Проектот се финансира главно со кредит од Русија

Србија сè поблиску до нуклеарна енергија

По децениите мораториум на изградба на нуклеарни централи властите во Србија почнаа да заговараат вртење кон нуклеарната енергија.

EPA-EFE

Како што соопшти Директоратот за радијациска и нуклеарна безбедност, Србија на 26 и 27 октомври учествувала на меѓународна вежба во која бил симулиран инцидент во нуклеарната централа Барака во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

Целта на вежбата, која ја организираа Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) и ОАЕ, како што се наведува, е проверка на одговорот на земјите учеснички на нуклеарен или радиолошки инцидент, односно преземање на акција за спречување на штетни последици од несакан настан.

Во Србија од 1989 година по нуклеарната катастрофа во Чернобил, во поранешниот Советски Сојуз, денешниот простор на Украина, на сила е мораториум на изградба на нуклеарни централи.

Меѓутоа, со обврските кои државата ги презема во рамки на Зелената агенда на својот европски пат, кои подразбираат премин од јаглен на почисти извори на енергија, некои во Србија гледаат решение во нуклеарната енергија.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ во изјава од 23 октомври наведе дека Србија е спремна да ја гради нуклеарната централа во Пакш во Унгарија и дека за тоа веќе разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Спремни сме да бидеме малцински сопственик, за да ја обезбедиме нашата енергетска безбедност, особено поради јакнењето на нашата економска активност“, изјави Вучиќ во Белград по средбата со српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик.

Сите контроверзи на унгарски Пакш

Првиот договор за нуклеарната централа Пакш го потпишаа во 1966 Унгарија и Советскиот Сојуз. Проектот многу доцнеше поради технолошки и финансиски проблеми, изградбата почна во 1969 година, за централата да почне со работа 13 години подоцна, во 1982.

Нуклеарната централа Пакш во моментов работи со четири советски реактори од по 500 мегавати, обезбедувајќи околу половина од домашното производство на електрична енергија. Животниот век на реакторите би требало да заврши во 2030-тите, иако најверојатно ќе бидат продолжени за уште 10 години.

Договорот за проширување на нуклеарката беше неочекувано најавен и потпишан во 2014 година во Ново Огарјево во Русија. Според договорот, државната корпорација на Русија за атомска енергија (Росатом) без тендер ќе изгради два реактори од 1.200 мегавати во Пакш, во вредност од околу 12 милијарди евра.

Проектот се финансира главно со кредит од Русија, во износ од 10 милијарди евра, со камата од четири до пет отсто со ток на доспевање од 21 година. Остатокот ќе го финансира Унгарија.

Договорот предизвика сериозна тревога во Унгарија, членка на Европската Унија, од повеќе причини.

Од една страна, поради недостигот од општествена расправа пред потпишувањето на договорот и немањето тендер, а од друга поради спорната исплатливост. Според проценките, проектот ќе се исплати само ако цената на струјата во следните децении биде двојно поголема во однос на онаа која Унгарија ја имала во последните 20 години.

Исто така постои загриженост околу заштитата на животната средина и безбедноста, вклучувајќи ја и загриженоста околу нуклеарниот отпад, кој според договорот Русија ќе го складира само 20 години.

Проширувањето на нуклеарната централа Пакш дополнително ќе ја наруши посветеноста на Унгарија за производство на енергија од обновливи извори. Односно, слична технологија на реактори нема да има во ниедна друга земја на ЕУ.

Иако слична нуклеарка има во Белорусија, и таму постојат сериозни грижи околу безбедноста.

Проектот споро напредува и веќе доцни. Првите испораки беа планирани за 2023 година. Тој рок е поместен на 2030. Во октомври годинава Националната агенција за атомска енергија (ОАХ) го одби барањето за лиценцирање нови реактори од безбедносни причини.

Поради неговата нетранспарентност, проектот го следи и висок ризик од корупција.

Најголемиот дел од досегашните градежни и подготвителни работи го добија компании блиско поврзани со унгарската влада. Освен тоа, овој проект значително ги зајакна унгарско-руските меѓудржавни односи.

И покрај санкциите на ЕУ против Русија од 2014, поради руската анексија на Крим, рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан ја интензивираат соработката на двете земји. Редовни средби остваруваат секоја година, а руското влијание во Унгарија во меѓувреме постепено јакне.

Директорот на Белградски централи е за укинување на мораториумот

Еден од првите кој ја актуелизираше темата за изградба на нуклеарна централа во Србија во јавноста беше директорот на Јавното комунално претпријатие Белградски централи Раде Баста.

Тој во отворено писмо од 13 октомври се заложи за укинување на мораториумот и ги повика големите американски и европски енергетски компании и фондови да инвестираат во изградба на нуклеарна централа во Србија.

„Нуклеарните централи се стабилен и сигурен извор на енергија. Во земјите членки на ЕУ работат 106 нуклеарни реактори кои даваат 104 гигавати електрична енергија, што е 26 отсто од вкупно произведената струја во ЕУ“, објасни Баста.

Изградбата на нуклеарна централа во Србија тој ја гледа како преодно решение до остварување на целите во Зелената агенда, имајќи предвид, како што вели, дека за преминување на почисти облици на производство на електрична енергија (хидро, соларни и ветерни паркови) ќе бидат потребни децении.

„Затоа сум сигурен дека е преодно решение... укинувањето на мораториумот за изградба на нуклеарни централи и изградбата на истите како прифатлив премин до новите технологии и избегнување на изградба на нови блокови на термоцентралите на јаглен кои многу би ја чинеле државата Србија во вид на нови такси од страна на ЕУ кои се предвидени до затворањето на објектите“, наведе Баста.

Енергетски баланс меѓу истокот и западот

Изградбата на нуклеарна централа е голем потфат кој бара сложена технологија и исклучително големо вложување капитал.

„Помалите земји како Србија тешко можат да имаат доволно средства или кредитно да се задолжат за самите да реализираат таков проект“, вели Баста.

Укажа дека од таа причина на Србија ѝ е потребна помош од компании од некоја од земјите со развиена нуклеарна индустрија.

„Во областа на Балканот се разгорува нов натпревар на големите сили, овој пат во изградба на нуклеарни централи, што дополнително ги усложнува проблемите во кои овие држави веќе се наоѓаат“, вели директорот на Белградски централи.

На прашањето зошто повикот го упатил до американските и европските енергетски компании, не и до компании од Русија и Кина, земјите кои во последните години го јакнат влијанието во Србија, Баста наведува дека причината за тоа е обезбедување енергетски, но и политички баланс.

„Сметам дека присуството на Руската Федерација во енергетскиот сектор на Србија е многу големо, како и на Кина во изградбата на инфраструктурата и дека поради потребниот баланс на Србија во меѓународните односи како неутрална и независна земја која тежнее кон влегување во ЕУ треба да повика американски и европски компании да учествуваат во таков проект за обезбедување енергетска безбедност и стабилност“, наведува Баста.

Нуклеарната енергија ја подели ЕУ

И додека ЕУ се соочува со енергетска криза, поради растот на цените на енергенсите, прашањето за понатамошно вложување во нуклеарните централи ги подели членките на блокот.

Десет членки на ЕУ на чело со Франција побараа од Брисел да овозможи поголема употреба на нуклеарната енергија со класифицирање на вложувањето во неа како зелени инвестиции, додека енергетската криза и растот на цените на гасот ја тресат Унијата.

Од другата страна, блокот предводен од Германија остро се спротивставува на таа иницијатива изразувајќи загриженост поради безбедноста на атомската енергија.

Ставот на Германија го делат и земји без нуклеарна енергија, како Австрија, Ирска и Италија.

Францускиот претседател Емануел Макрон во изјава од 12 октомври наведе дека Франција ќе вложи милијарда евра во нуклеарната енергија до крајот на оваа деценија, бидејќи европската енергетска криза го обнови интересот за тој извор на енергија.

„За да победиме во климатската битка ни треба нуклеарната енергија“, се наведува во соопштението кое, покрај Франција, го потпишаа претставници на Полска, Унгарија, Словачка, Бугарија, Хрватска, Романија и Словенија. Во непосредното соседство на Србија нуклеарни централи имаат Романија и Бугарија, по две, и Унгарија една.

Активна е и централата Кршко во Словенија, како единствена држава од поранешна Југославија која користи нуклеарна енергија за производство на електрична енергија.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе

Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

повеќе