Не сакаат турско влијание

Стравот околу „неоотоманизмот“ на новата џамија во Приштина

На Приштина ѝ е потребна нова џамија, но обидите на Турција со инвестиции и поддршка да му се додвори на Косово предизвикуваат загриженост, пишува британски Гардијан.

Минаа шест години откако исламските лидери и функционерите на косовската влада ги поставија темелите на новата централна џамија во Приштина, камена плоча скриена под нарасната трева на паркинг. На плочата се испишани закани со смрт до главниот косовски муфтија и пораката: „Без турски џамии, или ќе има крв“.

Гардијан наведува дека се отворила полемика околу дизајнот, вклучувајќи и отфрлање на плановите изработени од уважени архитекти, во корист на гломазна копија на безброј џамии во отомански стил.

Меѓутоа, сега изгледа дека делот од градот Дарданија конечно ќе добие своја нова џамија, која е подарок од Турција за Косово, а изградбата треба да почне на пролет.

Некои водечки муслимански верски поглавари на Косово тврдат дека десетици џамии кои се уништени сѐ уште не се обновени.

„Во Европа нема ниедно село брз црква, а тука на Косово има најмалку 50 села без џамија“, вели главниот муфтија Наим Тернава. За време на исламските празници, се случува да не можат сите верници да влезат во Царската џамија изградена во 1461 година. Тернава е изненаден од жестоката дебата околу новата џамија, бидејќи смета дека тоа е практична потреба.

Гардијан истакнува и дека Косово сѐ уште се бори за своето место во немирниот дел од Европа среде лошите економски изгледи. „На оваа млада држава потребни ѝ се што повеќе пријатели, а Турција, која цврсто го заговара нејзиното меѓународното признавање и евентуалното членство во НАТО и ЕУ, е една од додворувачите“.

Во написот се потсетува дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во 2013, при посетата на Косово, порача: „Турција е Косово, Косово е Турција“. Тие зборови одзвонуваат во Турција, чија наметлива политика се карактеризира како „неотоманизам“, истакнва Гардијан.

Кога некогашниот градоначалник на Приптина Иса Мустафа го постави каменот темелник за новата џамија, локалната самоуправа веќе го имаше донирано земјиштето. Мустафа стана премиер на Косово, и на таа функција беше до лани, но џамијата не е изградена. Исламската заедница во градот тврди дека требало многу време за да се избере победничкиот дизајн и да се обезбеди дека ќе се вклопи во амбиентот. Властите во Приштина одолговлекуваа со одобрувањето на џамијата, а неодамна конечна дадоа „зелено светло“.

Противењето на изградбата на нови џамии низ Европа, наведува Гардијан, е вкоренето во стравот од исламот. Но бидејќи на Косово населението е мнозински муслиманско, отпорот на новата џамија во Приштина не се вклопува во тој тренд.

Некои жители негодуваат поради она што го гледаат како симбол на доминатното влијание на Турција, доека други се уплашени од враќањето на верата во секуларниот, постсоцијалистички јавен простор.

Гардијан пишува дека Приштина не е единствениот град на Косово во кој Турција финансирала изградба на џамија. Во Митровица, конфликтот во 2000-те доведоа до поделба на градот на јужен (албански и муслимански) и северен (српски и православен) дел. Помалиот, северен дел има српски идентитет, со нова православна црква и често фотографиран мурал кој порачува: „Косово е Србија, Крим е Русија“.

Во Приштина постои чувство дека Турција ја користи незаинтересираноста на Западот за да го прошири своето влијание во регионот кој Анкара го третира како дел од својот двор.

„Надворешните актери тука имаат интерес конфликтот на Косово да го направат верски а не политички“, вели Џабир Хамити, професор по исламски студии на универзитетот во Приштина. „На пример, Милошевиќ играше на картата на европската исламофобија и стравот од екстремизмот за да го одземе легитимитетот на нашата борба за независност“.

Меѓу најгласните противници на проектот се локалните архитекти. Иако на јавниот тендер беше истакната потребата за оригинална градба, избраниот дизајн е класичен отомански. Проектот го надгледува турската дирекција за верски прашања Дијанет, која во последните години изгради десетици џамии низ исламскиот свет, што некои го гледаат како клучен инструмент на Турција за ширење на влијанието.

Накратко, наведува Гардијан, новата приштинска џамија ќе личи на стотици други изградени низ Балканот под турска власт, само што ќе биде многу поголема.

Според архитектот Арбер Садики, избраната копија на отоманската џамија е повеќе политичка од архитектонска одлука.

„Знам неверојатни архитекти кои работат на современи џамии во Турција. Зошто не може и Приштина да добие нешто слично?“, прашува тој.

Во дипломатијата како гранка од јавно политичкиот живот професионалните кадри треба да бидат повеќе застапени од политичките.

повеќе

Апелирам до лидерите на партиите да не им „помагаат" на кандидатите.

повеќе

Во ерата во која сите напредни земји во светот престануваат со употреба на фосилни горива, ние отвораме нови наоѓалишта, наоѓаме оправдување за исцрпување на необновливите ресурси и за активирање на најголемата глобална закана за морската биолошка разновидност.

повеќе