Анализа на Си-ен-би-си

Трамп официјално ја призна израелската анексија на окупираната Голанска висорамнина. Еве што значи тоа

Претседателот Доналд Трамп во понеделникот вечерта ја збогати својата колекција на шокантни надворешнополитички потези потпишувајќи проглас за официјално признавање на израелската анексија на Голанската висорамнина, која Израел ја грабна од Сирија во 1967 година и оттогаш ја држи под окупација, вели Си-ен-би-си.

Одлуката е крупна од неколку аспекти. Администрацијата на Трамп е уште едно отфрлање на повеќедецениската политика на САД; го признава израелскиот суверенитет над една територија меѓународно признаена како сопственост на арапска држава; и се смета за поттик за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред изборите во Израел.

Исто така, таа им ги заматува сметките на арапските сојузници на Вашингтон, чии населенија се против израелските напади врз арапските територии.

Покрај тоа, некои ова го нарекуваат двоен стандард од аспект на американската реакција на руското анектирање на украинскиот полуостров Крим.

„Американското признавање на анексијата е спротивно на меѓународното право“, изјави Јан Бремер, основач и извршен директор на консултантската фирма „Еуроазија груп“.

„Русите ќе го искористат ова за легитимизација на својата анексија на Крим“, додаде тој. „Плус, ова ќе ги отежни обидите за мировниот план“.

 

САД стојат сами

Потпишувањето, кое се одржа во Белата куќа во присуство на Нетанјаху, ги прави САД единствената земја во светот покрај Израел што ја признава припоената територија, која ги вклучува западните две третини од Голан.

Нетанјаху потегот го нарече „историски“, додека Сирија го нарече „очигледен напад врз нејзиниот суверенитет“ и вети дека ќе си ја врати територијата со „сите расположливи средства“. Ердоган вети дека ќе преземе дејства против САД во ОН, додека Франција, Германија и Русија побрзаа да го изразат своето противење.

Нетанјаху, исто така, му се заблагодари на Трамп и за неговото контроверзно преместување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим во мај минатата година и за повлекувањето од нуклеарната спогодба со Иран од 2015 година.

Портпаролот на Обединетите нации пренесе дека генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш бил „кристално јасен дека статусот на Голан не е променет“ - според Резолуцијата 497 на Советот за безбедност на ОН од 1981 година, израелската управа на територијата е „ништовна и неважечка“. Израел го задржува правото да остане таму заради своја сопствена безбедност.

Аргументот со безбедноста е присилен, велат аналитичарите - САД и Израел ги гледаат иранските сили како ја користат Сирија како лансирна база за нападите врз Израел, а Голан е првата линија на фронтот. А признавањето од Вашингтон дојде неколку часа откако ракета лансирана од појасот Газа погоди станбена област северно од Тел Авив.

 

Што е сменето со ова?

Но и покрај меѓународната реакција на прогласот на Трамп, ова веројатно нема да смени ништо во статус квото на теренот, велат експертите.

„Во однос на фактите на теренот, не се менува многу“, рекол за Си-ен-би-си во вторникот Греам Грифитс, виш аналитичар во Контрол рискс. „Израел ја окупира оваа територија веќе со децении, но ова симболично признавање од страна на САД претставува пресвртна точка и повторно покажува до кај е спремна да оди администрацијата на Трамп за да ги погази досегашните принципи на политиката на САД и за да го поддржи премиерот Нетанјаху во Израел“.

„Се сомневам дека одлуката на САД суштински ќе ги промени работите на теренот“, се согласува Бремер, истакнувајќи дека Израелците ја држат територијата повеќе од 50 години, а Сирија е меѓународен отпадник. „Значи, немало притисок врз Израел да се повлече од постојното статус кво... Не е веројатно дека ќе има големо влијание“.

Но во смисла на тоа дали ова ќе му донесе на Трамп нови пријатели на Блискиот Исток, „дефинитивно нема“, вели Греам. И додека арапските држави во Заливот уживаат најтопли односи со Белата куќа последниве неколку години, ваквите потези не изгледаат добро дома за Саудијците и за другите големи сојузници на Трамп.

„Не мислам дека тоа ќе го смени фундаменталниот пристап на Саудијците кон администрацијата на Трамп, сепак мислам дека тие се многу среќни, но ова сигурно им е непријатно“, вели Грифитс за лидерите на саудиското кралство.

„Тие мора да продолжат да играат со јавното мислење во регионот, и исто како и со потегот во Ерусалим, многу потешко им е да го прават тоа, особено бидејќи немаат ништо конкретно во смисла да им помогнат на Палестинците.“

Критичарите велат дека тоа исто така може да ѝ наштети на безбедноста на Израел, преку зацврстувањето на иранските желби да останат во Сирија за да му се спротивстават на Израел и со елиминирање на секоја шанса за мир со идната сириска влада.

Во меѓувреме, Бремер вели дека овој поттик од страна на Трамп можеби е од голема корист за Нетанјаху во периодов пред националните избори во Израел на 9 април, што се сметаше за најголем проблем за премиерот досега.

„Поддршката од Трамп би можела и да ја смени играта“, рече тој, истакнувајќи дека Нетанјаху е во центарот на серија скандали и обвиненија за корупција.

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе