Тајната средба на познат косовски бизнисмен и влијателен човек на српското подземје

Средбата на јахта во Будва: како се крчка косовската политика

Новата фотографија до која дошол КРИК покажува тајна средба помеѓу познатиот косовски бизнисмен и лобист Беџет Пацоли и влијателниот човек во српското подземје Милан Радоичиќ, осомничен за вмешаност во атентатот на Оливер Ивановиќ.

Како што на новинарите на КРИК им објаснил изворот што им ја дал фотографијата, средбата на јахтата се случила во летото 2017 година, а Пацоли набргу потоа направи ненадеен пресврт - ги напушти дотогашните политички партнери, ѝ се придружи на коалицијата на Рамуш Харадинај и стана министер за надворешни работи.

Тајната средба се одржала на луксузна јахта вкотвена во пристаништето во близина на Стари Град во Будва. Тројцата мажи вечерале на крмата на бродот опремен со мебел од бела кожа, покажува фотографијата до која дошол КРИК.

Во нивно друштво имало и две непознати жени, но новинарите ги препознале мажите - а тие не се екипа за која се очекува да седне заедно.

Во белата маица, на средина на масата, седи Беџет Пацоли, најбогатиот човек на Косово и најпознат лобист за независност на Косово. Со него седи Горан Ракиќ, кој во тоа време беше избран за претседател на Српска листа, најголемата партија на Србите на Косово. Третиот човек, наведнат над чинијата, е озлогласениот српски бизнисмен Милан Радоичиќ, кого честопати го нарекуваат „господар на северно Косово“. Денес овој човек на Косово е осомничен за вмешаност во убиството на политичарот Оливер Ивановиќ.

Извор што им ја дал фотографијата на известувачите на КРИК / ОЦЦРП рекол дека таа е создадена во летото 2017 година. Во тоа време на Косово беше напнато. Парламентарните избори тукушто завршија и ниту една партија не го постигна мнозинството потребно за формирање влада. Следуваа тешки преговори.

Како што изворот им кажал на новинарите, фотографијата ја овековечува средбата што се покажала клучна за решавањето на овој политички проблем. Сепак, ова тврдење не може да биде потврдено, бидејќи ниту еден учесник на состанокот не се согласил да зборува за КРИК.

Но она што е сигурно е дека Пацоли, непосредно по оваа средба, а пред истекот на рокот за составување влада, направи неочекуван пресврт. Тој ги напушти своите поранешни политички сојузници и ѝ се приклучи на коалицијата ПАН, позната и како „воено крило“ - затоа што ја сочинуваа поранешни лидери на ОВК. Ова му овозможи на Рамуш Харадинај, кој во Србија е осомничен за воени злосторства, да формира влада.

На Пацоли му беше доделена функцијата министер за надворешни работи, а членовите на Српска листа добија три министерства.

„Харадинај немаше доволно гласови дури ни со Српска листа. Пацоли ја спаси работата. Неговиот потег беше изненадување затоа што за време на предизборната кампања тој ги обвини членовите на таа коалиција дека му се заканувале“, рекол за КРИК Агрон Деми, политички аналитичар во приштинскиот институт за напредни студии, ГАП.

 

Лобист за независност

Пацоли е познат и надвор од Косово. Овој швајцарски државјанин со потекло од Косово има имот во вредност од околу 900 милиони евра, според медиумите. Пред да влезе во политиката во 2006 година, Пацоли стана познат како градежен магнат и еден од најголемите лобисти за признавање независност на Косово.

Кон крајот на 1990-тите беше вмешан во еден од најголемите скандали за корупција во Русија. Неговата швајцарска градежна компанија Мабетекс доби профитабилна работа за реконструкција на Кремљ. По завршувањето на работата, обвинителството покрена истрага сомневајќи се дека Пацоли подмитил високи руски функционери, вклучувајќи ги и претседателот Борис Јелцин и неговите две ќерки.

Проблемите на Пацоли со властите беа краткотрајни. Обвинителот Јуриј Скуратов, кој ја водеше истрагата против него, беше отпуштен откако во јавноста се појави видео од хотелска соба на кое тој наводно се гледа во сексуални односи со две проститутки. Тогашниот директор на руската тајна служба ФСБ, Владимир Путин, јавно потврди дека човекот на видеото навистина е Скуратов. Путин подоцна стана претседател на Русија.

Случајот премина во рацете на друг обвинител, кој го затвори поради немање докази. Паралелната истрага за Пацоли што во Швајцарија се водеше за мито и перење пари исто така беше прекината.

Во тоа време Пацоли веќе беше важен лобист за независност на Косово. Тој ја основа лоби-компанијата Алијанса за ново Косово, која по неколку години се разви во политичка партија. Беше избран за претседател на Косово во 2011 година, но на функцијата остана само еден месец, откако судот ги поништи изборите.

Пред летото 2017 година, Пацоли и неговата партија беа дел од коалицијата предводена од поранешниот премиер Иса Мустафа. Пацоли тогаш негираше каква било соработка со противничката коалиција ПАН, опишувајќи го таквото нешто како „речиси невозможно“. Но се чини дека по средбата со Ракиќ, официјалниот претседател на Српска листа, и Радоичиќ, се премислил.

Српска листа беше дел од владата на Мустафа, но не се очекуваше дека ќе ја поддржи коалицијата на „военото крило“, чиј кандидат за премиер беше Рамуш Харадинај - во Србија е окарактеризиран како воен злосторник. Српските претставници, како и Пацоли, сепак го поддржаа Харадинај и беше формирана влада.

„Интересите на Косово се над партиските“, објасни Пацоли во тоа време. „Разговарав со моите меѓународни пријатели, најважните пријатели на Косово, како и со граѓаните, и ја донесов правилната одлука. Немаше алтернатива“.

Беџет Пацоли

Што се однесува на Српска листа, три месеци откако стана премиер, Харадинај јасно стави до знаење колкаво е влијанието на Радоичиќ кај Србите во Косово.

„Разговарам со сите, со Милан Радоичиќ. Тој е некој од северот што се прашува за сè“, рече Харадинај во гостувањето на „Слободно српски“.

 

Човекот што се прашува за сè

Во тоа време Радоичиќ не беше на никаква политичка позиција, но неговото влијание во подземјето предизвика тој да стане човекот што ги донесува одлуките.

Радоичиќ му е кум и десна рака на Звонко Веселиновиќ, човек кого полицијата и разузнавачките извештаи го опишуваат како водач на криминална група на северно Косово што се занимава со дрога, оружје и нафта и перење пари.

 

Уште една важна средба

Во јули 2017 година косовскиот портал Газета експрес објави фотографија од Харадинај како седи со Радоичиќ во приштинскиот ресторан Тифани. Двајцата мажи беа лежерно облечени, а фотографијата била тајно направена од соседната маса. Оваа средба се случила отприлика во исто време како таа на јахтата, предизвикувајќи гласини дека Радоичиќ и Харадинај се согласиле Српска листа да го поддржи.

Во нелегалниот бизнис, Веселиновиќ, наводно, според извештај на БИА, соработувал со албанските криминалци јужно од Ибар, од кои најпознат е Исмет Османи, со прекар Цури, кој кон средината на оваа година беше уапсен на Косово за рекетирање.

Според извештајот, Радоичиќ ја преземал дрогата од Османи и ја префрлал во Србија.

И покрај овие обвинувања, на Веселиновиќ и на Радоичиќ им се судеше за злоупотреби во економијата, но на крајот беа ослободени. Радоичиќ беше обвинет и за киднапирање македонски бизнисмен, но беше ослободен откако жртвата го смени своето сведочење за време на судењето.

Српска листа, партијата под влијание на Веселиновиќ и Радоичиќ, беше формирана во 2014 година и наскоро стана единствениот играч во српската заедница.

Неколку застрашувачки настани доведоа до брз подем на оваа партија.

Пред локалните избори во Косовска Митровица во 2014 година, Оливер Ивановиќ, нивниот најголем политички ривал, беше уапсен и приведен под сомнение за сторено воено злосторство. Уште еден кандидат, Димитрије Јаниќијевиќ, беше убиен, а трет се повлече од трката.

По повторените избори, Горан Ракиќ стана градоначалник на Северна Митровица.

Српска листа е и единствената српска партија на Косово што има безусловна поддршка од српската влада. Пред да стане претседател, Александар Вучиќ отворено го поддржа Веселиновиќ, истакнувајќи дека тој е борец за интересите на Србите на Косово.

Веселиновиќ дури се има сретнато и со братот на Вучиќ, Андреј, во ресторан на Копаоник во 2015 година, како што откри КРИК/ОЦЦРП претходно годинава, исто така врз основа на една клучна фотографија. БИРН потоа објави втора фотографија од нивната средба за време на изборната кампања во 2014 година.

Додека Белград и Приштина се во отворен конфликт околу признавањето на независноста на Косово, српските криминалци имаат пристап до највисоките функционери во двете држави, откриваат објавените фотографии.

 

За Вучиќ патриот, за обвинителството бегалец

Радоичиќ ја официјализира својата улога во Српска листа во јуни 2018 година, кога стана потпретседател на партијата.

Неговото влијание и претходно беше видливо.

„Градоначалниците на српските општини на Косово ми се пожалија дека Радоичиќ е тој што ги носи одлуките“, вели Рада Трајковиќ, српска политичарка и поранешен пратеник во косовското собрание, за КРИК / ОЦЦРП.

„Ми рекоа дека имал неформална канцеларија во ресторанот Греј во Косовска Митровица, каде што наредувал кој што ќе прави. Ги избираше министрите, началниците на полицијата на северно Косово и судиите. И беше во директен контакт со Харадинај“, вели Трајковиќ, која Радоичиќ неодамна ја тужеше.

Сепак, Радоичиќ веќе не е на Косово.

Набргу откако ја презеде улогата на еден од лидерите на партијата, тој мораше да избега бидејќи полицијата го бараше под сомнение за вмешаност во убиството на Оливер Ивановиќ во јануари 2018 година.

Очекувано, српскиот претседател Вучиќ застана во негова одбрана. Вучиќ се состана со него во Белград и ѝ порача на јавноста дека српската полиција го испрашала и дека е сигурна дека Радоичиќ не е вмешан во убиството на Ивановиќ. Вучиќ инсистираше дека Радоичиќ е патриот што ја брани позицијата на Србите на Косово и случајот против него го опиша како политички мотивиран.

Сепак, Косово поинаку го гледа Радоичиќ.

„По убиството на Ивановиќ, политичарите на Косово почнаа да се дистанцираат од него“, вели аналитичарот Агрон Деми.

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе