Опстана, се спротивстави, го победи Сталин, откако го победи Хитлер

Титовото чудо за спас на државата

Резолуцијата на Информбирото од 1948 ги разниша односите меѓу моќниот СССР и Југославија и денешната судбина на Украина беше избегната благодарение на мудрата политика и меѓународните околности.

Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ) можеше во 1948 година да се најде на удар на моќниот Сојуз на Советските Социјалистички Републики (СССР) и целиот комунистички исток во 1948 година, но до инвазија не дојде благодарение на мудрата политика на Јосип Броз Тито и меѓународните околности што владееја во годините по најразорниот конфликт во историјата на човештвото – Втората светска војна.

Тоа за Вијести го оценуваат хрватскиот и српскиот историчар Твртко Јаковина и Срѓан Цветковиќ, запрашани да повлечат паралели меѓу настаните по Титовото одбивање на Резолуцијата на Информационото биро на комунистичките партии (Информбиро) во 1948 година и денешната руска агресија врз Украина.

„Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија (ЦК на КПЈ) не смета дека одбивајќи да разговара за грешките за кои воопшто не е виновен, го повредил единството на комунистичкиот фронт. Единството на тој фронт не е засновано на признавање измислени и исконструирани грешки и клевети, туку на фактот дали политиката на една партија навистина е интернационалистичка или не“.

Ова е дел од одговорот на ЦК на КПЈ на Резолуцијата на Информбирото за состојбите во Комунистичката партија на Југославија во 1948 година, која ги разниша односите меѓу тогаш моќниот и обединет СССР и ФНРЈ и нивните водачи и дотогашни идеолошки другари Јосиф Висарионович Сталин и Тито.

Јаковина смета дека доживотниот претседател на Југославија направил геостратегиско чудо во 1948 година, нешто што било важно и на глобално ниво.

„Опстана, се спротивстави, го победи Сталин, откако го победи Хитлер (Адолф). Тоа беше првата ‘социјалистичка деколонизација’, а во студеновоената констелација државата ја постави во срцето на Европа, на картата на светот, од маргините дојде во центарот. Затоа таа беше посреќна од другите земји во источна Европа“, вели Јаковина за Вијести.

Според него, ако Тито случајно бил соборен, ако просталинистичката фракција била посилна, ако само се уплашел и се предадел, Југославија ќе беше како Украина или, во најдобар случај, Бугарија.

„Бидејќи бевме многу неразвиени, ќе бевме уште попровинцијални (од денес), стуткани и поделени. Немаше да патуваме, ќе живеевме полошо. Но и тоа на некои ќе им беше по волја, бидејќи голем број Југословени ги сакаа Русите, ги сметаа за идеолошки блиски, религиозно блиски, и мислеа дека би било паметно да се биде во добри односи со земјата што ги контролира сите словенски држави“.

Цветковиќ вели дека Југославија можела да помине како Украина денес ако тоа не го спречеле некои меѓународни околности.

„Она што е несомнено е дека ова е напад на една суверена земја, каква што беше Србија во 1999 година, Ирак, каква што можеше да биде Југославија. Во тоа време, еден од главните фактори беше војната во Кореја, која донекаде го исплаши Сталин дека може да дојде до ескалација на конфликтот, и потоа остана повеќе на таа пропагандна војна, до смртта на Сталин“, вели Цветковиќ за Вијести.

По Втората светска војна, Кореја беше поделена на советска и американска окупациска зона. Граѓанската војна почна на 25 јуни 1950 година, кога комунистичката Демократска Народна Република Кореја ја нападна капиталистичката Република Кореја. Граѓанската војна ескалира кога Соединетите Американски Држави, а подоцна и Кина, влегоа во војната поради студеновоените тензии. Војната заврши со примирје во јули 1953 година, а двете Кореи и денес се два света...

Рускиот претседател Владимир Путин почна инвазија на Украина на 24 февруари оваа година и ги предупреди другите земји дека „секој обид за попречување на руската акција ќе доведе до последици досега невидени во историјата“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 24 февруари прогласи воена состојба низ целата земја. Меѓународната заедница го осуди нападот и повеќето земји, главно западни и членки на НАТО, воведоа остри санкции кон Русија.

Тито го споредуваа со Геринг

Резолуцијата на Информбирото со која Југославија беше исклучена од оваа организација беше донесена на 28 јуни 1948 година, на второто заседание на оваа организација во Букурешт. Југословенската делегација не се појави. Информбирото беше советодавно тело на сите комунистички партии, основано во 1947 година и со седиште во Белград, сѐ до судирот меѓу Тито и Сталин.

Резолуцијата се состоеше од неколку точки, во кои, меѓу другото, се критикуваа отстапувањето на КПЈ од „марксистичко-ленинистичката политика“, „водењето непријателска политика кон Советскиот Сојуз и Советската комунистичка партија (СКП)“, „напуштањето на работничката класа“ и намалувањето на улогата на комунистичката партија за сметка на „Народниот фронт“, кој вклучува различни слоеви на општеството.

Се замеруваше и за наглото донесување „непромислени“ закони, како и дека во партијата нема „внатрешна демократија“, а ни „критика, ни самокритика“. Се бараше и да се смени раководството на партијата.

„Информбирото не се сомнева дека во КПЈ има доволно здрави елементи, верни на марксизмот-ленинизмот, верни на интернационалистичките традиции на КПЈ, верни на обединетиот социјалистички фронт. Задачата на овие здрави членови на КПЈ е да ги принудат своите сегашни лидери отворено и искрено да ги признаат своите грешки и да ги исправат, да го напуштат национализмот, да му се вратат на интернационализмот и со сите сили да го зајакнат обединетиот социјалистички фронт против империјализмот, или ако денешните лидери на КПЈ се покажат неспособни за тоа, да ги сменат и да го истакнат новото интернационалистичко раководство на КПЈ“, се вели во Резолуцијата.

Договорот за пријателство и заемна помош со Албанија од 1946 година и Бледските договори меѓу Тито и бугарскиот комунистички лидер Георги Димитров за економска и политичка соработка во 1947 година се дел од настаните што беа проблематични за Сталин. Му пречеше тоа што во овие важни договори се заобиколуваше Москва.

Иако многумина очекуваа дека Тито ќе потклекне пред притисоците и ќе замине од челото на партијата и државата, тоа не се случи, и покрај „ѕвечкањето со оружје“ на границите на Југославија, опкружена со држави под целосна контрола на Сталин - Унгарија, Романија, Бугарија и Албанија.

„Другар Сталин, престани да праќаш свои агенти во Југославија со наредба да ме убијат. Веќе фативме седум твои луѓе што имаа намера да го сторат тоа. Ако ова не престане, ќе бидам принуден да пратам човек во Москва, а ако го пратам, нема да треба да праќам втор“, наводно му порачал Тито на Сталин.

Цветковиќ вели дека Југославија на никаков начин не го провоцирала СССР во 1948 година и дека раководството било искрено просталинистичко и на некој начин предничело во сталинистичките реформи.

„Обвинувањата на Сталин не беа реални и Тито не му рече ‘не’ на Сталин, туку обратно, Сталин му рече ‘не’ на Тито и се обиде на некој начин да поведе кампања против Југославија дека е фашистичка“. И тогаш лесно се потегнуваа обвиненија за фашизам против југословенското раководство, Тито го нарекуваа Геринг, поради неговата физичка сличност со нацистот Херман Геринг, и се водеше пропагандна битка“, вели Цветковиќ.

Закана со нуклеарна војна

Од друга страна, како што вели, Југославија покренуваше сталинистички реформи, тргна со законот за колективизација на земјиштето и се стремеше уште првата година да докаже дека навистина е на тој пат, дека не е тоа за што ја обвинуваат.

„Дури по поддршката од Западот, кога стана јасно дека работите не можат да се вратат назад, на крајот на 1949 година тргна со поинаква политика, политиката на неврзаност. Се разбира, со пасивна поддршка од НАТО и западните земји, кои даваа економска, политичка и друга помош. Како што западните земји сега ѝ даваат помош на Украина, во однос на нејзината одбрана“, рече Цветковиќ.

Како и денес, потсетува тој, и тогаш постоеше закана од нуклеарна ескалација, што на некој начин го запре конфликтот на ниво на пропаганда.

Според него, прашање е дали заканите со НАТО и со нуклеарна ескалација ќе го запреле Сталин, а последователните искуства на Унгарија и Чехословачка покажуваат дека не би го запреле.

Во 1956 година Унгарците се кренаа против комунистичкиот режим на тогашна Унгарија и нејзините советски патрони и го соборија. Меѓутоа, овој настан, познат како Унгарско востание, доведе до советска воена интервенција и инсталирање нова просоветска влада.

Во тогашната социјалистичка Чехословачка, со доаѓањето на Александар Дубчек на чело на Комунистичката партија и на државата во јануари 1968 година, почнаа реформите и обидот за воведување „социјализам со човечки лик“, што беше вовед во периодот познат како „Прашка пролет“. Раководството на СССР беше против реформите и „Прашката пролет“ беше задушена ноќта помеѓу 20 и 21 август 1968 година, со влегувањето на трупите на Варшавскиот пакт во Прага...

Цветковиќ објаснува дека „црвената линија“ меѓу Истокот и Западот била Југославија, која секогаш беше на границата, дури и во познатиот договор „Фифти-фифти“ (пола-пола), колку и да беше тој декларативен и никогаш не беше формализиран.

Договорот за процентите беше договор меѓу Сталин и британскиот премиер Винстон Черчил за поделба на сферите на интерес на Балканот. Черчил предложи СССР да има 90 отсто влијание во Романија и 75 отсто во Бугарија, дека Обединетото Кралство (со договор со САД) да има 90 отсто во Грција, додека во Југославија и Унгарија би имале по 50 отсто...

Цветковиќ вели дека причината за нападот врз Југославија била личната фрустрација на Сталин, кој во последната фаза од своето владеење барал непријател во секој помоќен, поугледен човек во Русија, а Тито беше водач на едно од најсилните движења на отпорот во Европа, и самиот имаше некаков углед, па го нарекуваа балканскиот Сталин.

„На Сталин му пречеше тоа што југословенското раководство имаше углед и каква-таква независност и некакви идеи за балканска федерација итн. Главната причина е личната пизма и желбата на Сталин целосно да ги контролира тие земји. Југословенското раководство не се закануваше дека ќе биде дел од НАТО пактот, тие економски аранжмани со Западот следуваа дури од 1950-тите. Во моментот на нападот тоа беше големо изненадување за сите. Сталин имаше голем број поддржувачи, особено во Србија и Црна Гора, така што во случај на војна, тоа ќе беше навистина тешка позиција...“, наведува Цветковиќ.

Не треба да се заборави и дека Црвената армија учествуваше во завршните операции за ослободување на Југославија од нацистичка Германија, вклучувајќи ја и битката за ослободување на главниот град - Белград, во октомври 1944...

На расколот меѓу Тито и Сталин му претходеа неколкумесечни преписки (од март до мај 1948 година) во кои учествуваа и нивните луѓе од доверба - Едвард Кардељ од југословенска страна и Вјачеслав Молотов од советска страна. Москва во своите писма укажуваше на „сомнителните марксисти“ (Милован Ѓилас, Светозар Вукмановиќ Темпо, Борис Кидриќ, Александар Ранковиќ), што КПЈ го негираше.

„Ибеовците“ и Голи Оток

Со оглед на тоа што Сталин и по Резолуцијата имаше многу поддржувачи во Југославија, КПЈ тргна во пресметка со неистомислениците.

Тогаш Тито го „создава“ познатиот Голи Оток (логор за политички затвореници на остров во Јадранско Море), каде што ги затвора таканаречените „ибеовци“, односно оние што биле за Резолуцијата на Информбирото (а и оние што не биле тоа). Во следните неколку години низ целата земја ќе се вршат масовни апсења на политички функционери, но и на обични работници и селани за кои постоеше сомнеж дека соработувале или ќе соработуваат со Русите.

Во фељтон објавен во весникот „Дан“ во март 2008 година, чии делови пренесе Би-би-си, Данијела Д. Поповиќ пишува дека од 468.175 члена и 51.612 кандидати за партиско членство во Југославија, само околу 55.000 комунисти гласале за Резолуцијата на Информбирото.

Од тој број, 2.616 биле во раководните органи, а 4.183 биле припадници на Југословенската народна армија (ЈНА).

Сите „ибеовци“ биле исклучени од партијата. Првите што изразија несогласување со овие потези на КПЈ, многу порано, веќе при размената на писма меѓу двајцата лидери, беа тогашните министри Сретен Жујовиќ и Андрија Хебранг.

Обајцата прво беа исклучени од партијата, а потоа и уапсени. Хебранг, наводно, се обесил во белградскиот затвор Главњача, додека Жујовиќ по неколку години робија ги сменил ставовите и подоцна бил повторно примен во партијата.

Според авторката на фељтонот, околу 5.000 комунисти станале политички емигранти, пребегнувајќи во СССР и други земји од Источниот блок, додека на Голи Оток завршиле 16.312 комунисти.

Јаковина: Да поживееше Сталин, Југославија веројатно ќе беше полиберална

На прашањето дали ако Сталин живеел подолго ќе дошло до војна, Цветковиќ одговара дека сѐ ќе зависело од глобалните околности, како што е денес. Сталин почина во 1953 година, пет години по Резолуцијата на Информбирото.

„Тогаш се војуваше со други средства, тоа е економијата, како и сега, пропагандата, и тоа се некои сличности во смисла дека нуклеарната војна никому не му се исплати, всушност невозможно е некој да биде победник. Потоа се воспоставува црвената линија, војната се води преку трети лица, како сега Украинците, или подоцна преку пропаганда, преку разни организации, пари, со поттикнување револуции, опозициски движења во противничките табори итн.“

Јаковина смета дека доколку поживеел Сталин, Југославија веројатно ќе била полиберална и послободна отколку што била.

„Сталин за нас умре – прерано, бидејќи вистинската опасност од интервенција за Југославија и онака беше поголема во самиот почеток, особено во почетокот на 1948 година, иако опасноста беше трајна. Малку се зголемуваше и кога растеше Сталиновата параноја, кога некои работи не му одеа по волја, кога и во земјата беше спремен да прави помалку промислени потези, но откако ФНРЈ престана да биде сама, откако помошта почна да пристигнува од Запад, откако однатре режимот зајакна, се обезбеди, тогаш шансите за ‘Украина на Балканот’ беа сѐ помали“.

Цветковиќ: Претпазливо во судирот на големите сили, без давање поддршки

Цветковиќ вели дека не верува дека конфликтите ќе се прелеат на Балканот, но очекува притисоци.

Смета дека Русија сега е зафатена со Украина и со чистење на теренот пред својот двор, на своите граници.

„Ќе има притисок и земјите од регионот да ги поддржат санкциите против Русија и да ја осудат интервенцијата, како што и сторивме, бидејќи е тешко да не се осуди интервенција што нема основа во меѓународното право, но ќе има притисок и да се воведат санкции и овој простор поцврсто да се инкорпорира во западната сфера на влијание. Очекувам тука притисоци врз сите организации што ќе бидат означени како проруски и дека ќе ја плаќаме цената како народ означен како ‘мали Руси’“.

Тој вели дека треба да се биде претпазлив во овој судир на големите сили, да не се даваат поддршки и да се гледаат сопствените интереси.

„Никако не треба да избрзуваме затоа што влегуваме во голема нестабилност на глобално ниво, а тука малите земји немаат што да бараат и немаат многу избор, но тој избор не треба да биде премногу ризичен бидејќи тука само еден погрешен потег ќе чини судбини на илјадници и илјадници луѓе во наредните, можеби и децении. Значи, сите луѓе ќе страдаат ако некој од политичарите повлече радикален потег што е ризичен“.

Објавено

Понеделник, Март 14, 2022 - 10:32

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе