет советник на Трамп за национална безбедност, рече дека пред именувањето слушнал за „загриженост поради начинот на кој тој ракува со информациите“. „И како што минуваше времето, се уверив и зошто“, изјави Болтон за АП.

Истрагата за ракувањето со документите од страна на Трамп доаѓа кога тој се соочува со повеќе правни предизвици на повеќе фронтови. Истрагата за мешање во изборите во Џорџија е затворена за поранешниот претседател, а поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани претходно овој месец беше информиран дека е предмет на кривична истрага.

Сепак, ниту една правна закана не го активира Трамп и неговите најлојални поддржувачи како рацијата во Мар-а-Лаго. Поранешниот претседател и неговите сојузници го нарекоа овој потег политички прогон, посочувајќи дека судијата што го потпишал налогот за претрес добил пари од демократите. Сепак, тој судија ги поддржува и републиканците, посочува АП. Претставници на Белата куќа повеќе пати рекоа дека не биле однапред информирани за плановите за претрес на имотот.

Одлуката да се чуваат доверливи документи во Мар-а-Лаго - имот што го посетуваат членовите, нивните гости и секој што присуствува на свадби, настани од политички донатори, добротворни вечери и други настани што се одржуваат таму - всушност е дел од долгата практика на непочитување на националните безбедносни тајни. Поранешните соработници опишуваат „ноншалантен“ однос кон доверливите информации, што се одвиваше пред јавноста.

Во една прилика, Мар-а-Лаго приреди вечера со тогашниот јапонски премиер Шинзо Абе, каде што другите гости ги гледаа и ги фотографираа двајцата лидери додека ги разгледуваа деталите од севернокорејски ракетен тест.

Во друга прилика, Трамп им откри на руските власти високодоверливи информации наводно од израелски извори за екстремистите на Исламска држава. Тој, исто така, еднаш на Твитер објави сателитска слика со висока резолуција од очигледна експлозија во иранскиот вселенски центар, за која разузнавачите предупредија дека е мошне деликатна. Трамп инсистираше дека има „апсолутно право“ да го сподели тоа.

Поранешната прес-секретарка Стефани Гришам рече дека Трамп е „невнимателен“ со чувствителните и доверливи информации и „се чини дека не го ни интересира зошто тоа е лошо“.

Во интервју за АП, Гришам се присети на еден инцидент со Конан, американско воено куче што се сметаше за херој поради неговата улога во нападот во кој беше убиен лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади. Таа рече дека пред пристигнувањето на кучето во Белата куќа, на вработените им било кажано да не се фотографираат бидејќи сликите може да ги доведат во опасност луѓето што се грижат за кучето. Меѓутоа, кога кучето пристигнало, Трамп решил дека сака да им го покаже на медиумите.

„Затоа што сакаше публицитет, го разоткри Конан“, рече таа. „Тоа е само уште еден пример за тоа како тој не се грижи за доведувањето животи во опасност... како да има нова блескава играчка што сака да им ја покаже на своите пријатели за да ги импресионира“.

Болтон рече дека додека работел за Трамп, во неколку наврати со колегите се обидел да ги објасни ризиците од разоткривањето извори и методи.

„Мислам дека ништо не вредеше. Тој едноставно не сакаше да знае колку е чувствително, колку е опасно за некои од нашите луѓе и на колкав ризик ги изложува“, изјави Болтон за АП. „Она што може да изгледа како обична слика за приватен граѓанин може да биде златен рудник за странските разузнавачки служби“.

Одбивањето на Трамп да го прифати изборниот пораз придонесе за хаосот што избувна за време на неговите последни денови на функцијата. Управата за општи служби бавно ја препозна победата на претседателот Џо Бајден, одложувајќи го процесот на транзиција и оставајќи малку време за пакување.

Додека другите вработени во Белата куќа, па дури и првата дама, почнале да си го организираат заминувањето, Трамп одбивал. Во исто време, вработените си заминувале според утврдениот ред, додека моралот меѓу другите паѓал по настаните од 6 јануари.

Болтон вели дека не верува оти Трамп ги зел документите со „зла намера“ и оти верува оти Трамп едноставно ги сметал за сувенири како многуте што ги собирал во текот на животот. „Мислам дека тој само мислел дека некои работи се кул и дека ги сака“, рече Болтон. „Еден ден ќе собираше помфрит, друг документи. Просто собираше работи“.

„Вашингтон пост“ првп објави во февруари дека Националниот архив извадил 15 кутии со документи и други предмети од Мар-а-Лаго што требало да ѝ бидат предадени на агенцијата кога Трамп ја напуштил Белата куќа. Врз основа на првичниот преглед на тој материјал, беше утврдено дека Трамп во Мар-а-Лаго однел претседателски записи и неколку други документи означени како доверливи.

Истрагата за ракување со доверливи материјали се интензивираше пролетта, откако обвинителите и федералните агенти разговараа со неколку луѓе што работеа во Трамповата Бела куќа за тоа како се постапувало со досиејата за време на хаотичниот крај на претседателствувањето на Трамп, изјавил извор запознаен со ова прашање за АП. Приближно во исто време, и обвинителите издале судски налог за евиденцијата што ја чува Трамп во Мар-а-Лаго и добиле судска дозвола да ги прегледаат снимките од надзорните камери од Мар-а-Лаго што ја покажуваат областа каде што се чуваат записите, рече тој.

Висок функционер на Министерството за правда отпатувал во Мар-а-Лаго во почетокот на јуни и прегледал дел од материјалот во кутиите. По тој состанок, обвинителите испрашале друг сведок, кој им рекол дека најверојатно има уште повеќе доверливи документи во Мар-а-Лаго.

Министерството за правда подоцна побара налог за претрес и заплени дополнителни транши доверливи документи.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе