14 месеци пред изборите во 2020

Трамп може да нанесе повеќе штета од Никсон

Аферата Вотергејт го урна претседателот во вториот мандат. Ако Трамп преживее и повторно ја освои Белата куќа, сè е неизвесно.

Разликата помеѓу злоупотребата на позицијата на Ричард Никсон (се обиде да се дограби до валкани детали за политичките противници за да биде реизбран во 1972 година) и Доналд Трамп (се обиде да го натера претседателот на Украина да дознае валкани детали за политички противник за да ги зајакне своите шанси за реизбор во 2020 година и потоа го заташка тоа) не е само во тоа дека случајот на Никсон содржи небрежен грабеж во Вотергејт, а Трамповиот вклучува една странска земја.

Поентата е дека злоупотребата на Никсон беше откриена за време на неговиот втор мандат, откако веќе беше реизбран. Тој сè уште беше опасен измамник, но дотогаш веќе немаше причина да ѝ прави повеќе штета на американската демократија, тврди американскиот професор по економија и политички коментатор Роберт Раиш.

Злоупотребата на Трамп е откриена 14 месеци пред изборите во 2020 година, во време кога тој сè уште ја има секоја можна иницијатива да направи сè што може за да победи.

Доколку специјалниот советник Роберт Малер најдеше конкретни докази дека Трамп побарал помош од Владимир Путин во пронаоѓањето „валкана долна облека“ за Хилари Клинтон во 2016 година, тоа ќе беше доказ што може да му стави крај на претседателствувањето на Трамп.

Откако е откриено дека Трамп барал од претседателот на Украина Володимир Зеленски компромитирачки факти за Џо Бајден за изборите во 2020 година, кој може да каже дека и овојпат не барал помош од Владимир Путин?, прашува Раиш.

Вашингтон пост објави дека Трамп на состанокот во Овалната канцеларија во 2017 година им кажал на двајца руски функционери дека не е загрижен за мешањето на Москва во изборите во САД, бидејќи САД го правеле истото и во други земји. Поради ова, официјалните претставници на Белата куќа го ограничија пристапот до изјавите на Трамп.

Професорот Раиш вели дека Трамп сега е во подобра позиција да прави вакви договори отколку што беше во 2016 година затоа што како претседател има купишта американска воена помош и меѓународни заеми и грантови што можат да го направат животот на некој странски лидер многу удобен или, доколку биде одбиен, исклучително тежок.

 

Разговорите со странските лидери се строго доверливи

Сижето на состанокот на Трамп со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и амбасадорот во САД Сергеј Кисљак беше достапно само за неколку функционери, за да се спречи објавување на коментарите на претседателот, вели Пост цитирајќи цитирајќи поранешни функционери.

Свиркачот од разузнавачката заедница што поднесе жалба против Трамп рече дека белешките од другите претседателски разговори со странските лидери се чуваат во строго доверлив компјутерски систем, што е отстапување од вообичаената практика, за да се заштитат информациите што се политички деликатни, а не од причини за национална безбедност.

Си-ен-ен објави дека ограничувањето на пристапот до разговорите на Трамп со странските лидери важи и за телефонските разговори со саудискиот принц престолонаследник Мухамед бин Салман и рускиот претседател Путин.

Високата советничка на Белата куќа Келиен Конвеј им рече на новинарите дека постапката на чување на снимките од разговорите на Трамп со светските лидери се сменила во почетокот на неговиот мандат, откако протекоа разговорите со претседателот на Мексико и со премиерот на Австралија.

Видовме дека Трамп за лична корист ги користи сите механизми до кои може да стигне, и дека тоа му е вештина на преговарање, вели Роберт Раиш, алудирајќи на книгата на Трамп во која ги опишува тајните на деловниот успех.

Тој не очекува јавниот обвинител Вилијам Бар да го заштити изборниот процес во 2020 година, со оглед на записот од телефонскиот разговор на Трамп. Тој го повикува Зеленски да соработува со обвинителот во истрагата за Бајден, па дури му вели и дека Бар лично ќе го повика.

Познато е и дека одделот на Бар заклучил дека Трамп не постапил незаконски и му кажал на директорот на националната разузнавачка служба да не ја доставува жалбата на свиркачот до Конгресот.

Раиш потсетува дека Бар е истиот оној што, не случајно, рече дека извештајот на Малер ја ослободува кампањата на Трамп од обвинението за заговор со Русија, и покрај тоа што Малер откри дека кампањата радосно ја прифатила помошта од Русија, и кој рече дека Малер заклучил дека Трамп не ја опструирал правдата иако Малер одби конкретно да го каже тоа.

„Бар не работи за Соединетите Држави. Тој работи за Трамп, исто како и Руди Џулијани и сите останати послушници и полтрони“, истакнува Раиш.

Тој додава и дека е среќа тоа што некои во владата сè уште ги вршат своите задачи и дека Американците му се должни на анонимниот разузнавач што ги пријави разговорите на Трамп со претседателот на Украина, и на Мајкл Еткинсон, генералниот инспектор на разузнавачката заедница, кој сметаше дека жалбата е од „алармантно значење“.

„Меѓутоа, за изборите во 2020 година да бидат легитимни, на нацијата ѝ требаат многу повеќе свиркачи и функционери со интегритет“, додава американскиот професор.

Тој посочува дека во текот на изминатите две и пол години, Трамп покажал дека е подготвен да го прегази секој можен аспект од американската демократија што ќе му застане на пат - напаѓајќи ги медиумите, користејќи ја функцијата за лична корист, поставувајќи свои луѓе во сојузните судови, вербално напаѓајќи ги судиите, трошејќи пари на начин што не го одобрил Конгресот и поткопувајќи ја поделбата на власта.

„Тој верува дека е непобедлив. Сега го предизвикува целиот наш уставен и политички систем да го спречи“, вели професорот.

 

За импичмент е важна злоупотребата на функцијата, а не кривично дело

Правните експерти велат дека демократските пратеници имаат силен аргумент за отповикувањето на Трамп ако докажат дека ја злоупотребил својата позиција кога го замолил претседателот на Украина да го „провери“ неговиот политички ривал.

Тие посочуваат дека централното прашање во истрагата за отповикување е дали тој го ставил својот интерес над интересите на нацијата со уценувањето на Украина преку обезбедување помош во замена за инкриминирачки информации. Доказите за прикривањето ќе ги зајакнат аргументите за импичмент, велат тие.

„Соединетите Држави имаат национален безбедносен интерес во Украина и се чини дека претседателот го ризикува тој интерес во замена за политичка корист“, вели Луис Мајкл Сејдман, професор по право од Џорџтаун.

Професорот Раиш смета дека вистинската вредност на формалниот импичмент што е во тек е да му се стави до знаење на Трамп дека не може да помине неказнето доколку ја злоупотреби својата позиција за да биде реизбран.

„Тој ќе продолжи да се обидува, но барем линијата е повлечена и сега сите чекаат. Без оглед како ќе заврши импичментот, предаторството на Трамп може да се заузда ако неговата функција заврши на изборите во 2020 година. Ако тој изборен процес се наруши и овој човек повторно биде избран, никој не знае што нè чека“, вели Раиш.

Ако Претставничкиот дом, предводен од демократите, ги усвои сите членови од импичментот, Сенатот, кој го контролираат републиканците, ќе одлучи дали ќе го прогласи Трамп за виновен и ќе го смени.

За импичмент се потребни 218 гласа, едноставно мнозинство во Претставничкиот дом од 435 члена. За да биде прогласен за виновен се потребни две третини од гласовите во 100-члениот Сенат, односно 67 гласа.

Според Уставот на САД, претседателот може да биде отповикан за „предавство, подмитување или други високи кривични дела и прекршоци“.

Правните експерти велат дека разговорот на Трамп со Зеленски, кој барал американски проектили, го прекршил статутот за мито или законот за финансирање кампањи, што е кривично дело на барање корист за кампања од странски државјанин, вели Ројтерс.

Сепак, за време на истрагата за импичмент, пратениците не мора стриктно да се придржуваат до законските дефиниции и можат пошироко да проверуваат дали Трамп ги користел овластувањата за лична корист, велат експертите.

„Дали станува збор за кривично дело или не не е важно за целите на импичментот. Барањето од странска земја да дава валкани детали за кампања во замена за оружје е злоупотреба на власта и точно она за што творците на Уставот верувале дека ќе го оправда импичментот“, вели поранешниот федерален обвинител Хари Сендик.

Трамп рече дека во неговиот разговор со Зеленски нема ништо спорно. Тој негираше дека извршил притисок врз украинскиот претседател да го провери Бајден, за кој Трамп вели дека незаконски се обидел да спречи украинска истрага за компанија поврзана со неговиот син Хантер.

Нема докази дека Бајден ја користел позицијата потпретседател за да му помогне на својот син.

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе