Директивата на американскиот претседател и последиците по слободата на говорот

Трамп против Твитер

Нападите на американскиот претседател Доналд Трамп врз социјалните медиуми ескалираа откако неговата омилена платформа Твитер, на која го следат 80 милиони корисници, првпат етикетираше два негови твита со предупредувања кои упатуваат на невистинитост на изнесените тврдења.

EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Тоа предизвика бурна реакција на американскиот претседател кој вчера, на 28 мај, потпиша извршна уредба со која би можел да се тргне имунитетот од одговорноста за содржините кои на своите мрежи ги имаат технолошките џинови како Твитер, Гугл и Фејсбук, пишуваат светските медиуми.

Наредба за социјалните мрежи

Трамп вчера ја ескалираше својата војна против Твитер и другите социјални мрежи, потпишувајќи извршна наредба со која се доведува во прашање заштитата на социјалните мрежи од тужби, јавува Асошиејтед прес.

Реакцијата на претседателот на САД доаѓа откако социјалната мрежа Твитер постави знак за предупредување на два твита на Трамп дека содржаните информации треба да се проверат. Тие потези ги оцени како „уредничка одлука“ на Твитер кои спаѓаат во областа на политичкиот активизам.

Трамп, кој лично во голема мера се потпира на Твитер, долго ги обвинуваше технолошките џинови во Силициумската долина дека ги целат конзервативците со проверување на фактите или отстранување на нивните постови. Групите од технолошката индустрија не се сложија кажувајќи дека тоа би ги спречило иновациите и говорот на интернет.

Американскиот закон ги штити платформите на социјалните медиуми од одговорност за објавената содржина, бидејќи повеќе се третираат како платформи, а не како издавачи, додава АП. Со извршната наредба се бара промена на актуелното толкување на членот 230 од законот за комуникација и пристојноста, со што компаниите како Твитер и Фејсбук би биле подложни на тужби и зајакнатите владини прописи.

„Имаа непроверена моќ за цензура, ограничување, уредување, обликување, криење, менување на речиси кој било облик на комуникација меѓу приватните граѓани или големата публика“, кажа Трамп пред потпишувањето на наредбата. „Не постои преседан во американската историја за толку мал број корпорации да контролираат толку голема сфера на човечката интеракција“.

Трамповата директива

Трамповата директива може да има потенцијално драматични импликации врз слободата на говорот и поголеми последици за широк спектар компании кои зависат од работењето на интернет, укажува Вашингтон пост, додавајќи дека со извршниот указ главно се обидува да им се олесни на сојузните регулатори да го преиспитаат делот од законот познат како член 230.

Законот е контроверзен бидејќи ги штити технолошките компании од одговорност за содржините кои ги постираат корисниците, но ги штити и од одговорност за одлуките кои ги донесуваат за отстранување содржини. Критичарите долго зборуваат дека таквите исклучоци им дозволуваат на некои од најпрофитабилните компании од Силициумската долина да избегнат одговорност за штетната содржина која цвета на нивните платформи.

Трамповата наредба овозможува и упатување жалби на политичка пристрасност до Федералната комисија за трговија, што би охрабрило преиспитување на политика на модерирање на содржините на технолошките компании во однос на нивните ветувања за неутралност, пишува Вашингтон пост.

Со указот ќе се одбележи најзначајниот потег на Белата куќа против Силициумската долина по повеќегодишните вербални судири и регулаторни закани на Трамп и неговите главни заменици.

Тоа може исто така да наметне нови, тешки прашања за Првиот амандман, иднината на изразувањето на мрежите и за степенот на правното и правилното влијание на Белата куќа на одлуките кои ги носат приватните компании за своите апликации, интернет страниците и услугите, заклучува Вашингтон пост.

Твитеровите ознаки

Извршниот указ на американскиот претседател е насочен кон компаниите на социјалните медиуми доаѓа неколку дена откако Твитер презема редок чекор на ставање ознака за предупредување за проверка на фактите на два твита на Трамп, пишува Би-би-си.

Твитер во вторникот, на 26 мај за првпат стави ознака за предупредување за проверка на фактите на твитовите на Трамп, додавајќи и линкови со написи кои упатуваат на неточноста на неговите тврдења. Следниот ден Трамп се закани дека „силно ќе ги регулира“ или дури „ќе ги затвори“ платформите на социјалните медиуми.

На своите над 80 милиони следбеници тој им твитна дека републиканците чувствуваат како платформите „целосно ги замолчуваат конзервативците“ и дека нема да дозволи тоа да се случи. Во претходен твит кажа дека Твитер „целосно ја задушил слободата на говорот“.

Извршниот директор на Твитер Џек Дорси одговори на критиките за политиката на проверка на фактите во низа постови, кажувајќи: „Ќе продолжиме да ги истакнуваме неточните или оспоруваните информации за изборите на глобално ниво“. Твитер ја заостри својата политика во последните години соочен со критики дека неговиот практичен пристап помага во ширењето дезинформации.

Твитеровата одлука веројатно ќе отвори нови прашања за спремноста на компанијата доследно да ги применува ознаките за проверка на фактите на останатите твитови на Трамп, истакнува Си-ен-ен додавајќи дека некои корисници го критикуваат Твитер бидејќи за спорните твитови компанијата не наведе конкретно дека содржат лажни информации.

Во спорните твитови лажно се тврди дека калифорнискиот гувернер испраќал гласачки ливчиња преку пошта „за секој кој живее во државата, без оглед кои се и како стигнале“.

Иако Трамп имаше сличен пост и на Фејсбук, таа компанија не реагираше на неговите невистинити тврдења како што тоа го направи Твитер. За тоа во интервју за Фокс њуз зборуваше Марк Закерберг кажувајќи дека цврсто верува „дека Фејсбук не би требало да биде арбитер на вистината за сѐ што луѓето ќе го кажат на мрежата“.

Рамнотежата меѓу слободата и лагата

Твитер воспоставува коректна рамнотежа меѓу слободата и лагата, укажува колумнистот на Блумберг Кас Санстин, истакнувајќи дека платформите на социјалните медиуми не би требало да судат за вистината, но би морале да го насочат претседателот на одговорност.

Твитер, кој има еден куп формални правила осмислени за борба против лажните податоци, реши неделава да ги примени правилата на твитот на Трамп во кој американскиот претседател изнесе погрешни тврдења за гласањето преку пошта. Блумберг додава дека заканата имала директен ефект врз акциите на Твитер кои многу брзо драматично паднаа.

Треба да биде јасно, укажува Санстин, дека пристапот на Твитер целосно е во согласност со актуелните политики, а и дека е мошне благ. Твитер не го избриша твитот на Трамп, ниту пак беше кажано дека е лажен – неговото мало знакче им кажа на луѓето како да дојдат до „потврдени факти“.

Во целата приказна постои иронија во која Трамп ја истакнува вредноста на слободата на говорот, а главната цел на слободата на говорот е да се обезбеди информирана јавност, истакнува Санстин. Околу невистинитите твитови, политиката на Твитер ја промовира таа вредност – што значи дека треба да се пофали, а не да ѝ се заканува, заклучува колумнистот на Блумберг.

Стравот од проверката на фактите

За првпат во својата кратка историја Твитер неделава стана политичко прашање поставувајќи ознаки за предупредување на твитови на Трамп, што во сферата која досега му користеше само на Трамп се доживува како голема победа на вистината, напиша во својот коментар за лондонски Индипендент американската авторка Хана Селинџер.

Трамповиот гнев поради транспарентноста на некој начин е најтранспарентниот показател на она што тој го сака, а тоа е лиценца за изработка на сопствена реалност – дозвола да се однесува како сака, пишува Селинџер.

Со заканата дека ќе го затвори Твитер, Трамп беше поискрен пред американскиот народ, од кога било претходно. Проблемот на Трамп е што „нема кампања без своите лаги“ и се плаши од проверка на фактите бидејќи знае дека фактите ќе го урнат. „Фактите се анатема на неговиот адут“, заклучува Селинџер во коментарот.

Кога Трамп почувствува потреба за кавга со Твитер, не се обрати преку Фејсбук или Јутјуб. Се сврте кон Твитер, истакнува во својата анализа Ен-би-си њуз додавајќи дека Трамп тешко ќе се раздели од платформата која му го отвори патот низ политиката.

Трамп во последните години преку својот профил на Твитер објави разни навреди, караници и лажни теории – сѐ до вторникот кога неговите твитови беа етикетирани со предупредување за потреба за проверка на фактите.

Колку и да се лути на компанијата, Трамп нема ниту еден сличен апарат за глобално емитување на своите ставови. Иако го нема досегот на Фејсбук, сметаат експертите, Трамп на Твитер има медиуми, ботови и владини функционери за да ги шират неговите пораки.

Исто така, истакнува Ен-би-си њуз, Твитер во повеќе наврати кажа дека нема намера да го отстранува Трамп од платформата, без оглед на тоа што го кажува. „Веруваме дека е важно светот да види како глобалните лидери размислуваат и како дејствуваат“, кажа Дорси минатата година за Хафингтон пост.

Членот 230

Трамповата наредба за социјалните мрежи би можела да ѝ наштети на една личност особено: на Доналд Трамп, пишува Њујорк тајмс.

Без одредена заштита од одговорноста, компаниите како Твитер би можеле да бидат поагресивни околу предупредувачките пораки за невистинитите тврдења.

Тоа, нормално, не е резултатот што го сака Трамп, укажува американскиот весник. Тоа што тој го сака е слобода за објавување на сѐ што му се допаѓа, а компаниите да не ги применуваат ознаките на неговите пораки, како што Твитер направи неделава.

„Иронично е што Трамп е голем корисник на членот 230“, кажа Кејт Руејн, виша законодавна советничка на американската Унија за граѓански слободи, која веднаш се спротивстави на предложениот указ. „Ако платформите не се имуни пред законот, не би ризикувале правна одговорност до која може да дојде со низата лаги, клевети и закани на Доналд Трамп“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Оваа парафраза на големиот Иво Андриќ, нобеловец и водечко книжевно име на Балканот, за малку ќе го погодеше лично него.

повеќе

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе