Вашингтон пост

Трамп самиот се отповикува

Претседателот Трамп очигледно мислеше дека може со блефирања и закани да се спаси од импичментот, ама грешеше. Неговото нечесно место во историјата сега е обезбедено, вели Јуџин Робинсон за Вашингтон пост.

Најавата на спикерката Ненси Пелоси дека Домот ќе продолжи со точките за импичмент беше неизбежна, а Трамп за тоа може да се обвинува само себеси. Никој не го тераше да се обидува да присили странска влада да му помага да биде реизбран. Никој не го тераше да ја злоупотреби моќта на претседателството за лична корист. Никој не го тераше да ги попречува напорите на Конгресот да ги испита неговите злодела.

Сепак, некој ќе го натера да преземе одговорност. „Не се задевајте со мене“, предупреди челичната Пелоси еден провокативен новинар во четвртокот. Трамп требаше досега да ја научи таа лекција.

Тројца од уставните експерти што во средата сведочеа пред Судскиот комитет на Домот изјавија дека е јасно дека Трамповата украинска изнудувачка шема и неговата опструкција на Конгресот се престапи што носат импичмент. Четвртиот експерт, внимателно одбран од републиканските бранители на Трамп, рече дека дејствата на претседателот можеби се подложни на импичмент, во очекување на собирањето повеќе докази. Никој не рече дека зделките на Трамп со Украина биле „совршени“, како што смешно тврди Трамп.

Така, сега претседателите на комитетите на Пелоси ќе почнат да подготвуваат една или повеќе точки за импичмент, за кои се очекува Домот да гласа за неколку недели, можеби дури и пред Божиќ. Освен ако не се случи нешто неочекувано од типот да нè мавне астероид, Трамп ќе стане само третиот претседател во историјата на САД против кој е покренат импичмент и што се соочил со судење во Сенатот.

Дали би било подобро, ако е можно, прво да се слушнат повеќе сведочења и да се соберат повеќе докази? Секако дека би било.

Треба да го слушнеме вршителот на должноста шеф на персоналот на Белата куќа, Мик Мулвани, кој се чини дека бил клучен во обидот на Трамп да ја принуди Украина да ископа валкани детали за Џо Бајден со блокирање на 391 милион американски долари воена помош. Треба да го слушнеме поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон, кој, наводно, целата работа ја нарекол „договор меѓу дилери на дрога“ и рекол дека не сака да има ништо со тоа. Треба да ги чуеме државниот секретар Мајк Помпео и поранешниот министер за енергија Рик Пери, кои биле „во кругот“, според сведоците. Треба да го чуеме личниот адвокат на Трамп, Рудолф В. Џулијани, иако во овој момент мислам дека тој може под заклетва да се повика на Петтиот амандман.

На Конгресот треба да му се даде можност да ги испита сите документи што ги побарал. Инспекторите треба да добијат можност сами да видат дали наводниот интерес на Трамп за искоренување на корупцијата во Украина е искрен или бил скован подоцна, откако беше откриена шемата, за да се создаде некаква лажна трага.

Но Трамп нема да им дозволи на ниту еден од тие службеници да сведочи и нема да достави ништо од документите што ги побара Конгресот. Апелирањето до судовите да ја принудат администрацијата да послуша ќе трае со месеци - и ќе биде во корист на Трамп. Конгресот не смее да му дозволи да го искористи сето расположливо време.

Јасно е, треба да се реагира брзо. Трамп бараше странци да се замешаат на претстојните избори во негова корист. Ако тој не биде отповикан, дали мислите дека ќе престане? Џулијани неделава патуваше во Украина и Унгарија и наводно се сретнал со наводно корумпирани поранешни обвинители. Неверојатно, тие сè уште го прават истото.

Дали ќе беше подобро ако барем некои републиканци имаа храброст да го бранат Уставот, отколку слепо да го следат Драгиот Лидер Трамп? Апсолутно. Но иако голата политичката моќ може да ги принуди страшливците на лојалност, таа не може да ги смени фактите - ниту да го ослободи Домот од неговата обврска.

Консензуалниот став е дека практично нема шанси Сенатот да го смени Трамп од функцијата. Можно е да се појават драматични нови докази или колебливите сведоци да решат да сведочат. Никој не знае колку голема улога може да преземе главниот судија што ќе претседава, Џон Г. Робертс Јуниор, во обликувањето на судењата. Но мора да признаеме дека медицинската наука сè уште нема измислено лек што може да им даде храброст на републиканските сенатори.

Така нека биде. Некои луѓе веруваат дека тоа ќе му помогне на Трамп политички да биде отповикан, подложен на судење и на крај ослободен. Не се согласувам; мислам дека „отповикан, но не и отстранет“ е прилично лош слоган за кампања. Меѓутоа, во овој момент, уставната должност мора да добие предност пред политичкиот исход.

„Нашата демократија е во опасност“, рече Пелоси во четвртокот. „Претседателот не ни остава друг избор освен да дејствуваме, затоа што, уште еднаш, се обидува да ги корумпира изборите за своја лична корист“.

Импичментот е нешто „што посакувам претседателот да не го направеше неопходно“, рече Пелоси. И таа е во право. Трамп самиот се отповикува.

Мора да се пристапи кон воведување нови мерки за поголема контрола на лицата кои поседуваат нелегални пари.

повеќе

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе