Спроведува ли Кина геноцид врз своите муслимани? (ВИДЕО)

Група луѓе кои седат во паралелни редови, во униформирани виолетови елеци, со раце врзани зад грб и очи прекриени со црн превез. Нивните избричени глави се свртени кон тлото. Се наоѓаат на железничка станица. Меѓу нив се полицајци во црни униформи. Еден по еден, ги носат во воз. Не се знае каде одат.

EPA-EFE

Оваа снимка не доаѓа од нацистичка Германија во четириесеттите години од минатиот век, туку од Кина, по сѐ изгледа, од северозападната покраина Синџијанг, каде според проценките околу милион Ујгури се присилно одведени во таканаречени „реедукациски кампови“. Ујгурите се кинеско малцинство, етнички дел од туркиските народи, со муслиманска вера.

Во Кина, според официјалната статистика, ги има околу 12 милиони. Во автономната ујгурска покраина Синџијанг, каде живеат речиси сите кинески Ујгури, тие се најброниот народ – 46,4 отсто наспротив Хан Кинезите, мнозинскиот народ на Кина.

Меѓутоа, истражување на Меморијалната фондација на жртвите на комунизмот уврдило врз основа на кинеските државни документи дека стапката на растот на населението во двете најголеми ујгурски префектури во Синџијанг паднала за дури 80 отсто од 2015 до 2018.

„Демографски геноцид“

Германскиот антрополог кој живее во Америка и висок соработник на оваа фондација Адријан Зенз го обвини Пекинг дека спроведува „демографски геноцид“ во интервју за Франс 24. Целта е „етнички да се разреди“ ујгурското мнозинство во Синџијанг – од една страна со присилно намалување на наталитетот на Ујгурите, од друга страна со доселување на мнозинските Хан Кинези.

Присилното намалување на наталитетот е еден од петте критериуми со кои ОН го дефинираат геноцидот, истакна Зенз.

Снимката направена со дрон од воздух некако протекла од ноторно таинствената Кина и почна наголемо да циркулира по социјалните мрежи уште минатата година. Не е утврдено кога и каде е направена снимката, но натписот „Дтенциски центар Кашгар“ сугерира дека станува збор за затворените Ујгури во кинеската провинција Синџијанг.

Морничавото видео стана повторно актуелно кога водителот на Би-би-си Ендрју Мар му го покажа на својот гостин на 19 јули, кинескиот амбасадор во Британија Лиу Сјаоминг. Но Лиу едноставно одговори дека не знае што се случува на снимката.

„Не знам од каде ви е оваа снимка. Знаете, некогаш има трансфери на затвореници, во која било земја“, додаде кинескиот амбасадор.

Водителот на Би-би-си му објасни дека австралиските разузнавачки служби ја анализирале снимката и ја потврдиле како автентична и дека навистина станува збор за Ујгури кои се заробени и кои се товарат во возови.

Амбасадорот на тоа повторно се обиде да избега од темата, тврдејќи дека „таканаречените западни разузнавачки служби изнесуваат лажни обвинувања против Кина“ и дека денес во Синџијанг живеат 11 милиони Ујгури, додека пред 40 години ги имало само 4-5 милиони.

„Нема такви концентрациони кампови во Кина“, инсистираше амбасадорот Лиу, негирајќи ги и обвнинувањата за етничко чистење и присилните абортуси и стерилизации за ујгурските жени. Дури и откако му беше прикажано сведоштво на една таква Ујгурка која била присилно стерилизирана, тој одговори дека „државната политика е строго против таквата пракса“.

„Но не можат да се исклучат поединечни случаи, во која било земја“, додаде, како присилните абортуси и стерилизацијата да се нешто што државни службеници би го правеле самоиницијативно, во Кина или во која било друга земја.

Владејачката Комунистичка партија прво ги негираше вестите дека во Синџијанг се одведуваат муслиманите во кампови, за потоа тоа да го признае, оправдувајќи ги како нужна мерка во борбата против сепаратистичкиот тероризам кој го тресе овој регион со децении. Кинескиот режим ги опишува камповите како центри за реедукација во кои на Ујгурите им се обезбедува стручна обука. Но според интерните државни документи до кои дојде Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ), главната цел на овие кампови е да се обезбеди Ујгурите кои минуваат низ „реедкацијата“ да се држат до идеологијата на Комунистичката партија.

Проценетиот број на затворените Ујгури, но и други кинески муслимани, се качува и до 1,8 милиони, тврди австралискиот Институт за стратегиска политика во својот извештај „Ујгури на продажба“.

Реакцијата на западните земји на масовното затворање на Ујгурите донекаде е сменета во последно време, забележува Зенз. Но во исто време изразува жалење што западните лидери и понатаму „ги ставаат сопствените интереси пред страшната ситуација со човековите права на овој народ“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе