Население „под контрола“

Тјенанмен 30 години подоцна: паметни камери наместо тенкови

Триесет години по крвавото сузбивање на протестите на плоштадот Тјенанмен во Пекинг, тенковите кои тогаш беа наредени на главната градска авенија ги заменија безбројни надзорни камери, поставени за да го држат населението под контрола.

Кинеската Комунистичка партија значително се потруди за да спречи каков било ново демократско движење. Со својот високотехнолошки надзорен систем ги сузбива обидите за отпор на студентите и работничките организации додека се сѐ уште во зачеток.

Партијата, меѓутоа, спроведува и економски реформи кои милиони луѓе ги направија побогати, а со тоа и помалку бунтовни од студентите чии протести на 4 јуни 1989 беа задушени во крв.

Новата кинеска опседнатост со вештачка интелигенција и компјутерско препознавање на лицата дава нова димензија на софистицираност на ионака сложената надзорна мрежа. На полицијата ѝ се овозможува да чукне на вратата на секој што го смета за проблематичен, открија неколку кинески активисти за француската агенција Франс прес.

Други предупредуваат дека инфилтрацијата на власта на универзитетите и укинувањето на „слободномислечките простори“, како независните библиотеки, на луѓето им оневозможува дури и да зборуваат за реформи.

„Поради напредната надзорна технологија тешко е да се дојде до какви било масовни протести како тие на Тјенанмен во 1989 година“, вели Патрик Пун од Амнести интернешнал.

Кинеските цензори го засилија надзорот врз социјалните мрежи, ги следат активностите на милиони луѓе и блокираат каков било политички чувствителен материјал, како она што навистина се случи на Тјенанмен. Неколку денови пред годишнината на тој настан во државата беше блокирана Википедија на сите јазици.

Кинеската полиција сега има и софтвер за препознавање на гласот кој може да идентификува учесници во телефонски разговор, а спроведува и програма за собирање ДНК, предупредува Сијао Кјанг, теориски физичар кој станал активист за човекови права по настаните на Тјенанмен.

Неколку кинески активисти открија за Франс прес дека во комуникацијата користат кодирани апликации за испраќање пораки како Телеграм, но дека им е многу потешко да се сретнуваат во живо поради масовниот видео надзор.

„Просторот за активност на граѓанското општество се стеснува“, вели политичкиот дисидент кој бил во притвор од 2013 до 2016 година.

Тој додава дека за следење на поединци се користат дури и податоци како резервации во хотели и превоз.

Кинеската влада во 2015 година го почна проектот „Остар поглед“, опишан како „сеприсутен, целосно вмрежен, секогаш активен и целосно контролиран“ систем за јавен надзор кој во себе содржи технологија за препознавање лица.

Кина во 2016 на своите улици, згради и јавни простори имаше околу 176 милиони камери, додека САД имаа 50 милиони, според податоците на лондонската истражувачка агенција ИХС маркет. Се предвидува дека бројот на камерите во Кина, држава со 1,4 милијарди жители, до 2022 година ќе изнесува 2,76 милијарди.

Активистите за човекови права предупредуваат дека системите за препознавање лица можат да згрешат и погрешно да идентификуваат поединци, но и дека зависат од бази на податоци кои малку или воопшто не се проверуваат.

Сегашниот изборен модел е причината и генераторот  на сите проблеми на општественото и политичпко уредување на Македонија.

повеќе

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе