Трамп и Ким мислат дека влегуваат во историјата, аналитичарите не се сигурни

Доналд Трамп и Ким Јонг Ун го нарекоа вчерашниот самит пресвртница во историјата, но во документот што го потпишаа по средбата нема детали за тоа како ќе се реализираат клучните прашања.

На средбата во Сингапур лидерот на најмоќната светска демократија и предводникот на третата генерација на владејачката севернокорејска династија се ракуваа како рамноправни, пред своите национални знамиња.

Ким се согласи на „целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“, веќе прилично излитена фраза која Пјонгјанг во последно време често ја користи.

По денот преполн со насмевки и комплименти во луксузниот сингапурски хотел, Америка, пак, се обврза на безбедносни гаранции за Северна Кореја.

Пред самитот критичарите претпоставуваа дека тоа ќе биде повеќе претстава за јавноста отколку состанок со смислена содржина и за напредок.

Трамп, зборувајќи за денуклеаризацијата, клучната тема на самитот, кажа дека „процесот многу брзо почнува“.

Во текстот што двајцата државници го потпишаа, меѓутоа, не се спомнува претходното американско барање за „целосна, проверлива и неповратна денукларизација“, што се изразите кои инаку се користат за меѓународен инспекциски надзор за откажување од нуклеарно оружје.

Во документот кој има четири ставки, САД и Северна Кореја се обврзаа на развој на нови меѓудржавни односи, изградба на стабилен и траен мир, а Пјонгјанг се обврза и дека ќе ги врати остатоците на заробениците од Корејската војна.

Декларацијата се заклучува со обврска на двете страни дека ќе ги продолжат понатамошните преговори „што е можно побрзо“. Од американска страна ќе ги води државниот секретар Мајк Помпео, а лидерот на севернокорејскиот тим сѐ уште не е познат.

Мелиса Ханам од американскиот центар за нуклеарна непролиферација вели дека ова „Северна Кореја го вети повеќе пати“. Таа додава дека двете страни сѐ уште не се договориле ни за дефиницијата за „денуклеаризацијата“.

Аналитичарите и историчарите едногласно потсетуваат дека Пјонгјанг е мајстор во кршењето на ветувањата. Слични договори веќе беа потпишани во 1994 и 2005 и ниеден не се оствари.

„Не знаеме дали дополнителните преговори ќе доведат до денуклеаризација. Ова повеќе изгледа како симболично продолжување на преговорите таму каде што застанаа пред 10 години отколку некаков голем чекор напред“, смета американскиот аналитичар Ентони Ругеиро.

Трамп и Ким, кои до неодамна се навредуваа еден со друг, во нетралниот Сингапур се опсипуваа со комплименти.

Трамп кажа дека станува збор за „многу паметен човек кој силно ја сака својата земја“ со кој успеал да се поврза. Најави и дека ќе го покани во Белата куќа.

Аналитичарите му замераат на Трамп дека со оваа средба на Ким, диктатор кој рутински ги крши човековите права, само му дал легитимитет.

Ким, пак, во Сингапир кажа дека ја остава историјата зад себе и се обврза на „историска промена“.

„Тоа е голема победа за Ким кој, ако ништо друго, ја има пропагадната алатка дека се сретна со претседателот еден-на-еден“, вели аналитичарот Мајкл Ковриг.

Ким, очекувано, не ѝ се обрати на јавноста по завршувањето на самитот. Трамп затоа на новинарите им кажа дека на Северна Кореја ќе ѝ бидат укинати санкциите кога нуклеарното оружје повеќе нема да биде фактор на Корејскиот Полуостров, но дека американската војска ќе престане со воените вежби насочени кон таа земја и пред тоа.

„Историјата покажа дека непријателите навистина можат да станат пријатели“, кажа Трамп во изјава за медиумите по завршувањето на самитот.

„Нема граници за тоа што Северна Кореја може да постигне кога ќе се откаже од нуклеарното оружје“, додаде тој, повикувајќи се на економските достигнувања на соседните Кина и Јужна Кореја.

Тој кажа и дека би сакал да го посети Пјонгјанг „во соодветно време“.

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

повеќе

Во кичестиот амбиент на магичното Скопје, каде што се изградени огромни споменици на Александровите фалангисти, а знамето на НАТО се вее пред зградата на Генералштабот, во градот поделен на македонски и на албански дел, лебди Бизмарковата геополитичка визија: оној што ја контролира долината на реката Вардар, станува господар на Балканот.

повеќе

Повеќе од 40 години пишувам за самостојноста на македонскиот јазик и идентитет и на моменти бев подложуван и на физички напад поради моите ставови. Јас не би прифатил ништо што го негира признавањето на Македонија.

повеќе