Џонсон го повторува ризикот кој политички ја уништи Меј

Судбината на брегзитот ќе ја одлучат изборите

Судбината на британското излегување од Европската Унија би можела да биде одлучена на изборите на 12 декември откако премиерот Борис Џонсон конечно доби одобрување од парламентот да го направи ризичниот потег за кој тој очекува да ја реши кризата околу брегзитот.

Џонсон, кој не го исполни ветувањето дека Британија ќе го напушти блокот на 31 октомври, успеа да обезбеди одржување избори само неколку часа откако ЕУ одобри трето одложување на разводот.

Првите избори кои во Британија ќе бидат одржани во декември од 1923 година ќе бидат едни од најнеизвесните во историјата на таа земја. Брегзитот во голема мера ги замори и рзгневи гласачите истовремено поткопувајќи ја лојалноста на гласачите кон водечките партии.

Кога Џонсоновата претходничка Тереза Меј играше на картата на изборите во 2017 година, го изгуби мнозинството во парламентот – во крахот кој на крајот ја спречи да го протурка договорот за брегзит во парламентот и ја уништи нејзината политичка кариера.

Истражувањата покажаа дека на изборите во 2017 година најголем број гласачи ја смениле страната од 1966 година.

„Време е да ја обединиме земјата и да го реализираме брегзитот“, кажа Џонсон на состанокот на конзервативните пратеници во вторникот вечерта, откако доби одобрување за одржување на изборите.

Резултатот на изборите, кој би требало да биде објавен во раните утрински часови на петок 13, би можел да ја одлучи судбината на брегзитот по речиси четири години постојани политички превирања во Лондон, кои ги шокираа инвеститорите и сојузниците.

55-годишниот Џонсон се надева дека ќе освои мнозинство за да го истурка договорот кој претходно месецов го постигна со ЕУ, додека неговиот главен ривал, лидерот на лабуристите Џереми Корбин заговара социјалистичка влада и нов референдум.

Доколку ниедна партија не освои убедлива победа, брегзитот повторно ќе биде доведен под прашање, пишува Ројтерс.

Двата историски референдуми во последните пет години – оној за независноста на Шкотска и за брегзитот во 2016 – и парламентарните избори во 2015 и 2017, дадоа неочекувани резултати кои предизвикаа политичка криза.

Анкетите овој месец покажаа дека конзервативците се пред лабуристите за околу 10 отсто, што укажува дека Џонсон би можел да освои мнозинство во парламентот од 650 места, иако истражувачите признаваат дека нивните методи не се целосно сигурни бидејќи главно се потпираат на излезноста на гласачите.

На претстојните избори ќе се спротивстават двацата можеби најнеконвенционални британски политичари. Двајцата нивните противници во еден момент ги отпишаа, а тие имаат целосно различни визии за петтата светска економија.

Корбин, 70-годишен политичар кој и покрај сите очекувања беше избран за лабуристички лидер во 2015, нуди радикална социјалистичка алтернатива на западниот капитализам ветувајќи поголеми даноци за финансиерите.

„Лабуристичката влада ќе биде на ваша страна, додека конзервативците на Борис Џонсон – кои мислат дека се родени да владеат – ќе се грижат само за привилегираните“, кажа Корбин.

Џонсон, поранешниот градоначалник на Лондон роден во Њујорк, кого американскиот претседател го пофали како британскиот Доналд Трамп, вети дека ќе го искористи брегзитот за до 2050 година Обединетото Кралство ќе го направи најпросперитетна економија во Европа.

Меѓутоа, двете големи партии ќе мора да се борат на најмалку три фронта: едни против другите додека Брегзит партијата која ја предводи Најџел Фараџ ќе се обиде да ги привлече поддржувачите на брегзитот, а либералните демократи противниците на излегувањето од ЕУ.

„Барем е прекинат застојот во парламентот. Брегзитот сега има шанса за успех“, кажа Фараџ.

Шкотската национална партија, која е против брегзитот и која се залага за нов референдум за независност на Шкотска, исто така се надева дека ќе ги врати местата кои во 2017 ги изгуби во корист на конзервативците.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе