Гардијан

Светот шокирано гледа што прави Трамп во пандемијата: „Белата куќа сè повеќе личи на Балканот“

Необичното однесување на претседателот додека Американците страдаат предизвикува ужасеност и збунетост, додека сојузниците ги снемува.

Трамповата администрација постојано вели дека Соединетите Држави го „водат светот“ со својата борба со пандемијата, но се чини дека не одат во насока што светот сака да ја следи.

Низ цела Европа, Азија, Африка и Латинска Америка, ставот за начинот на кој САД се справуваат со кризата со коронавирусот е подеднакво негативен, почнувајќи од ужасеност преку потсмев до сочувство, пишува Гардијан.

Неговите пораки, особено онаа за вбризгување средства за дезинфекција, го привлекуваат вниманието низ целата планета.

„Повеќе од два века, Соединетите Држави побудуваа многу широк спектар на чувства кај другиот дел од светот: љубов и омраза, страв и надеж, завист и презир, стравопочит и гнев“, напиша колумнистот на Ајриш тајмс Финтан О'Тул. „Но постои една емоција што никогаш порано никој не ја чувствувал кон САД: сожалување“.

Гардијан вели дека „земјите познати по хроничните проблеми со управувањето“ се чудат поради тоа што се чини дека САД се приклучиле во нивните редови.

Британскиот весник ја пренесува пораката што Есмир Милавиќ, уредникот на телевизијата Н1, неделава им ја испрати на гледачите: „Белата куќа е целосно нефункционална и не зборува со еден глас“.

„Потпретседателот не носи маска, претседателот носи; некои членови на персоналот ја носат, некои не. Секој се однесува како што сака. Како што одминува времето, Белата куќа почнува сè повеќе да личи на Балканот“, рече Милавиќ.

Додека расте бројот на жртвите на ковид-19 во САД, тврдењата на Трамп за глобално лидерство изгледаат неубедливи. Тој минатата недела им рече на републиканците дека имал серија телефонски разговори со Ангела Меркел, Шинзо Абе и други светски лидери што не ги именува, тврдејќи дека „многу од нив, скоро сите, рекоа дека сите веруваат“ дека Соединетите Држави се лидер.

Ниту еден од лидерите што тој ги спомена не кажал нешто што би го потврдило тоа, вели Гардијан и додава дека на секоја пресвртница во кризата, европските лидери биле затекнати од тоа што Трамп не се консултирал со нив - кога, на пример, на 12 март ги укина патувањата во САД од Европа без да го предупреди Брисел.

Една недела подоцна, политичарите во Берлин го обвинија Трамп дека „не е пријателско“ тоа што понудил „големи суми пари“ за да намами германска компанија што произведува вакцини својот истражувачки разгранок да го пренесе во Соединетите Држави.

И ненадејната одлука на Трамп минатиот месец да го прекине финансирањето на Светската здравствена организација предизвика шок. Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, поранешен шпански министер за надворешни работи, на Твитер напиша: „Нема причина да се оправдува овој потег во време кога нивните напори се повеќе од кога било потребни за да се помогне во скротувањето и ублажувањето на пандемијата на коронавирусот“.

Една анкета во Франција минатата недела покажа дека Меркел е светскиот лидер на кој далеку најмногу му се верува. Само два проценти веруваат дека Трамп го води светот во вистинската насока. Само Борис Џонсон и Си Џинпинг влеваат помала доверба.

Испитувањето што неделава го спроведе Британската група за надворешна политика покажа дека 28 проценти од Британците веруваат дека САД се однесуваат одговорно на светската сцена, што е намалување од 13 проценти во однос на јануари, а најмногу доверба загубиле конзервативните гласачи.

Дачијан Чолош, поранешниот романски премиер што сега ја предводи групата Обнова на Европа во Европскиот парламент, неделава го изрази ставот на цела Европа кога беа објавени најновите статистички податоци за жртвите во Соединетите Држави.

„Комуникациските техники за поствистина што ги користат десничарските популистички движења едноставно не функционираат во борбата против ковид-19. И гледаме дека популизмот чини животи“, вели тој за Гардијан.

Низ целиот свет, реакцијата на Трамповата администрација во стилот „Прво Америка“ ги отуѓи блиските сојузници.

Што се однесува на Канада, пресвртот беше наредбата на Белата куќа во април да се запре пратката на многу потребните заштитни маски Н95 за канадските болници.

Премиерот на Онтарио, Даг Форд, кој неколкупати досега му изрази поддршка на Трамп, рече дека одлуката е исто како да оставите член на вашето семејство да „умре од глад“ за време на криза.

„Кога ќе се откријат картите, ќе видите кои ви се пријатели. И мислам дека последниве неколку дена стана многу јасно кои ни се нам пријатели“, рече Форд.

По коментарите на Трамп за дезинфекциските средства, колумнистот на италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, Бепе Северњини, во едно ТВ-интервју рече: „Да се обидете да проникнете во тоа како Трамп размислува е потешко отколку да најдете вакцина за коронавирусот. Тој прво донесе одлука за изолација, а потоа охрабруваше протести против изолацијата што ја промовираше. Тоа е како филм на Мел Брукс“.

Во неколку држави, локалните здравствени власти почувствуваа обврска да пуштат соопштенија за да го побијат „здравствениот совет“ што доаѓа од Белата куќа за пиењето средства за дезинфекција и земањето хидроксихлорокин, лек за маларија за кој се утврди дека не е ефикасен против ковид-19 и дека може да биде смртоносен.

Нигериската влада објави предупредување дека „не постојат цврсти докази дека хлорокинот е ефикасен во спречување или лекување на инфекција со коронавирус“ откако две лица во Лагос беа хоспитализирани поради предозирање со лекот.

Сепак, тоа не беше доволно за да се спречи петкратно зголемување на цената на тој лек, кој се користи и за лекување на лупус и ревматоиден артритис.

И одлуката на Трамп да не учествува во глобалната иницијатива за пронаоѓање вакцина, исто така, наиде на многу осуди.

„Ако постои светски лидер што може да биде обвинет за лошо справување со кризата, тоа е Доналд Трамп, чие првично игнорирање на ковид-19 можеби чинеше илјадници американски животи“, пишуваше во уредничкиот коментар на конзервативниот весник Естадо де Сао Паоло минатиот месец.

Во коментарот се вели дека Трамп решил сериозно да го сфати ковид-19 дури откако „фактите го втераа во ќош“ и се изразува шок поради неговата одлука да го откаже финансирањето на СЗО.

„Дури и според стандардите на неговото сопствено однесување, нивото на безобразлук е фрапантно за носител на функција што до пред само неколку години се сметаше за модел на лидерство за демократски свет“, се вели во уводникот.

Американската реакција на пандемијата никаде не се критикува толку жестоко како во Кина, што не изненадува со оглед на тоа дека Трамп упорно ја потенцира нејзината вина за тоа дека не ја скротила епидемијата во раните фази. Пандемијата стана централна арена на борбата за глобално лидерство помеѓу една докажана суперсила и еден предизвикувач во подем.

Гардијан вели дека постои очигледно чувство на олеснување кај кинеските државни коментатори затоа што испадите на американскиот претседател донекаде го пренасочија гневот од Пекинг.

„Само ако ги натераат Американците да ја мразат Кина можат да постигнат јавноста да не го забележи фактот дека рацете на Трамповиот тим се извалкани со американска крв“, објави весникот Глобал тајмс на англиски јазик во уводникот кон крајот на минатиот месец.

Уредникот Ху Сиџин на Твитер објави: „Американскиот систем порано беше привлечен за многу Кинези.

Но преку пандемијата Кинезите ја видоа неспособноста на американската влада да ја контролира епидемијата, непочитувањето на животот и отворените лаги. Малку остана од политичкиот ореол на Вашингтон“.

Бидејќи не соработуваше целосно со СЗО и поради грубата дипломатија, Кина не стекна многу пријатели, иако испраќаше медицинска помош низ целиот свет, пишува Гардијан.

Сепак, германскиот неделник Шпигл тврди дека Трамп без ничија помош успеал да го поштеди Пекинг од најлошите глобални последици од неговите пропусти.

„Накратко се чинеше дека епидемијата на коронавирусот ќе ја врати Кина неколку светлосни години назад“, се вели во уводникот на списанието.

„Но сега претседателот на САД е тој што мора ден за ден од преполната прес-соба на Белата куќа да му објаснува на светот зошто неговата земја не може да ја скроти пандемијата“.

Објавено

Недела, Мај 17, 2020 - 15:55

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе