Со медиумска писменост и критичко размислување

„Супермоќта“ да се биде Финец, или како Финска ги победи лажните вести

Финска беше рангирана на прво место од 35 земји во студија што ја проценуваше отпорноста кон лажни вести, односно медиумска писменост, на Иницијатива за европска политика. (Македонија е последна на листата.)

Едно неодамнешно попладне во Хелсинки, група ученици се собраа да слушнат предавање на тема што е далеку од норма во повеќето наставни програми на колеџ.

Стоејќи во училницата во Центарот за образование на возрасни Еспо, Јуси Тоиванен водеше презентација во Пауер поинт. На слајдот со наслов „Дали сте погодени од руската армија на тролови?“ има список на методи што се користат за да се измамат читателите на социјалните медиуми: манипулации со слики и видео, полувистини, заплашувања и лажни профили.

На друг слајд, кој содржи дијаграм на твитер-профил, се објаснува како да се откриваат ботови: барајте општи фотографии, проценете го обемот на објави на ден, проверете дали има лоши преводи и недостиг од лични информации.

Лекцијата заврши со мошне реалистично манипулирано видео или аудио - на Барак Обама, за да се потенцираат предизвиците на претстојната информациска војна.

Курсот е дел од иницијативата против лажни вести што владата на Финска ја покрена во 2014 година - две години пред Русија да се вмеша во изборите во САД - со цел да ги подучи жителите, учениците, новинарите и политичарите како да се справат со лажните информации дизајнирани да посеат раздор, вели Си-ен-ен.

Нордиската земја, која дели 1.339-километарска граница со Русија, се соочува со пропагандни кампањи поддржани од Кремљ уште од прогласувањето независност од Русија пред 101 година. Но во 2014 година, откако Москва го анектираше Крим и ги поддржа бунтовниците во источна Украина, стана очигледно дека бојното поле е сменето: информациската војна се пресели на интернет.

Тоиванен, главен експерт за комуникации за канцеларијата на премиерот, вели дека повеќето дезинформации со кои е нападната земјата последниве години се на теми како имиграцијата, Европската Унија или дали Финска треба да стане полноправна членка на НАТО (Русија не е обожавател).

Откако тролањето се зголеми во 2015 година, претседателот Саули Нинисто ги повика сите Финци да ја преземат одговорноста за борбата против лажните информации. Една година подоцна, Финска донесе американски експерти за да ги советуваат локалните власти како да ги препознаат лажните вести, да откријат зошто тие стануваат вирални и да развиваат стратегии за борба против нив. Образовниот систем исто така беше реформиран за да се истакне критичкото размислување.

Иако е тешко да се измерат резултатите во реално време, се чини дека пристапот функционира, а сега другите земји ја гледаат Финска како пример за тоа како да се победи во војната против дезинформациите.

„Тоа не е само проблем на владата, целото општество е нападнато. Ние си ја вршиме улогата, но задача на сите е да ја заштитиме финската демократија“, вели Тоиванен и додава: „Првата линија на одбрана е учителката во градинката“.

 

Издвојување на фактот од фикцијата

Во Француско-финската школа во Хелсинки, двојазична државна образовна институција, тој етос се сфаќа сериозно.

Во класот по социјални студии на Валентина Уито, група 10-тоодделенци беа вклучени во дебата за тоа кои ќе бидат клучните прашања на изборите следната недела во ЕУ. По мноштвото кренати раце беа споменати брегзитот, имиграцијата, безбедноста и економијата пред од учениците да биде побарано да изберат тема за анализирање.

„Тие собраа сè што мислат дека знаат за изборите во ЕУ... ајде сега да видиме дали можат да го издвојат фактот од фикцијата“, рече Уито со насмевка.

Учениците се поделиле на групи и ги грабнале лаптопите и мобилните телефони за да ги истражат избраните теми - идејата е тоа да ги инспирира да станат дигитални детективи, како оживеана верзија на Шерлок Холмс за постмилениумската генерација.

Нејзиниот клас е олицетворение на наставната програма за критичко размислување на Финска, која беше ревидирана во 2016 година за да им се даде приоритет на вештините што им требаат на учениците за да ги забележат дезинформациите од типот на оние што ги зафатија неодамнешните изборни кампањи во САД и низ цела Европа.

Училиштето неодамна се здружи со финската агенција за проверка на факти „Фактабаари“ за да развијат „пакет алатки“ за дигитална писменост за учениците во основно и средно училиште што учат за изборите на ЕУ. Тие беа претставени пред стручната група за медиумска писменост на блокот и беа споделени меѓу земјите-членки.

Вежбите содржат испитување на тврдењата пронајдени во видеата на Јутјуб и објавите на социјалните мрежи, споредување на пристрасноста на медиумите во низа различни написи за намамување кликови, проверка на тоа како дезинформацијата ги демне емоциите на читателите, па дури и давање задачи самите ученици да се обидат да напишат лажни вести.

„Она што сакаме да го направат нашите ученици е... пред да лајкнуваат или да споделуваат на социјалните медиуми да размислат двапати - кој го напишал ова? Каде е објавено? Може ли да ги пронајдам истите информации од друг извор?“, вели Кари Кивинен, директор на Француско-финската школа во Хелсинки и поранешен генерален секретар на Европските училишта, за Си-ен-ен.

Тој предупреди дека се работи за балансирачки чин, обид скептицизмот да не му отвори пат на цинизмот кај учениците.

„Многу нервира тоа што треба да проверуваме сè, да не можеме да веруваме во ништо... или во никого на интернет“, вели 15-годишниот Тату Тукијаинен, еден од учениците во класот на Уито. „Мислам дека треба да се обидеме да го спречиме тоа“.

Во училишната библиотека, Александар Шемеика, 17, и Габриел Багула, 18, заедно гледаат јутјуб-видеа на ајфон и си муабетат за други социјални платформи од кои читаат вести: Инстаграм, Снепчет, Редит и Твитер, но никако Фејсбук - „Тоа е за старци“.

„Зборот 'лажна вест' многу често се појавува“, вели Шемеика, објаснувајќи дека кога нивните пријатели споделуваат сомнителни меми или напумпани написи на интернет, тој секогаш го бара изворот. „Никогаш не можете да бидете сигурни“, се согласува Багула.

Тоа е токму оној вид разговор што Кивинен се надева дека ќе го развие надвор од училницата.

„Она што го развиваме овде - комбинирање на проверка на фактите со критичко размислување и гласачка писменост - е нешто за што видовме дека има интерес надвор од Финска“, вели Кивинен.

Но Кивинен не е сигурен дека овој пристап би можел да послужи како урнек за училиштата на други места. „На крајот на краиштата... тешко е да се извезе демократија“, додава тој.

 

„Супермоќта“ да се биде Финец

Можеби е тешко да се извезува демократија, но лесно е да се увезат експерти, што е токму она што Финска го направи во 2016 година за борба против она што го виде како пораст на дезинформациите што произлегуваат од профили поврзани со нејзиниот источен сосед.

„Тие знаеја дека Кремљ се меша во финската политика, но немаа контекст во кој можат да го протолкуваат тоа. Тие се прашуваа дали тоа значи дека (Русија) ќе нападне, дали ова е војна?“, вели Џед Вилард, директор на Френклин Делано Рузвелт Центарот за глобално ангажирање на универзитетот Харвард, кој беше ангажиран од Финска да ги обучи државните службеници да ги забележуваат, а потоа и да возвратат на лажните вести.

Русија тврди дека не се мешала и не се меша во внатрешната политика на други земји.

Зад затворени врати, работилниците на Вилард главно се фокусираат на една работа: развивање силен национален наратив, наместо да се обидуваат да ги раскринкаат лажните тврдења.

„Финците имаат многу уникатна и посебна моќ бидејќи знаат кои се. А фактот кои се е директно вкоренет во човековите права и владеењето на правото, многу работи што во Русија, во моментов, ги нема“, вели Вилард. „Постои силно чувство кон тоа што значи да се биде Финец... тоа е супермоќ“.

Не сите нации го имаат тој вид наратив за да се зафатат со она што го прави Финска.

Малата и главно хомогена земја постојано се рангира на врвот или скоро на врвот на речиси секој индекс - среќата, слободата на печатот, родовата еднаквост, социјалната правда, транспарентноста и образованието - што им отежнува на надворешните актери да најдат пукнатина во општеството за да ја прошират и да ја искористат.

Финска исто така има долга традиција на читање - нејзините 5,5 милиони луѓе позајмуваат близу 68 милиони книги годишно и тукушто потрошија 110 милиони американски долари за најнапредната библиотека, која нагалено ја викаат „Дневната соба на Хелсинки“. Финска го има највисокиот ПИСА-резултат за читање во ЕУ.

И додека довербата во медиумите слабее во други делови на светот, Финска одржува силен регионален печат и јавен радиодифузер. Според Извештајот за дигитални вести на институтот Ројтерс за 2018 година, Финска е на врвот на графиконите за доверба во медиумите, што значи дека нејзините граѓани имаат помала веројатност да се свртат кон алтернативни извори на вести.

 

Загадување на интернетот?

Но некои тврдат дека едноставно подучувањето на медиумска писменост и на критичко размислување не е доволно - компаниите за социјални медиуми мора да сторат повеќе за да се запре ширењето на дезинформациите.

„Фејсбук, Твитер, Гугл / Јутјуб… кои ги овозможуваат руските тролови… тие навистина треба да се регулираат“, вели Џесика Аро, новинарка во јавниот радиодифузен сервис во Финска, УЛЕ, која долго време била малтретирана поради нејзиното истражување на руското мешање, долго пред тоа да биде поврзано со изборите во САД во 2016 година.

„Исто како што сите загадувачки компании или фабрики треба да бидат и веќе се регулирани, поради загадување на воздухот и шумите, водите, овие компании го загадуваат умот на луѓето. Значи, тие исто така треба да платат за тоа и да ја преземат одговорноста за тоа“.

Фејсбук, Твитер и Гугл, сите потписници на кодексот на практика против дезинформации на Европската комисија, рекле за Си-ен-ен дека презеле чекори пред изборите во ЕУ за да ја зголемат транспарентноста на своите платформи, меѓу кои и овозможување јавна достапност на библиотеките за политичко рекламирање специфично за ЕУ, работење со проверувачи на факти од трети страни за да се идентификуваат лажните содржини поврзани со изборите и затворање на лажните профили.

Аро уште во 2014 година истражувала како кампањите за дезинформации поврзани со Русија влијаат врз Финците.

„Многу Финци ми кажаа дека биле сведоци на такви активности, но дека тоа едноставно е нова дигитална технологија за старомодната пропаганда на Советскиот Сојуз, која отсекогаш постоела и дека Финците се свесни за неа“, рече Аро. „Значи, тие би можеле да ги избегнуваат троловите“.

Истрагата, исто така, ја изложила како мета на немилосрдно клеветење, била обвинета дека е оперативец на ЦИА, таен помошник на НАТО, наркодилер и полуден русофоб.

Аро доби некаков вид одмазда кога минатата година Хелсиншкиот окружен суд им изрече остри казни на двајца про-Путин активисти, под обвинение за клевета - Иља Јаницкин, Финец со руско потекло, кој ја водеше антиимигрантската, проруска веб-страница МВ-Лехти, и Јохан Бакман, самопрогласен „активист за човекови права“ и чест гостин на рускиот државен медиуми РТ.

Ова беше прв пат некоја земја на ЕУ да ги осуди одговорните за ширење дезинформации, повлекувајќи линија во песокот помеѓу екстремниот говор на омраза и привидот на слободен говор.

 

Бескрајна игра

Можеби најголемиот знак дека Финска победува во војната со лажните вести е фактот дека другите земји бараат да го ископираат нејзиниот план. Претставници на цела низа земји-членки на ЕУ, заедно со Сингапур, дојдоа да учат за пристапот на Финска кон проблемот.

Трката е да се смисли нешто конкретно откако властите ги поврзаа руските групи со дезинформациски кампањи за референдумот за независност на Каталонија и за брегзитот, како и неодамнешните гласања во Франција и Германија. Германија веќе воспостави закон за казнување на технолошките платформи што не го отстрануваат „очигледно нелегалниот“ говор на омраза, додека Франција минатата година донесе закон со кој се забрануваат лажни вести на интернет за време на изборните кампањи. Некои критичари тврдат дека двете законски регулативи го загрозуваат слободниот говор. Русија негираше вмешаност во сите овие случаи.

Стратегијата на Финска беше јавно изложена пред националните избори минатиот месец, во рекламна кампања што се водеше под слоганот „Финска има најдобри избори во светот - размислете зошто“ и ги охрабруваше граѓаните да размислуваат за лажните вести.

Властите не видоа никакви докази за мешање на Русија во гласањето, за што Тоиванен вели дека може да биде знак дека троловите престанале да го гледаат финскиот електорат како лесна цел.

„Пред неколку години еден од моите колеги рече дека мислел дека Финска победила во првата рунда спротивставувајќи им се на непријателските активности предводени од странство. Но иако Финска беше доста успешна, јас не мислам дека има први, втори или трети рунди, наместо тоа, ова е игра во тек“, рече Тоиванен.

„Ќе ни биде многу потешко да се спротивставуваме на ваквите активности во иднина. И треба да бидеме подготвени за тоа“.

Објавено

Вторник, Мај 5, 2020 - 00:21

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе