Колумна на Јанис Варуфакис

Сочувство за Германија

Грците и другите Јужноевропејци сега можеби ликуваат додека Германија се соочува со колапс на нејзиниот економски модел соочена со војната во Украина и новата студена војна со Кина. Но со демократска Европа во криза, ова не е време за ликување, вели Јанис Варуфакис, поранешен министер за финансии на Грција, лидер на партијата МеПа25 и професор по економија на Универзитетот во Атина.

Фото: ЕПА

Никогаш не е лесно да се разбудите со веста дека бизнис-моделот на вашата земја пропаднал. Тешко е да се признае очигледното: дека вашите политички лидери или биле во заблуда или ве лажеле кога со децении ве уверувале дека вашите тешко заработени животни стандарди се безбедни. Дека вашата блиска иднина сега зависи од добрината на странците решени да ве скршат. Дека Европската Унија, на која ѝ ја дадовте својата доверба, се впуштила во постојано прикривање. Дека вашите партнери од ЕУ, кон кои сега апелирате за помош, ве гледаат како негативец што одамна го заслужил ова што му се случува. Дека економските елити во вашата земја и пошироко бараат нови начини да се осигурат дека вашата земја ќе остане заглавена. Дека мора да издржите големи, болни промени за да се осигурите дека ништо нема да се смени.

Грците го знаат ова чувство. Ние го доживеавме на своја кожа во почетокот на 2010 година. Денес, Германците се тие што се соочуваат со ѕид од снисходливост, антипатија, па дури и потсмев. Колку и да изгледа иронично, ниту еден Европеец нема подобри услови од Грците да разбере дека Германците заслужуваат подобро; дека нивната сегашна неволја е резултат на нашиот колективен, европски неуспех; и дека никој – а најмалку долгострадалните Грци, Јужноиталијанци, Шпанци и Португалци (СВИЊИТЕ, како што некогаш нѐ нарекуваа) – нема корист од schadenfreude (ликувањето).

Состојбата на Германија се смени затоа што нејзиниот економски модел се потпираше на потиснати плати, евтин руски гас и извонредност во среднoтехнолошкото машинско инженерство - особено во производството на автомобили со мотори со внатрешно согорување. Ова резултираше со огромни трговски суфицити за време на четири различни фази по Втората светска војна: под системот на Бретон Вудс предводен од САД, кој обезбеди фиксни девизни курсеви и пристап на пазарот до Европа, Азија и Америка; потоа, по колапсот на Бретон Вудс, кога единствениот европски пазар се покажа мошне профитабилен за германскиот извоз; повторно по воведувањето на еврото, кога финансирањето од продавачите ги отвори вратите и за стоките и за капиталот што течеше од Германија кон периферијата на Европа; и, конечно, кога кинеската глад за полупроизводи и финални производи почна да се намалува откако еврокризата ја намали побарувачката за германски стоки во јужна Европа.

Германците сега полека се помируваат со пропаѓањето на нивниот економски модел и почнуваат да ја разоткриваат повеќеслојната Голема лага што нивните елити ја повторуваа три децении: фискалните суфицити не беа претпазлива акција, туку монументален неуспех, во текот на долгите години на ултраниски каматни стапки, да се инвестира во чиста енергија, клучната инфраструктура и двете клучни технологии на иднината: батериите и вештачката интелигенција. Зависноста на Германија од рускиот гас и од кинеската побарувачка никогаш не беше одржлива на долг рок; а тоа не се обични ситни проблеми што може да се испеглаат.

Тврдењето дека германскиот модел е компатибилен со европската монетарна унија, исто така, се разоткрива како лажно. Во недостиг од фискална и политичка унија, ЕУ секогаш се обидуваше да ги оседла богатите влади, банки и корпорации со неисплатливи долгови, што на крај ќе ја принуди Европската централна банка да избере дали да дозволи еврото да умре или да се впушти во проект на трајно прикривање на банкротот.

Германците денес го сфаќаат ова додека ја набљудуваат повредената ЕЦБ, која ќе биде виновна ако значително ги зголеми каматните стапки (предизвикувајќи ја Италија и другите да експлодираат) и виновна ако не го направи тоа (дозволувајќи неконтролирана инфлација). Иако никогаш не требаше да биде задача на ЕЦБ да го спаси еврото од неговите погрешно поставени темели, Германците можат да видат дека нивните политичари ги лажеле дека нивниот економски модел може да ја преживее кризата од 2008 година сѐ додека другите земји од еврозоната доволно штедат. Тие, исто така, сфаќаат дека стимулофобијата на нивните лидери довела до постојан социјализам за јужноевропските олигарси, француско-германските банкари и разни зомбифицирани корпорации.

Некогаш порано, оние од нас што ја критикуваа идејата дека секоја земја од еврозоната треба да стане како Германија, приговараа дека германскиот модел функционира само затоа што никој друг не го прифатил. Денес, со крајот на евтиниот гас и новата студена војна на Америка со Кина, германскиот модел е капýт дури и за Германија. Да, германскиот извоз ќе закрепне, потпомогнат од ниската вредност на еврото. Фолксваген ќе продава многу повеќе електрични автомобили откако ќе се обноват синџирите за снабдување. БАСФ ќе се врати, откако ќе се обезбеди снабдувањето со енергија. Она што нема да се врати е германскиот модел: голем дел од приходите на Фолксваген ќе одат во Кина, од каде што доаѓаат технологиите за батерии, а огромни вредности ќе се префрлат од хемиската индустрија во секторите поврзани со вештачката интелигенција.

Некои германски пријатели своите надежи ги полагаат на паѓањето на еврото за да се врати силата на германскиот модел. Тоа нема да падне. Земјите со ниски заштеди со структурен трговски дефицит, како Грција или Гана, имаат корист од девалвацијата. Земјите со високи заштеди и со структурен трговски суфицит, немаат: едноставно посиромашните домашни потрошувачи ги субвенционираат побогатите извозници, што е токму спротивното од она што ѝ треба на германската социјална економија.

Мојата порака до германските пријатели е едноставна: Престанете да тагувате. Совладајте ги неосвестеноста, гневот, ценкањето и депресијата и почнете да дизајнирате нов економски модел. За разлика од Грците, вие сè уште имате доволно суверенитет да го направите тоа без дозвола од доверителите.

Но прво, мора да ја решите клучната политичка дилема: дали сакате Германија да го задржи политичкиот и фискалниот суверенитет? Ако е така, вашиот нов модел никогаш нема да функционира во оваа наша еврозона. Ако не сакате да ѝ се вратите на германската марка, потребен ви е модел вграден во полноправна, демократска европска федерација. Сè друго ќе ја продолжи Големата лага со која сега болно се помирувате.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе