Трамп се обидува да ги одложи изборите. Америка тоа никогаш не го направила, дури ни во војна

Претседателот на САД Доналд Трамп вчера на Твитер, својата омилена платформа за обраќање до јавноста, предложи одложување на изборите закажани за 3 ноември.

EPA-EFE

Како причина ја понуди теоријата, која ја пропагира веќе некое време, дека „универзалното дописно гласање“, предвидено како алтернативна можност онаму каде што физичкото гласање ќе биде преризично поради епидемијата на коронавирусот, ќе доведе до „најголемата измама и најнеточните избори во историјата.

Поради тоа можеби, реторички праша Трамп, би требало „да се одложат изборите додека народот не може правилно и безбедно да гласа?“

Меѓутоа, има повеќе проблеми со таквиот предлог. За почеток, тоа што претседателот не може да ги одложи изборите на своја рака, бидејќи според американскиот устав тие овластувања ги има исклучиво Конгресот (во чиј Претставнички дом мнозинството го држат опозициските демократи), потоа затоа што дописното гласање по пошта ќе им биде „универзално“ понудено на гласачите во само седум од 50 американски држави, како и тоа што доказите дека ваквото дописно гласање може да доведе до масовно лажирање на изборите во најмала рака се прилично слаби.

Но можеби најпроблематичниот аспект на Трамповиот предлог е тој што изборите едноставно никогаш досега не биле одложени, во речиси 250-те години американска историја.

Секој претседател на САД досега изборите, кога бил соочен со дилемата дали да ги одложи или спроведе во време на војна, епидемија или друга природна или човечки предизвикана катастрофа, решил да ги спроведе без одложување.

Абрахам Линколн, кој бил републиканец како Трамп, бил во 1864 година среде Граѓанската војна, конфликтот кој до денес однел најмногу американски животи – загинале, според проценките, од 620 до 750 илјади војници.

Линколн бил соочен со сериозен логистички проблем со гласањето на војниците кои биле на боиштето, а како и Трамп, и тој имал причина да се плаши, заедно со членовите на својата администрација, дека нема да освои втор мандат на изборите. Главната причина бил заморот од војната на која во тој момент не ѝ се ни наѕирал крајот. Значи, како и Трамп, и тој имал мотив да ги одложи изборите сѐ додека не биде можно „правилно и безбедно да се гласа“. Некои тоа отворено и му го советувале.

И покрај тоа, изборите се одржале кога биле и предвидени, на 8 ноември 1864.

„Линколн сметал дека Граѓанската војна, пред сѐ, се води за демократија“, коментира професорот по историја од универзитетот Колумбија Ерик Фонер за Хистори ченел.

Дури војниците на Унијата, кои во отсуство гласале или на специјални гласачки места на боиштето или ги испраќале своите гласови по пошта, во големо мнозинство гласале за Линколн, што можеби било и пресудно за неговата победа. Линколн освои 76 отсто од вкупно 40 илјади гласови на војниците во активна служба. Вкупно 150 илјади од милион војници на Унијата имале можност за гласање во отсуство.

Да немало дописно гласање или гласање во отсуство, Линколн можеби би загубил (резултатот бил 55 отсто од гласовите за него), а неговиот противкандидат Џорџ Мекклелан можеби би му дозовлил на одметнатиот Југ да го задржи ропството. Историјата на САД би имала сосема поинаков тек.

„Тие (војниците) го означиле своето гласачко ливче, го ставиле во плик, по пошта го испратиле во округот од кој биле. Тогаш окружните функционери го уфрлале во гласачката кутија и го броеле заедно со останатите“, коментира за Ен-би-си пензионираниот морнарички капетан и професор по политички науки на Универзитетот Тексас Доналд Инбоди.

„Овие избори, покрај нивниот случаен и непожелен раздор, направиле и добро. Демонстрирале дека народната влада може да одржи национални избори среде голема граѓанска војна“, кажал Линколн неколку дена по победата на изборите. Помалку од половина година подоцна поддржувачот на Конфедерацијата и ропството Џон Вилкс Бут го убил.

Тоа не било првпат САД да имаат избори среде војна. И претседателските избори во 1812 година биле одржани среде Војната од 1812, како што бил наречен конфликтот меѓу САД од една страна и Британија и нејзината колонија Канада од друга страна. На изборите одржани на 30 октомври 1812 повторно победеил тогаш актуелниот претседаел Џејмс Медисон.

На војниците на Континенталната војска им било дури дозволено да гласаат преку посредник и во 1775 година за време на Револуционерната војна.

Војниците гласале, исто така преку дописно гласање, и во двете светски војни. На изборите одржани на крајот на Втората светска војна, на 7 ноември 1944, победил актуелниот претседател Френклин Д. Рузвелт. Дури 3,2 милиони војници распоредени низ светот гласале во отсуство на тие избори.

Како што пишува Си-ен-ен, и на изборите во 2004 година постоел страв дека исламистичките терористи ќе ја искористат таа прилика за нов голем напад врз САД, три години по нападот на 11 септември 2001. Се појавија шпекулации дека изборите ќе бидат одложени. Но тогашната советничка за национална безбедбост на претседателот Џорџ В. Буш, Кондолиза Рајс, ги отфрли таквите гласини. И таа се повика на историскиот преседан.

„Имавме избори во оваа земја кога бевме во војна, дури и кога бевме во Граѓанската војна, и би требало да имаме избори на време. Никој не размислува за одложување на изборите“, изјави тогаш Рајс. Изборите беа одржани според предвиденото, на 2 ноември 2004.

А иако од Граѓанската војна дописното гласање на војниците и другите отсутни гласачи ги следеле шпекулации дека тоа ќе предизвика изборна измама, таква раширена измама никогаш не била утврдена, пишува Ен-би-си. И покрај тоа, Трамп денес е најгласен меѓу оние кои тврдат дека демократите „ќе ги украдат“ изборите благодарение на гласањето по пошта.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе