Особена тензија предизвикуваат германските рестрикции

Стравот од ковид го урива Шенген

Од страв од новите соеви на коронавирусот, одделни држави на Европската Унија повторно воведуваат гранични контроли што стана пракса во Европа која се заканува да ја уништи некогаш најголемата зона на слободно движење во светот.

EPA-EFE

Свесна за опасноста која се заканува на опстанокот на Шенгенската зона, Европската комисија претходно неделава предупреди шест членки на ЕУ да ги укинат строгите правила на границите.

Белгија, Данска, Финска, Германија, Унгарија и Шведска добија рок од десет дена да реагираат околу стравувањата на ЕК дека ги кршат договорените насоки за пандемијата на коронавирусот.

Белгија и Шведска воведоа забрана за патувањата кои не се неопходни, додека германската влада селективно го ограничи влезот од Тирол, од Чешка и од Словачка.

Особена тензија предизвикуваат рестрикциите кои Германија ги воведе на границата со австрискиот регион Тирол, а германскиот амбасадор во Виена неделава мораше да ги правда „непотребните мерки кои нанесуваат повеќе штета од корист“. Во вторникот, австрискиот канцелар Себастијан Курц преку Твитер упати повик за „воведување заеднички стандарди за патувањата и транспортот на стока во ЕУ за да се обезбеди функционирањето на единствениот пазар“.

Дидие Рејнердс, европскиот комесар за правда, кажа дека е „неопходно да се врати координираниот пристап кон сите мерки кои се преземаат околу слободното движење на луѓето и стоката во ЕУ“.

Германскиот министер за европски прашања Мајкл Рот, меѓутоа, инсистира дека неговата влада морала да реагира поради нејзината изложеност на новите соеви на вирусот како „транзитна земја среде ЕУ“. „Ги отфрлам обвинувањата дека не сме го почитувале законот на ЕУ... овие мерки очигледно во голема мера ги оптоваруваат граничните региони, патниците и транспортот на стоката на единствениот пазар, но заштитата на нашите граѓани е најважна“.

Европската комисија соопшти дека верува дека во следните 10 дена ќе најде решенија со државите членки а дека притоа нема да мора да прибегнува кон законски мерки, што е долготраен процес.

ЕК уште од март минатата година се обидува да ги одврати државите членки од ограничување на слободното движење. Резултатот на тие напори, како што пишува Њујорк тајмс, е куп правила кои постојано се менуваат и кои предизвикаа хаос и го нарушија ланецот на снабдување, а притоа не го ограничија ширењето на вирусот.

„Минатата пролет имавме 17 држави членки кои воведоа гранични контроли и требаше од тоа да научиме дека тоа не го сопре вирусот туку го наруши единствениот пазар и предизвика огромни проблеми“, кажа претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен неделава. „Вирусот ни покажа дека затворањето на границите не го сопира“.

Во текот на својата 35-годишна историја, Шенгенската зона се ширеше и се продлабочуваше но како и многу други проекти на ЕУ за единство остана ранлива во време на криза.

„Мојата најголема грижа, а јас се бавам со Шенген долга низа години, е дека зоната е во голема опасност“, вели за Њујорк тајмс Тања Фајон, словенечката пратеничка во Европскиот парламент и шефица на парламентарниот одбор за Шенген.

„Опасност не ѝ се заканува само од пандемијата... Шенген е во криза од 2015, кога беа воведени контроли на внатрешните граници за да се заштитат тесните национални интереси пред бранот бегалци“, вели таа.

Мари де Сомер, експертка во Европскиот политички центар со седиште во Брисел, исто така тврди дека Шенген се покажал како ранлив во кризите. „Тој функционира кога е сè во ред, но истиот момент кога сме под притисок испливуваат сите маани, а ковид е најдобриот пример“.

Сепак, Сомер смета дека системот за слободно движење има важен долгорочен сојузник – младите Европејци. „Младите луѓе велат дека за време на ковид-кризата за првпат виделе како е да се живее во Европа со граници“, вели таа. „Поради тоа уште повеќе ја ценат беграничноста“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе