Ја смени одлуката за организирање на самитот Г7 во своето одморалиште

Трамп мисли дека и понатаму е угостител

Претседателот на САД беше изненаден од отпорот на кој наиде неговата сега веќе сменета одлука следниот самит на групата Г7 да го организира во своето голферско одморалиште на Флорида, изјави вчера шефот на неговиот кабинет, додавајќи дека Трамп себеси сѐ уште се гледа во угостителскиот бизнис.

Трамп во саботата на Твитер објави дека се откажува од плановите во јуни од го организира самитот Г7 во одморалиштето Трамп нешнал Дорал во близина на Мајами, наведувајќи го „лудачкото и ирационално непријателство“ на демократите и медиумите.

Тој наведе дека ќе побара друга локација, најверојатно Камп Дејвид.

„Беше искрено изненаден од степенот на отпорот“ на првичната одлука, кажа шефот на кабинетот на Белата куќа Мик Малвејни за Фокс.

„Тој сепак себеси и понатаму се гледа во угостителството, и гледаше шанса да ги собере најголемите светски лидери и да им го приреди најдоброто можно шоу, најдобрата посета и беше убеден дека тоа ќе го направи во Дорал“, кажа Малвејни. Тој истакна и дека Трамп никогаш не немал намера да заработи од организацијата на собирот.

Г7 е групата на водечките светски економии составена од САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Британија.

„Мислам дека е исправно што ја смени одлуката“, кажа Малвејни кој додаде дека за тоа разговарал со Трамп во саботата вечерта.

Токму Малвејни во четвртокот во Белата куќа ја соопшти првичната одлука дека годинешната средба ќе биде организирана на имотот на Трамп. Експертите за етика и голем број пратеници веднаш го критикуваа тој план.

Републиканскиот претседател е соочен со критики и низа конгресни истраги поради финансиите и потенцијалниот конфликт на интереси поради неговиот бизнис со недвижности.

Во моментот во тек е и истрага за импичмент поради обвинувањата дека во однос на Украина се водел од сопствените политички интереси.

Во саботата Трамп на Твитер соопштувајќи дека ја сменил одлуката сакаше да ги истакне и позитивните страни на организирањето на големиот собир во своето одморалиште.

„Мислев да направам нешто многу добро за нашата земја“, напиша тој.

Уставот на САД им забранува на владините функционери да примаат плата, надомести или да профитираат од странски или домашни влади без одобрување од Конгресот, потсетува Ројтерс.

Надзорната група Граѓани за одговорно и етичко однесување во Вашингтон соопшти во саботата дека првичната одлука самитот Г7 да се организира на Трамповиот имот е „вџашувачки корупционерска“, но и дека нејзиното „менување покажува дека притисокот дејствува“.

Откако новинарите побараа подетално да се објасни коментарот дека Трамп и понатаму смета дека е во угостителскиот бизнис, Малвејни кажа: „Тоа е неговото минато. Сакаше да приреди шоу, да се погрижи за тие луѓе. Тој се занимава со хотелиерство, или барем се занимаваше“.

Трамп, како што наведува Политико, постојано се фали со своите недвижности низ светот кога разговара со светските лидери лично или преку телефон.

Порталот, повикувајќи се на три извори упатено во Трамповите разговори со странски функционери, наведува дека таквите негови коментари се толку вообичаени што неговите соработници се постојано приморани да го бранат неговиот невообичаен пристап на мешање на личните бизнис интереси со функцијата претседател.

„Тој ги спомнува своите недвижнини секогаш кога за тоа ќе му се укаже прилика – со вработените, членовите на Конгресот, новинарите, јавноста, странските лидери, со секој“, вели еден поранешен функционер на Белата куќа. „Тоа е тоа со што тој се занимава. Тој е продавач. Тој во последните 50 години ги промовира своите недвижнини, па и сѐ уште тоа го прави, дали намерно или несвесно од навика“.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе