Радио слободна Европа

Трагедијата на украинскиот авион го поткопа наративот на Техеран за американското соборување ирански авион во 1988

Откако Иран на 8 јануари собори украински патнички авион, некои потсетија на еден случај во 1988 година кога САД урнаа ирански комерцијален авион, што Техеран честопати го користеше во текот на изминатите 30 години за да го критикува Вашингтон. Аналитичарите велат дека неодамнешната трагедија го поткопува користењето на соборувањето на авионот на летот 655 на Иран ер за антиамериканска пропаганда од страна на свештеничкиот естаблишмент.

Ненамерното иранско соборување на украинскиот патнички авион, во кој загинаа 176 лица, меѓу кои и многу Иранци, потсети на една слична трагедија: американското соборување ирански авион во 1988 година над Ормускиот теснец, при што загинаа сите 290 лица во авионот, меѓу кои и 66 деца, пишува Радио слободна Европа.

Во изминатите три децении иранскиот клерикален естаблишмент честопати ја користеше таа катастрофа - која се случи во екот на тензии меѓу Техеран и Вашингтон - како пропагандна алатка против, како што го нарекуваше, „државниот тероризам“ и неговото непочитување на човечките животи, сугерирајќи дека Морнарицата на САД намерно го соборила авионот на летот 655 на Иран ер.

Сепак, велат аналитичарите, наративот на Техеран за воздушната трагедија во 1988 година против САД е нарушен по уривањето на украинскиот авион на 8 јануари, поради „човечка грешка“ на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).

„Тоа покажува дека вакви грешки може да се случат во обучена армија, дури и во иранската. Грешки во војна може да се случат дури и во најдобрите армии - обата инциденти покажуваат колку разорни може да бидат ваквите грешки“, рече Афшон Остовар, професор за прашања од националната безбедност во Морнаричкиот постдипломски факултет во Калифорнија.

Санам Вакил, заменик-директор на програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во Чатам хаус во Лондон, вели дека соборувањето на украинскиот авион го доведува во прашање „иранскиот тридецениски наратив на жртва во врска со истата американска акција во 1988 година“.

Соборувањето на украинскиот авион предизвика гнев во Иран поради обвинувањата за несовесност на иранските власти и занемарување на обичните Иранци во време на ескалација на тензиите со Соединетите Држави.

Инцидентот се случи неколку часа откако Техеран изврши ракетен напад врз две ирачки бази со американски војници како одмазда за американскиот атентат врз воениот командант Касим Сулејмани на 3 јануари.

Многумина прашаа зошто на цивилни авиони им било дозволено да летаат кога воздушните сили биле во состојба на готовност за потенцијална одмазда кон САД, додека истовремено го критикуваа Техеран што го одложил признавањето на вината дури три дена по трагедијата, и тоа под зголемен притисок од Западот.

Остовар вели дека од сега, иранската влада не може да го изнесува американското соборување на иранскиот авион во 1988, а Иранците да не помислат дека нивната влада го соборила украинскиот авион.

„Соборувањето на (украинскиот) лет ПС752 не само што ја засени секоја пропагандна победа на ракетниот напад на ИРЦГ (врз американските бази во Ирак), туку ги помрачи сите симпатии стекнати со убиството на Сулејмани“, рече тој за РСЕ.

Сепак, Реза Акбари, програмски менаџер во Институтот за известување за војна и мир, рече дека припадниците на тврдокорните линии во иранскиот естаблишмент се обидуваат вината да ја префрлат кај Соединетите Држави.

„Коментаторите од тврдокорните линии на државната телевизија се обидуваат да го спинуваат инцидентот како воена загуба - помала цена за обезбедување на границите на земјата. Некои инсајдери во режимот и функционери во ИРЦГ почнаа вината да ја префрлаат на САД, тврдејќи дека администрацијата на Трамп го почнала циклусот на ескалации“, рече тој.

Иранскиот претседател Хасан Рохани минатата недела вети истрага за „непростливата грешка“, додека портпаролот на судството, Голамхосеин Есмаили, рече дека имало апсења, но не даде детали.

Акбари вели дека спротивно на тврдокорните, Рохани и неговата влада го прифаќаат пристапот на прифаќање на вината, сугерирајќи дека ставот на Техеран е различен од тој на Американците, кои никогаш официјално не се извинија за соборувањето на авионот во 1988 година.

„Иран јавно се извини и верува дека неговото признавање вина покажува одговорност и храброст“, додаде Акбари.

Врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи - за разлика од нив - повика на национално единство и ги брани вооружените сили на земјата по гневните протести за трагичниот инцидент.

„Иранскиот народ сака отпор кон светските сили, а не капитулација“, рече 80-годишниот лидер кога се обрати на молитва во петокот, првпат по осум години.

Хаменеи ги обвини непријателите на Иран дека го користат падот на авионот за да ја доведат во прашање Исламската Република и нејзините вооружени сили, вклучувајќи ја и елитната Револуционерна гарда, за која рече дека „ја одржува безбедноста на Иран“.

Соборувањето на авионот на Иран ер на 3 јули 1988 година се случи во последните денови на војната меѓу Иран и Ирак и ја шокираше земјата, во чии медиуми беа објавени мачни слики од мртвите и од нивните ужалени роднини во агонија, кои одново и одново се прикажуваа секоја година за време на комеморациите.

Соединетите Американски Држави прво негираа дека имаат какви било сознанија за инцидентот.

Подоцна американската морнарица соопшти дека иранскиот патнички авион ербас на рутата кон Дубаи од иранскиот пристаништен град Бендер Абас бил погрешно идентификуван како борбен авион Ф-14 и дека бил соборен со две ракети испукани од американскиот крстосувач УСС Винсенес, кој претходно разменил оган со иранските бродови во Персискиот Залив.

Соединетите Држави не изразија жалење за загинатите во авионот додека ја бранеа процената на капетанот на УСС Винсенес, Вилијам Роџерс. САД, исто така, го обвинија Техеран за тоа дека дозволил „цивилен авион полн со патници да лета по рута над воени бродови во борба“.

Капетанот Роџерс подоцна беше награден со орденот Легија за заслуги, што го налути Иран и го зацементира убедувањето на Техеран дека нападот бил предупредување дека Вашингтон е спремен отворено да застане на страната на Ирак во разорната осумгодишна војна.

„Ако тоа било грешка, зошто му дадовте орден? Ако било грешка, требаше да го казните. Според тоа, вие лажете“, рече претседателот на иранскиот парламент, Али Лариџани, на одбележувањето на 31-годишнината од трагедијата.

Во извештајот на меѓународната комисија од експерти за авијација, неколку месеци по трагедијата во 1988 година, беше заклучено дека серија грешки на американската морнарица довеле до соборување на иранскиот авион.

Соединетите Држави подоцна им платија на семејствата на жртвите десетици милиони долари, откако Техеран поднесе жалба во Меѓународниот суд на правдата.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе