Анализа

Тајм: Ширењето на НАТО не е пречка за нова криза на Балканот

Влезот на Македонија во НАТО го означува крајот на една долга битка, но прекројувањето на мапите од регионот, на начин што ќе ги задоволи сите засегнати страни, сè уште е речиси невозможна задача, вели британски Тајмс.

Весникот пишува дека на последната заедничка фотографија на НАТО-сојузниците, за разлика од порано, насмевките се искрени, а чувството на олеснување е опипливо затоа што потпишувањето на протоколот за пристапување на Македонија во воениот сојуз означува ретка победа на Западот во регионот што повторно се најде на првата линија на несогласувањата на големите сили и е во опасност да се сруши под притисокот.

Опишувајќи ја поранешна Југославија како сложувалка што се состои од седум дела - шест поранешни републики плус Косово, Тајмс пишува дека, две децении по крајот на балканските војни, Европската Унија и НАТО им се додворуваат на новородените земји инвестирајќи милијарди долари и ветувајќи членство, во надеж дека со тоа ќе се гарантираат мирот и решавањето на граничните прашања.

Со извесното влегување на Македонија во НАТО и веројатноста дека таа наскоро ќе ги почне и пристапните преговори со ЕУ, северните и јужните делови од сложувалката - Хрватска, Словенија, Црна Гора и Македонија, се вклопени. Меѓутоа, остануваат Србија, Босна и Косово, како срце на регионот и место на кое и понатаму сè може да тргне наопаку, вели британскиот весник. Весникот потсетува дека минатата година претседателите на Србија и Косово преговараа зад затворени врати за договорот за размена на територии, или како што тие го нарекуваат тоа, „корекција на границите“, но дека „сепак, цртањето карта не е толку едноставно“.

Тајмс наведува и дека, ако се постигне договор, Белград ќе ја признае независноста на Косово, отворајќи го патот за Србија да влезе во ЕУ, па тој план го поддржа високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини.

Тајмс потсетува на зборовите на лидерот на косовската опозициска партија Самоопределување, Албин Курти: „Ако се постигне договор за размена на територии, последиците за Косово и на Балканот ќе бидат катастрофални. Дискусиите за размена на територии, како што научивме од историјата на регионот, често доведуваат до раселување на населението врз основа на етничка припадност, а не до промена на границите. Добро знаеме дека ова повеќе нè приближува до војна отколку до мир“.

Во анализата на британскиот весник се тврди дека планот за Косово „вдахнува нов живот во сецесионистичките амбиции на претседателот на Република Српска, Милорад Додик. И, ако почне одмотувањето, малку е веројатно дека тука ќе заврши: нерешените спорови остануваат околу сите граници на поранешна Југославија, со исклучок на границата на Црна Гора со Босна и Косово, па сложувалката од седум дела одеднаш добива потенцијал да експлодира на многу повеќе делови“.

Според мислењето на Тајмс, „огнот дополнително го разгоруваат Турција, Кина, земјите од Заливот и, што е најважно, Русија, кои се натпреваруваат за влијание на Балканот, каде што странското мешање доведе до тоа 20 век да почне со распаѓање на Отоманската империја и да заврши во крвав грч на етнички национализми“.

„И додека Кина и земјите од Заливот во голема мера се занимаваат со трговија и стекнување имот, претседателите Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин се во мисија на освојување на срцата и на политичко влијание, па изградија сојузи со локалните националистички лидери, чија реторика и амбиции речиси не се променети од 1990 година“, вели весникот.

Тајмс потсетува дека за време на минатомесечната посета на Србија Путин рече дека без Русија не може да се постигне решение за Косово. „Како што договорот ѝ се оддалечува на Федерика Могерини додека отчукува часовникот до европските избори, се чини дека Путин се позиционира како гарант на косовскиот процес. И иако Кремљ досега секогаш се спротивставуваше на независност на Косово, аналитичарите велат дека ќе биде подготвен да ја смени насоката ако наградата се поголемо влијание и главоболки за Западот“, се додава.

Русија не се плаши од прекројување на границите - повеќе се плаши од губење на влијанието, велат аналитичарите и додаваат дека Путиновото влијание опаѓа во целиот регион, но се прегрупира во Србија и во Република Српска.

За Александар Вучиќ и за Додик, поддршката од Путин е моќна алатка за пропаганда меѓу нивното во голема мера русофилно население. Русија ги зголеми своите разузнавачки капацитети во Србија во последните три години, а во РС финансира огромна нова православна црква.

Во анализата се потсетува дека БиХ го направила првиот чекор кон членството во НАТО во декември и се предвидува дека Додик веројатно ќе го блокира тој пат. „Но, во исто време, и Вучиќ и Додик едната нога ја држат на Запад, официјално одржувајќи ги шансите за членство на Босна и Херцеговина и на Србија во ЕУ и земајќи огромни суми од претпристапните фондови, иако и едната и другата имаат мали шанси да се приклучат во блиска иднина“, пишува Тајмс.

Кога станува збор за Балканот, дебатата за размена на територии, моќните странски пријатели и воздржаноста на ЕУ зацврстија на власт генерација на лидери што едвај се имаат сменето од крајот на конфликтот, вели весникот и додава дека претседателот на Косово, Хашим Тачи, е поранешен герилски командант кого го обвинуваат за трговија со органи за време на војната 1998-1999 и дека Хаг најверојатно ќе поднесе обвинение против него во следните месеци.

„Вучиќ, кој во деведесеттите години, за време на владеењето на Слободан Милошевиќ, беше министер за информирање, се соочува со растечки бран на протести дома, поради сè поавторитарното владеење и поради планот за Косово“. По повод локалните информации дека обајцата може да бидат номинирани за Нобеловата награда за мир ако до пролетва го расплетат косовскиот јазол, британскиот весник вели дека таквото признание би им донело „огромен кредибилитет во судницата и во бриселските ходници, но дека предизвикува горчливи насмевки во баровите во Белград и Приштина.“

„ЕУ и НАТО се одлучија за стабилност во однос на демократијата и отчетноста, така што на населението не му нудат многу, но им нудат многу на политичките елити“, вели германскиот аналитичар Курт Басунер. 

Кинеското присуство во Македонија не треба да се преценува или стигматизира, туку да се искористи,

повеќе

Земјите од Западен Балкан се соочуваат со нов безбедносен предизвик: дерадикализација и реинтеграција на повратниците.

повеќе

Граѓаните сѐ повеќе ја согледуваат неопходноста од непартиска форма на самоорганизирање.

повеќе