Атлантик

Трамп е најголемата внатрешна закана за американската република од 1870-тите досега

Донал Трамп е фанатик, измамник, немилосрден лажливец и разгален силеџија што им предизвикува непотребно страдање на ранливите луѓе, вели за Атлантик Ричард Примус, професор по право на Универзитетот на Мичиген.

Во говорот минатиот петок, јавниот обвинител Вилијам Бар ги нападна противниците на претседателот Трамп што сметаат дека се вклучени во „отпор“. Вокабуларот на отпорот, рече Бар, сугерира дека сегашната администрација е воена окупација, а не демократски избрана влада. А луѓето што се сметаат себеси за членови на отпор ќе ја водат својата „уништувачка војна“ против администрацијата „на секој можен начин“, во процесот „уништувајќи ги… нормите и поткопувајќи го владеењето на правото“.

Жалењето на Бар дека противниците на Трамп ги уништуваат нормите и го поткопуваат владеењето на правото е малку како Визигот да се жали дека неговите непријатели немаат почит кон градот Рим. Но јавниот обвинител не е единствената личност што ја критикува практиката противниците на администрацијата да се нарекуваат „отпор“. Некои, како Бар, сметаат дека парадигмата на отпорот се стреми да се легитимизираат неоправдани тактики за спротивставување на легитимната власт. Друга вообичаена критика е дека поимот отпор - со или без големо О - е мелодраматична. Архетипскиот (нефиктивен) пример за нешто што се нарекува „Отпор“ функционираше во Франција за време на Втората светска војна. Колку и да е ужасна администрацијата на Трамп, таа не е нацистичка Германија, а луѓето што ѝ се противници не го ризикуваат својот живот на тајни состаноци, секогаш еден чекор пред Гестапо. Така, лесно може да се помисли дека луѓето што својот анти-Трамп активизам го сметаат за отпор, ја загубиле перспективата.

Јас мислам поинаку. Како и многу термини, ОТПОРОТ значи различни работи за различни луѓе. За мене, отпорот значи позиција што го надминува обичното политичко спротивставување; тоа сугерира контекст во кој власта се користи на невообичаено опасни начини и работи против населението со развиена свест, напрегнувајќи се до необичен степен. Вака сфатено, јас го прифаќам терминот: јас сум отпораш. А мојот отпор се заснова на две премиси. Првата е дека претседателувањето на Трамп е морално одвратно и е закана за владеењето на правото. Втората е дека јас сум должен да го надминам нормалното ниво на граѓанска ангажираност за да ѝ се спротивставам на заканата.

Многу луѓе не се согласуваат со мојата прва премиса - дека Трамп е морално одвратен и дека е закана за владеењето на правото. Околу 40 проценти од Американците велат дека го одобруваат работењето на Трамп. Не би требало. Претседателот е фанатик, измамник, немилосрден лажливец и разгален силеџија што им предизвикува непотребно страдање на ранливите луѓе. Тој помилува осудени воени злосторници, ја користи својата функција за лично да се богати и поттикнува странско мешање во американските избори. Тој ќе го прекрши секое правило, ќе ја прекрши секоја норма, ќе го предаде националниот интерес за своја лична корист. Уставниот систем не е изграден така што да може да ја издржи штетата што може да ја нанесе еден несовесен претседател без чувство за самоконтрола. Претседателствувањето на Трамп е најголемата внатрешна закана за нашата република од 1870-тите.

Што се однесува на расудувањето зад втората премиса: цврсто верувам дека Американците можат да одговорат на предизвикот што го поставуваат Трамп и трампизмот. Но не можеме да земеме ништо здраво за готово. Секој владејачки систем на крај заминува, а Соединетите Држави не се магично ослободени од таа реалност. Нашата уставна република МОЖЕ да ги преживее Трамп и трампизмот, но нема гаранција дека ЌЕ ГИ преживее. Тоа зависи од тоа што го правиме, сега и секоја недела додека не помине опасноста. За успешното навигирање на таа опасност ќе биде потребен голем напор од голем број луѓе.

Потребниот напор има и практични и психолошки аспекти. Практично, отпорашите треба да посветат време и енергија, активно, на работа што има влијание во реалниот свет. Голем дел од мојот отпор е во форма на правна работа - голем дел од него преку организацијата Заштитете ја демократијата. Но луѓето без правни дипломи можат да ја вршат теренската работа на политичко организирање, а секој што познава луѓе што сè уште не се убедени дека Трамп мора да биде запрен, може да проба да ги убеди да размислуваат поинаку. Тоа е тешко, но ниту една република што вредело да се спаси не била спасена лесно. И секој што познава луѓе што мислат дека Трамп е лош, но молчат, може да ги охрабри тие луѓе да прозборуваат. Секоја недела отпорашите треба да одговорат на прашањето: „Што направив јас за да се реши проблемот?“

Психолошки, отпорашите мора да продолжат да потврдуваат дека однесувањето на администрацијата е неприфатливо, дури и сега откако се навикнавме да го очекуваме. Не смееме да го нормализираме патолошкото. А во околина каде што патолошкото се излева како потоп, за да се избегне нормализирањето, потребен е активен отпор, и како ментална состојба и како практична програма. Оваа поента, како и секоја друга, објаснува зошто „отпорот“ е соодветна парадигма. Ако не се спротивставиме, се приспособуваме. И следнава поента да ја кажеме што е можно понемелодраматично: ако се приспособиме, републиката е изгубена.

Бар замислува, или барем тврди, дека самоидентификуваните отпораши ќе користат секакви тактики за да ги постигнат своите цели, затоа што тие самите се убедени дека нивните цели оправдуваат какви било средства. Тоа е погрешно. Мојот отпор се обидува да ги одбрани обичната пристојност и владеењето на правото и моите методи треба да ги одразуваат тие вредности. Ова не го велам како забрана за некои луѓе што му се спротивставуваат на Трамп (како некои луѓе од која било политичка ориентација) да прават работи што не би требало. Но луѓето со кои јас работев на овој отпор не ги напуштија своите етички компаси, своето чувство за пристојност или својата посветеност кон владеењето на правото.

Кога дејствувам против администрацијата, јас и другите адвокати што работат со мене секогаш мислевме дека даваме валидни правни аргументи. Ние не ги искривувавме фактите и не ги повикувавме судиите да го нарушат законот за да пресудат против Трамп. Ниту, пак, сметам дека е вистина, како што бранителите на претседателот честопати обвинуваа, дека судските пресуди што се против Трамп се производи на некој беззаконски отпорашки начин на размислување во самото судство - т.е. судии што не го почитуваат законот за да ја попречат администрацијата. Судиите се само луѓе, и тие имаат пристрасност - некои сигурно работат против оваа администрација (а други работат против луѓето на кои администрацијата им наштетува). Но, со мал број исклучоци, судските пресуди што се донесени против администрацијата на Трамп мене ми се чинеа правно коректни, што не вклучуваат компромис во однос на владеењето на правото. Така и треба. Целта, на крајот на краиштата, е да се заштити владеењето на правото, а културата на владеење на правото, откако ќе се загуби, тешко е повторно да се изгради.

Она што го разликува овој политички ангажман од другите форми на политичко ангажирање не е дека целите оправдуваат секакви средства. Наместо тоа, она што е невообичаено е одлуката да трошиме време и ресурси на оваа борба, наместо на работи што би ги правеле во подобри времиња. Јас лично сакам да бидам учител и научник, а не адвокат и активист. Но императивот да се спротивставиме го наложува она што го правиме.

Јас, се разбира, знам дека мојот личен отпор не може да ја спаси републиката. Но отпорот на сто илјади луѓе може. Моја одговорност е да бидам еден од нив, наместо да си седам дома. А овој отпор ќе успее само ако многу луѓе пробаат да се спротивстават, дури и кога знаат дека нивниот индивидуален отпор не може да направи разлика. Можеби тоа е точно за секој отпор, повеќе или помалку.

Од сите споменати причини, размислувањето за спротивставување на администрацијата на Трамп од аспект на отпор не значи дека отпорот треба да биде како кревањето железнички шини во воздух во Франција во 1940-тите. Но се надевам дека, во иднина, во отпорот кон Трамп ќе се репризира една од одликите на тоа претходно искуство. Откако таа битка конечно беше добиена, сите тврдеа дека биле во отпорот.

Пандемијата со коронавирусот започна во време кога довербата во институциите беше на рекордно ниско ниво. 

повеќе

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе