Дали работите ќе се променат?

Со 73 години, Чарлс III е најстариот човек што некогаш бил крунисан за британски крал (ВИДЕО)

Има малку примери за непречена процедура на наследување на власта како што е случајот во британската монархија.

Фото: ЕПА

Кралот Чарлс III официјално беше прогласен за нов владетел на Велика Британија, помалку од 48 часа по смртта на кралицата Елизабета Втора.

Работите, сепак, не се толку едноставни како што изгледаат.

Чарлс седна на престолот во тешки времиња за Велика Британија и за нејзиното кралско семејство.

Историчарите со кои разговарало Би-би-си веруваат дека новиот крал се соочува со „предизвици без преседан“, кои ќе го дефинираат неговото владеење и владеењето на неговите наследници.

Од справување со влијанието што енергетската криза го има врз земјата, до справување со менувањето на перцепцијата за монархијата по 70-годишното владеење на неговата сега покојна мајка, Чарлс III го чекаат тешки времиња полни со искушенија.

„Поприземна“ монархија?

Милиони семејства во Велика Британија се соочуваат со потенцијален недостиг од гориво оваа зима поради зголемените цени на енергијата поттикнати од војната во Украина.

Според најпесимистичките проценки, до 45 милиони луѓе ќе имаат проблеми со плаќањето на сметките - што е две третини од населението во земјата.

Таквото сценарио најверојатно ќе ги доведе финансиите на кралското семејство под поголема лупа од вообичаеното.

Уште пред војната, во британскиот печат почнаа да се шират гласини дека тогашниот принц од Велс е подготвен да ја намали помпата и условите на кралските настани - особено неговото крунисување.

Весникот Телеграф на 13 септември шпекулираше дека настанот ќе биде отстапување од раскошното крунисување на покојната кралица во 1953 година - што беше прва церемонија од ваков вид што се емитуваше во живо на телевизија.

Повикувајќи се на кралски извори, весникот вели дека крунисувањето на Чарлс III, кое не се очекува да се одржи пред јуни следната година, ќе биде пократко, „помалку скапо“ и, најважно, помултикултурно, за да ја одрази разновидноста на британското општество.

Чарлс претходно зборуваше за својата желба да има „скратена монархија“ - што се претпоставува дека значи помало јадро на активни членови на кралското семејство, со кралот и кралицата-сопруга Камила, принцот Вилијам и неговата сопруга Кетрин во центарот.

„Многу е веројатно дека работите ќе станат поскромни, особено неговото крунисување.“

„Треба да се види дека кралското семејство е свесно што се случува во земјата во овие тешки времиња“, изјави за Би-би-си кралската историчарка Кели Сваб.

Финансиите на кралското семејство се сложено прашање, кое често е во центарот на антимонархистичките аргументи.

Тоа се претежно годишни исплати што ги плаќаат даночните обврзници, познати како владетелски грант.

За 2021-2022 година овој грант изнесуваше 99,8 милиони долари - што е еквивалент на 1,49 долари по лице во Британија, но ова не ги вклучува големите безбедносни трошоци за членовите на кралското семејство.

Репутација во пад

Поддршката за монархијата е на најниска точка во последниве над 30 години, барем според Британската анкета за ставовите на јавноста, кое редовно ги мери ставовите на примерок од британската јавност кон членовите на кралското семејство.

Последното издание на оваа анкета, објавено во 2021 година, покажа дека само 55 отсто од Британците мислат дека е „многу важно“ или „прилично важно“ да се има монархија.

Во изминатите децении таа поддршка варираше меѓу 60 и 70 проценти.

Во мај оваа година, Чарлс се најде на третото место на листата на најпопуларни членови на кралското семејство, веднаш зад кралицата и неговиот постар син, принцот Вилијам.

Иако анкетите спроведени по смртта на Елизабета Втора покажаа поголема поддршка за новиот крал, постојат знаци дека Чарлс III има уште многу да работи на својата кралска репутација.

„Еден од предизвиците за кралот Чарлс III е да ја приближи монархијата до помладите генерации“, вели кралскиот историчар Ричард Фицвилијамс.

Мислењето на Фицвилијамс е поддржано од Британската анкета за ставовите на јавноста, која покажува дека во 2021 година само 14 отсто од луѓето на возраст меѓу 18 и 34 години сметале дека е „многу важно“ Британија да има монархија, додека процентот кај постарите од 55 години бил 44 проценти.

И според анкетата на Југов, спроведена за антимонархистичката група „Република“ во мај оваа година, 27 отсто од населението го поддржува целосното укинување на монархијата - значително зголемување од 15-те отсто што беа норма во поголем дел од минатиот век.

Значително поголемо незадоволство е забележано кај помладата генерација.

Кели Сваб исто така истакнува дека „многу работи се промениле од 1952 година“ (годината кога Елизабета Втора станала кралица).

Таа конкретно се осврнува на повремените антимонархистички протести одржани во изминатите неколку дена.

„Деновиве почитта кон монархијата е помала, а има многу повеќе критики за кралското семејство.“

„Тоа е нешто што кралот Чарлс не смее ни за момент да го занемари“, вели таа.

„Никогаш не се жали, никогаш не објаснувај“

Кралот Чарлс III е шеф на британската држава.

Но според британскиот модел на уставна монархија, овластувањата на владетелот се главно симболични и церемонијални.

Затоа се очекува членовите на кралското семејство да останат неутрални.

Резервираноста на покојната кралица многумина ја доживеаја како последица на нејзиното верување во максимата „никогаш не се жали, никогаш не објаснувај“ („Never complain, never explain“).

И покрај ова, Чарлс во минатото имаше навика да зборува за различни прашања што нему му се важни.

Во 2015 година, беше откриено дека тој напишал десетици писма до владините министри во кои изразува загриженост за различни прашања, од финансиите до вооружените сили и билната медицина.

Дали неговиот став ќе се промени?

Вернон Богданор, водечки уставен експерт и професор, смета дека да, ќе се промени.

„Тој уште од најраните денови знаеше дека неговиот стил ќе мора да се промени. Јавноста нема да сака монарх што води кампањи“, вели професорот Богданор.

На дванаесетти септември, додека им се обраќаше на пратениците, новопрогласениот крал веќе покажа знаци на променет пристап.

Покрај тоа што призна дека има интереси што повеќе не смее да ги следи, Чарлс III изјави дека Парламентот е „жив инструмент“ на британската демократија.

Комонвелтот и колонијалното наследство

По смртта на неговата мајка, кралот Чарлс III стана шеф на Комонвелтот, политичко здружение од 56 земји, составено главно од поранешни британски колонии.

Тој е и шеф на 14 држави покрај Велика Британија - на таа листа се и Австралија, Канада, Јамајка и Нов Зеланд.

Меѓутоа, во последните неколку години, некои земји од Комонвелтот почнаа дебата за својот однос кон британската круна.

Како дел од тој процес, Барбадос на крајот на 2021 година одлучи да стане република, со што всушност ја отстрани кралицата како шеф на државата и му стави крај на вековното британско влијание на островот, кој повеќе од 200 години беше центар за трансатлантската трговија со робови.

Турнејата на принцот Вилијам по Карибите во почетокот на 2022 година доведе до антиколонијални протести и повици за репарации за ропството, при што премиерот на Јамајка Ендрју Холнес јавно му соопшти на членот на кралското семејство дека неговата земја „ќе тргне по својот пат“.

Шон Кофлан, кралскиот дописник на Би-би-си, верува дека редефинирањето помодерни односи со Комонвелтот ќе биде „клучен предизвик“ за кралот Чарлс.

„Сега кога тој е нивниот нов шеф, како неговите посети на земјите од Комонвелтот може да го заобиколат тешкото наследство на колонијализмот и проблемите како што е ропството?“

Крал „ветеран“

Со 73 години, Чарлс III е најстариот човек што некогаш бил крунисан за крал во Велика Британија.

Едно од прашањата за неговото секојдневно владеење е колку од проширената листа на кралски должности ќе може да преземе самиот.

Има многу шпекулации дека неговиот син и престолонаследник, принцот Вилијам, ќе преземе дел од товарот на кралските должности, особено патувањата во странство.

Самата кралица Елизабета Втора престана да патува во странство во 1980-тите.

„Чарлс е стар крал. Тој нема да може да направи сè. Очекувам дека како резултат на тоа многу повеќе ќе го гледаме принцот Вилијам“, вели историчарката Кели Сваб.

Поставени се високи стандарди

Како што може да се види од избликот на тагата низ земјата по нејзината смрт, Елизабета Втора беше исклучително популарен монарх.

Тоа само по себе е предизвик за новиот крал - но не и несовладлив, според кралската историчарка Евалин Брутон.

Таа ги споменува околностите под кои Едвард VII ја наследил круната во 1901 година, по смртта на кралицата Викторија, уште еден обожаван монарх.

„Има интересни паралели помеѓу тоа каде сме сега и крајот на викторијанската ера. И Едвард VII и Чарлс III го презедоа тронот во периоди на промени во британското општество и ниту еден од нив не беше толку популарен како својата мајка“, вели Брутон.

Едвард VII владееше само девет години (1901-1910), но тој е запаметен како крал што учествувал во дипломатските напори што го поставиле камен-темелникот на познатиот „Срдечен договор“, револуционерна серија договори меѓу Велика Британија и Франција потпишани во 1904 г.

„Едвард VII на крај помина исклучително добро и нема ништо што сугерира дека Чарлс нема да биде запаметен како подеднакво важен крал“.

„Тој ја имаше кралицата Елизабета Втора како одличен модел и имаше време да се подготви за оваа задача“, вели Брутон.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе