За вториот ден демонстрации

Светските медиуми: Хаотични протести во Белград, солзавец и судири на сите страни (ВИДЕО)

Светските медиуми известуваат за втората вечер протести во Белград, наведувајќи дека полицијата повторно фрлала солзавец кон илјадници демонстранти собрани пред српскиот парламент и дека некои биле повредени, меѓу кои и некои водачи на опозицијата, за време на хаотичните судири.

На вториот ден од протестите за начинот на кој српскиот претседател Александар Вучиќ ја управува кризата со коронавирусот, полицијата интервенираше во центарот на градот со коњи и во оклопни возила за да ги потисне демонстрантите, да постави кордони и да спречи толпата да се врати на платото пред парламентот, пишува агенцијата АП.

Во написот под наслов „Српскиот лидер се откажа од полицискиот час во екот на насилни протести“, агенцијата вели дека вечерашните сцени од централните белградски улици потсетуваат на ерата на покојниот српски владетел Слободан Милошевиќ во 1990-тите години и додава дека тогаш често избивале судири на антивладините протести.

„Под очигледниот притисок на демонстрантите, претседателот денес се откажа од намерата повторно да воведе полициски час во текот на наредниот викенд, велејќи дека мерката не може да се спроведе без да се прогласи вонредна состојба во земјата“, вели АП.

Сепак, тоа не ги спречи луѓето, додава АП, да фрлаат петарди и камења, во обид да ја заземат зградата на парламентот.

„Големо количество солзавец беше фрлено на неколку места. Некои демонстранти превртуваа контејнери и ги палеа, во обид да ја спречат полицијата да ги потисне“, пренесува АП, додавајќи дека судири има и во Нови Сад.

АП наведува дека противниците го обвинуваат Вучиќ дека придонел во растот на бројот на смртните случаи и новозаразените со коронавирусот, бидејќи прерано ги укина рестриктивните мерки.

„Велат дека тој го сторил тоа за да си ја зацврсти власта по парламентарните избори на 21 јуни. Тој ги негира обвинувањата“, вели агенцијата и додава дека Вучиќ на вчерашната прес-конференција изјави дека „странските разузнавачки служби стојат зад синоќешните протести на десничарските и профашистичките демонстранти“, без да прецизира на кои агенции мисли.

Агенцијата Ројтерс пишува дека и синоќа дошло до судир меѓу полицијата и демонстрантите во Белград, „и покрај предупредувањата дека сличните собири би можеле да го шират коронавирусот“.

„Неколку часа пред денешните протести, претседателот Александар Вучиќ го повика народот да престане да учествува во антивладините протести, за да се избегне понатамошно ширење на коронавирусот, предупредувајќи дека во болниците повеќе нема слободни кревети“, вели Ројтерс.

И оваа агенција известува дека Вучиќ ги обвинил десничарските групи и регионалните „разузнавачки службеници“, кои не ги именуваше, за организирање немири „со цел да се поткопа српската позиција“.

Ројтерс вели дека синоќа повеќето демонстранти носеле маски, извикувајќи „Вучиќу, оди си!“

Агенцијата додава дека имало судири меѓу демонстрантите и полицијата и во Нови Сад.

„Иако во вторникот рече дека ќе биде воведен нов полициски час во Белград во текот на викендот, Вучиќ денес изјави дека на крај ги советувал владата и здравствените власти да не го воведат. Тој рече дека владата в четврток ќе објави нова група рестриктивни мерки“, напиша Ројтерс.

Агенцијата потсетува дека критичарите сметаат дека одлуките на владата да дозволи фудбалски натпревари, верски церемонии, забави и приватни собири, како и парламентарните избори на 21 јуни, се виновни за новиот бран на коронавирусот, додека владата за тоа го обвинува недостигот од санитарна дисциплина кај жителите, особено во ноќните клубови.

И Дојче веле известува за синоќешните протести во Белград и во Нови Сад.

„Српските безбедносни сили распоредија оклопни транспортери, полиција и кучиња за време на вечерашниот протест во центарот на Белград. Полицијата употреби солзавец во метежот во Белград и во вториот по големина српски град Нови Сад. Фотографиите од Нови Сад покажуваат оган во Градското собрание. Во Ниш, трет по големина град во земјата, демонстрантите со камења ги гаѓаа просториите на владејачката партија (СНС)“, пишува Дојче веле.

ДВ известува дека во Белград демонстрантите фрлале камења, празни шишиња и петарди кон полицијата и вели дека таа успеала да ги потисне демонстрантите подалеку од зградата на собранието.

„Во градот беа забележани голем број полициски кордони, вклучително и специјални антитерористички единици. Некои демонстранти носеа крстови и други верски симболи и ги повикуваа полицијата и другите демонстранти да се воздржат од насилство, според фотографиите од местото на настанот објавени од телевизијата Н1“, наведува Дојче веле.

Сервисот пишува и дека се повредени некои опозициски лидери, „вклучително и десничарскиот политичар Бошко Обрадовиќ и популарниот актер и политичар Сергеј Трифуновиќ, во обидот да се приклучат на протестите“.

„Иако протестите немаат очигледни лидери, демонстрантите изнесоа неколку барања, вклучувајќи и сменување на кризниот штаб. Тоа тело, во кое се и премиерката Ана Брнабиќ и министерот за здравство Златибор Лончар, воведе драконски мерки во првата фаза на епидемијата, но потоа ги укинаа сите ограничувања, пред неодамнешните парламентарни избори“, пишува Дојче веле.

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе