Во божиќната вечер

„Сосема сум сам, кутриот јас“, се жалеше изолираниот Трамп на Твитер

Жалењата и поплаките што испаруваа од Белата куќа во понеделникот создадоа тешки мрачни божиќни облаци, пишува Вашингтон пост.

Во третиот ден забарикадираност во Белата куќа за време на делумната блокада на сојузната влада, која ја предизвика неговото барање за изградба на пограничен ѕид, претседателот Доналд Трамп ги истури своите фрустрации на Твитер: Демократите се лицемери! Медиумите измислуваат приказни! Сенаторите грешат за надворешната политика - а греши и секретарот за одбрана Џим Матис!

Трамп рече дека уништената Сирија ќе биде повторно изградена не од САД, туку од Саудиска Арабија.

„Благодарност до Саудиска А!“, објави тој на Твитер, две недели откако Сенатот едногласно го укори престолонаследникот за убиството на новинарот Џамал Кашоги.

Додека берзата го затвораше својот најлош декември од 1931 година, претседателот за тоа ги обвини исклучиво Федералните резерви, споредувајќи ја централната банка со играч на голф што „не може да го погоди дупчето“.

И сето тоа пред да дојде пладнето. А потоа, во 12:32 часот, дојде десеттиот твит на Трамп, жаловита поплака од претседател што копнее кон постојана интеракција и пофалби:

„Сосема сум сам (кутриот јас) во Белата куќа, чекајќи ги демократите да се вратат и да постигнат договор за очајно потребната гранична безбедност“, напиша тој.

Дури и за претседател што е навикнат да пука по непријателите на социјалните медиуми, понеделничната каскада од гневни твитови токму на денот кога многу Американци ги слават празниците со своите семејства беше неверојатна. Канонадата од пораки наслика портрет на изолиран лидер што минува низ длабоко чувство на повреденост.

„Ова е слика на загубена и оштетена душа“, рече Питер Вехнер, кој служеше во претходните три републикански администрации и е критичар на Трамп. „Има нешто тажно и потресно во изолираниот и осамен претседател. Тој е како кралот Лир, разгневен кон ветровите“.

Официјалните претставници на Белата куќа не одговориле во понеделникот на барањето коментар од Вашингтон пост за твитовите и активностите на Трамп.

Трамп се однесува како командант под опсада, вели весникот, додека влегува во она за што ветува дека ќе биде предавничка 2019 година. Речиси секоја организација што тој ја водеше во изминатата деценија е под истрага - вклучувајќи го неговиот приватен бизнис, добротворната фондација на неговото семејство, неговата претседателска кампања за 2016 година и неговиот инаугуративен комитет. А откако демократите ќе го преземат мнозинството во Домот на 3 јануари, планираат да ја истражат наводната корупција низ целата администрација, како и неговите лични финансии.

Во меѓувреме, претседателот сè повеќе е сам. Дури и некои републиканци ја критикуваа неговата ненадејна одлука да ги повлече американските војници од Сирија, изразија вознемиреност поради ненадејното заминување на секретарот за одбрана и се спротивставија на законот за реформа на кривичното право, за кој се залагаше администрацијата.

Во понеделникот се чинеше дека Трамп е буквално изолиран, оставен главно сам на себе во градот во кој доживуваше една криза по друга. Капитол беше испразнет, повеќето пратеници заминаа дома за празниците. Потпретседателот Мајк Пенс беше на неколку километри од него во Морнаричката опсерваторија, прославувајќи ја божиќната вечер со своето семејство во својата резиденција.

Првата дама Меланија Трамп, која минатата недела одлета за Флорида на годишното семејно божиќно патување во Мар-а-Лаго, во понеделникот се врати во Вашингтон за да го прослави празникот со својот сопруг.

Трамп, кој не е виден во јавноста уште пред владината блокада во петокот, вчеравечер се појави со првата дама на годишното следење на Дедо Мраз на воените радари. Двојката седеше во фотелјите во Државната трпезарија, каде што потпукнуваа дрвата во каминот, а под двете елки лежеа куп подароци, и одговараа на посебни телефони на детските повици.

Трамп ризикуваше да го разоткрие Дедо Мраз кога запраша едно дете по име Колман, „Сè уште веруваш во Дедо Мраз? Бидејќи на 7 некако станува сомнително, нели?“

Кога еден новинар го праша за блокадата на владата, претседателот одговори: „Ништо ново за блокадата. Ни треба гранична безбедност“.

Подоцна, вечерта, Трамп присуствуваше на церемонијата во Националната катедрала во Вашингтон.

Непосредно пред зајдисонце, Трамп твитна фотографија од себеси како седи на бирото во Овалната канцеларија, облечен во костум и црвена вратовска придружуван од двајца помошници во она што тој го нарече „брифинг во божиќната вечер со мојот тим што работи на Северна Кореја“.

„Постигнат е напредок“, напиша Трамп. „Со нетрпение го очекувам мојот следен самит со претседателот Ким!“

Се чинеше дека нема ништо друго во неговата агенда, освен тоа што помошниците го посочија како состанок зад затворени врати во 2 часот изутрина за граничната безбедност со секретарот за внатрешна безбедност, Керстен Нилсен.

Трамп во 5:24 часот прогласи: „Јас сум во Овалната канцеларија“, и рече дека само што дaл „договор долг 115 милји за уште еден голем дел од ѕидот во Тексас“.

Административните службеници немаат дадено детали за тој проект. Трамп во неколку наврати лажно се фалеше дека поголеми делови од неговиот граничен ѕид веќе се изградени.

Откако делумната блокада на владата почна ноќта во петокот, Трамп истипка околу 35 твитови - вклучувајќи и 10 на растојание од три часа во понеделникот за кои се чинеше дека се неговата листа на поплаки.

„Тажен и патетичен е моментот кога на божиќната вечер претседателот на Соединетите Американски Држави објавува твитови во ужасно расположение“, изјави претседателскиот историчар Даглас Бринкли. „Ова е како Чарлсдикенсовиот Скруџ на на стероиди.“

Изливот на Трамп дојде откако тој го отпушти шефот на кабинетот на Белата куќа, Џон Ф. Кели, и го принуди Матис да ја напушти својата функција два месеци пред планираниот датум, во знак на одмазда за негативното медиумско известување за оставката на секретарот за одбрана.

Сега тој е соочен со немање добар излез од блокадата на владата, вкопан во своето барање за финансирање на границата од 5 милијарди долари и со страв дека нема да направи никакви отстапки за демократите, кои би можеле да ги предизвикаат конзервативните активисти.

Сенаторот Брајан Шац, демократ од Хаваите, во понеделникот на Твитер подбивно напиша: „Еј републиканци, вашиот човек го понесе моментот, јавете ни ако смислите решение“.

Во меѓувреме, финансиските пазари се тресат, а персоналот на Трамп е во хаос, откако голем број функции во кабинетот сега привремено ги вршат секретарите. Претседателот и неговите адвокати, исто така, нервозно ја чекаат можната кулминација на истрагата за специјалниот советник Роберт Мaлер за Русија и сите правни или политички предизвици што би можеле да следуваат.

Некои американски сојузници, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон, изразија загриженост во врска со неодамнешните активности на Трамп, вклучувајќи го и повлекувањето на Сирија и оставката на Матис, поранешен морнарички генерал, кој е масовно почитуван од западните водачи.

Но во екот на низата поплаки во понеделникот, Трамп одлучи дека сега е моментот да се прогласи победа. Тој, со сите големи букви, на Твитер напиша верзија од својот слоган од кампањата: „Америка е повторно почитувана!“

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе