Трамп се исплаши од изборите

Вчера претседателот Доналд Трамп ја претстави идејата за одложување на изборите во Соединетите Држави на 3 ноември, што веднаш беше одбиено од демократите и неговите републиканци во Конгресот - единствената гранка на владата што има надлежност за таква промена.

Фото: ЕПА

Критичарите, па дури и сојузниците на Трамп, ја отфрлија идејата како несериозна и како обид да се одвлече вниманието од катастрофалните економски вести.

Најавата на Трамп на Твитер дојде во екот на голема криза во САД - пандемијата на коронавирусот, која однесе повеќе од 150.000 животи, и парализирачката рецесија поттикната од националните протести против полициското насилство и расизмот. Владата вчера наутро објави дека економијата во вториот квартал претрпела најголем удар од Големата депресија.

Актуелниот претседател, кој заостанува зад демократскиот ривал и поранешен потпретседател Џозеф Бајден, рече и дека нема да верува во изборните резултати што вклучуваат масовно гласање по пошта - што е мерка што многумина ја сметаат за мошне важна поради пандемијата на коронавирусот. Без докази, тој тврди дека гласањето по пошта ќе донесе големи измами.

„Со универзално гласање по пошта (не гласање во отсуство, кое е добро), изборите во 2020 година ќе бидат најмалку точни и со најмногу измами во историјата. Тоа ќе биде голем срам за САД“, напиша Трамп на Твитер. „Да се одложат изборите сè додека луѓето да можат да гласаат прописно и безбедно“.

Американската економија претрпе пад од 32,9 проценти во вториот квартал, како резултат на широко распространетите блокади поради епидемијата, која се шири брзо.

Соединетите Држави одржуваат избори повеќе од 200 години, вклучително и за време на Граѓанската војна, Големата депресија и двете светски војни. Членот 2 од Уставот на САД му дава на Конгресот овластување да го одреди датумот на изборите, а 20-тиот амандман го окончува мандатот на претседателот и на потпретседателот на 20 јануари по изборите.

Идејата за одлагање беше отфрлена од голем број републиканци - вклучувајќи ги и лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Мекконел, и главниот републиканец во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, пренесе Ројтерс.

„Во историјата на федералните избори, никогаш не се случило да не ги одржиме и треба да продолжиме со овие избори“, рече Мекарти. Сенаторот Линдзи Греам, сојузник на Трамп, рече дека одложувањето на изборите „веројатно не би било добра идеја“. Демократската членка на Претставничкиот дом Зое Лофгрен, која е претседател на комисијата за следење на изборите, отфрли секакво одложување.

„Само Конгресот може да го промени датумот на нашите избори“, рече Лофгрен за Ројтерс.

„Под никакви околности нема да размислуваме да го сториме тоа за да се приспособиме на несмасниот одговор на претседателот на пандемијата на коронавирусот, или да им дадеме кредибилитет на лагите и дезинформациите што тој ги шири за начинот на кој Американците можат да гласаат безбедно“.

Ројтерс пишува дека твитот на Трамп бил објавен без предупредување и дека изненадил и некои во Белата куќа. Белата куќа за прашањата за твитот на Трамп упати до тимот на неговата кампања, кој во изјавата рече дека претседателот само го покренал прашањето.

„Претседателот само покренува прашања за хаосот што демократите го создадоа со инсистирањето на гласање по пошта“, рече Хоган Гидли, портпаролот на кампањата.

 

„Како да не ни сака да победи“

Републиканец близок до Белата куќа за Ројтерс изјави дека е запрепастен од објавата на Твитер и додаде дека таа следува по период на стабилност, во кој Трамп се придржуваше до официјалната политика на партијата, како што му советувале новиот менаџер на кампањата Бил Степиан и вишиот советник во кампањата Џејсон Милер.

„Тој очигледно не може да се контролира. Ова почнува да изгледа како вистинска кампања и затоа тој го прави тоа. Тоа е ужасно. Почнува да изгледа како да не ни сака да победи“.

Трамп претходно рече дека нема да верува во изборните резултати - обвинувања слични на тие пред гласањето во 2016 година - но не предложи вака директно промена на датумот на 3 ноември.

Трамп без докази ја доведува во прашање легитимноста на гласањето по пошта, кое на предизборите во екот на пандемијата се користеше многу помасовно. Тој исто така упати неосновани обвинувања дека ќе има изборни измами и одби да каже дали ќе ги прифати официјалните резултати доколку загуби.

Ари Флајшер, кој беше претставник на медиумите во Белата куќа за време на владеењето на републиканецот Џорџ В. Буш, смета дека Трамп треба да го избрише твитот.

„Тоа не е идеја што некој, а особено не претседателот на Соединетите Држави, треба да ја изнесе. Нашата демократија се заснова на избори на кои секој ги знае правилата и тие важат за сите“, рече Флајшер.

 

Демократите се подготвуваат да ги заштитат изборите

Демократите, вклучувајќи го и Бајден, веќе почнаа со подготовките да ги заштитат гласачите и изборите поради стравувањата дека Трамп ќе се обиде да ги наруши изборите во ноември или да ги оспори резултатите, особено ако објавувањето на конечните податоци го одложат гласовите што пристигнуваат по пошта.

Анкетите покажаа дека регистрираните гласачи во САД се спротивставуваат на идејата за одложување на изборите. Кога Ројтерс/Ипсос ги прашаа гласачите во април дали сметаат дека гласањето треба да се одложи поради коронавирусот, 59 проценти беа против идејата, меѓу кои и мнозинството гласачи од обете партии.

Официјален претставник на кампањата на Бајден изјави дека најавата на Трамп не е легитимна закана затоа што тој нема моќ да го промени датумот на изборите и дека е очигледна тактика да се одвлече вниманието од ужасните бројки на БДП.

„Ќе продолжиме одблизу да го следиме ова“, изјави за Ројтерс претставник на кампањата на Бајден.

„Сегашниот претседател шири лаги и предлага да се одложат изборите за да остане на власт“, напиша на Твитер Ден Килди, демократ од Претставничкиот дом. „Не дозволувајте тоа да се случи. Секој Американец - републиканец, независен и демократ - треба да го крене својот глас против беззаконието на претседателот и целосното непочитување на Уставот“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе