Отежнување на дипломатските планови на новиот претседател на САД

Тимот на Трамп му поставува политички нагазни мини на Бајден – Куба, Јемен и Тајван

Администрацијата на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп со означувањето на Куба како држава спонзор на тероризам, во своите последните денови на власт го продолжи воведувањето надворешнополитички мерки кои треба да ги отежнат дипломатските планови на новоизбраниот претседател Џо Бајден, оценуваат светските медиуми.

EPA-EFE

На американскиот список на држави спонзори на тероризам, до додавањето на Куба во понеделникот, 11 јануари, се наоѓаа само Иран, Сирија и Северна Кореја, јавува Фајненшал тајмс.

Куба за првпат беше ставена на листата на држави спонзори на тероризам во 1982 година во времето на претседателот Роналд Реган поради, како што тврдеше Вашингтон, долгогодишната поддршка на Хавана на јужноамериканските герилски групи.

Таа ознака ја тргна претседателот Барак Обама во 2015 година во рамки на поширокото поправање на односите меѓу двете земји, што доведе до повторно отворање на американска амбасада во Хавана, укинување на некои економски санкции и прва посета на американски претседател на островот од револуцијата во 1959 година.

Означувањето на Куба како спонзор на тероризам, иако нема да има значителни последици за Хавана, ќе ги искомплицира плановите на претстојната администрација на Бајден за поправање на односите на двете земји, оценува Њујорк тајмс.

Бајден за време на предизборната кампања зборуваше за враќање на поотворениот пристап кон Куба од времето на Обама кој повеќедецениската политичка и економска изолација на Хавана ја нарече реликт од Студената војна.

Бајденовата администрација може да ја тргне Куба од списокот на држави спонзори на тероризмот, но за тоа ќе биде потребна постапка на проценка која може да трае со месеци, истакнува Њујорк тајмс, кој наведува дека во процесот на враќањето на Куба на таа листа е прекршена стандардната процедура на Стејт департментот, бидејќи со тоа се занимавала Канцеларијата за прашања на западната хемисфера, а не како што е вообичаено Канцеларијата за борба против тероризмот.

Со тој потег автоматски се придвижуваат санкциите на САД против Куба кои, меѓутоа, според експертите, веројатно ќе имаат занемарливи ефекти имајќи ги предвид постоечките американски казнени мерки.

Во претходните две години Куба, како што наведува весникот, беше под најинтензивните американски санкции во последните 50 години, што придонесе на голем недостиг од основните намирници како храна и лекови, додека според податоците на кубанската влада минатата година БДП на Куба паднал за 11 отсто.

Новите санкции ќе оневозможат легални финансиски трансакции преку американските институции, како и банкарски трансакции преку трети земји.

Европските банки нерадо вршат плаќања за кубанските државни претпријатија, а враќањето на терористичката ознака, оценува њујоршкиот весник, дополнително ќе ја намали желбата да се ризикува.

Куба е веќе долго време спорно прашање во американската политика, пишува Волстрит џурнал укажувајќи дека Трамп со цврстата реторика кон Хавана ја доби поддршката од многу гласачи со потекло од Куба, како и од другите јужноамерикански земји кои се критични кон островската држава и нејзиниот регионален сојузник Венецуела.

Државниот секретар на САД Мајк Помпео во соопштение наведе дека враќањето на Куба на листата на држави спонзори на тероризмот е оправдано затоа што Куба им пружила засолниште на неколку американски бегалци како жена која беше обвинета за убиство на припадник на полициските сили во Њу Џерси во 1973 година.

Помпео кажа и дека Куба го отфрлила барањето на Колумбија за екстрадиција на 10 припадници на Националната ослободителна армија кои се поврзани со бомбашкиот напад во Богота во 2019 кога беа убиени 22 лица.

Со ставањето на Куба на терористичката листа, американската влада, меѓутоа, не тврдеше дека кубанската влада го поддржувала меѓународниот тероризам, што долго беше критериум на Стејт департментот за вклучување на таа листа, укажува американскиот весник и истакнува дека претставници на американската Демократска партија го отфрлаат потегот како „политизиран“.

Државниот секретар на САД кажа дека Куба заслужила вклучување на листата поради пружањето „безбедно засолниште на терористите“.

Помпео наведе дека Хавана испраќала луѓе за поддршка на разузнавачката служба и обезбедувањето на претседателот на Венецуела Николас Мадуро кој создал „безбедно опкружување“ за терористите да живеат во таа земја.

Во последните денови од власта тимот на Трамп придвижи низа значајни промени со цел да го зацементира своето наследство и да ја ограничи надворешната политика на Бајден, пишува Форин полиси со оценка дека администрацијата во заминување во Јемен, на Тајван и на Куба му поставила нагазни мини на новиот претседател.

Десет дена пред заминувањето од функцијата државниот секретар Помпео најави дека администрацијата ќе го означи јеменското движење Хути, кое има поддршка од Иран, како терористичка организација, и покрај предупредувањето на меѓународните хуманитарни организации дека тоа би можело сериозно да ја попречи испораката на неопходната помош во земјата разурната од војна.

Помпео најави и дека САД ќе ја укинат повеќедецениската политика на „самонаметнати“ ограничувања во контактите на американските и тајванските функционери, што наиде на брза осуда од Пекинг.

Искусните дипломати и надворешнополитички експерти бранот најави во последен момент го опишуваат како збогување на администрацијата во заминување со намера да ја попречи надворешната политика на новата администрација, истакнува американскиот весник.

Иако тие потези нема директно да го спречат Бајден да ја прекине Трамповата надворешна политика, тие тоа политички и дипломатски ќе го отежнат.

Терористичките ознаки во врска со Јемен и Куба ќе бидат незгодно прашање за администрацијата на Бајден, укажува Форин полиси на оценките на експертите и функционерите, затоа што Стејт департментот ќе се соочи со политичкиот товар на докажувањето дека означените ентитети го смениле своето однесување што би го оправдало повлекувањето на таа карактеризација или ќе ризикуваат критики од републиканците во Конгресот за надворешната политика.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе

Граѓаните се преморени од бескрајните, приказни на предавници и патриоти, тирански платформи, договори со Грција, Бугарија, рекети, пописи, тендери,

повеќе

Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

повеќе