Сноуден ги објави мемоарите: Исповед на патриот или предавник?

Мемоарите „Трајно документирање“ на Едвард Сноуден, кои некои го сметаат за откривач херој додека владата на САД го обвинува за предавство, нудат увид во искуствата кои го довеле до разоткривање на тајните програми за надзор на американските разузнавачки служби, но и предупредувања за можностите за понатамошна злоупотреба на технолошкиот напредок, пишуваат агенциите.

„Трајно документирање“ веројатно нема да промени нечие мислење за Сноуден, но кога станува збор за приватноста, слободата на говорот и уставот, неговата приказна разјаснува кои се влоговите, оценува Њујорк тајмс.

Поради откривањето на тајните програми за собирање податоци од телефоните и активностите на интернет на американските граѓани, како и за прислушувањето странски лидери, Сноуден администрацијата на претходниот претседател на САД Браак Обама го прогласи за предавник и го обвини за кршење на законот за шпионажа, одземајќи му го пасошот, со што практично беше заробен во Москва, каде што оттогаш живее.

Сноуден, истакнува Њујорк тајмс, бара од читателот да се праша што значи тоа што податоците за нашите животи се собрани и зачувани во компјутерски фајл, достапни не само сега, туку потенцијално засекогаш; дали толку доверлива работа треба да им се дава на приватни изведувачи; што повлекува со себе ефективниот надзор додека јавноста е во мрак; и кога загриженоста за националната безбедност може да лизне во неконтролирана власт.

Повикот на должност и патриотското педигре добија приоритет во Сноуденовиот опис на мотивите за обелоденување на тајните програми за надзор, но неговата книга предупредува и на опасноста од масовното надгледување кое доаѓа со технолошкиот напредок, особено како вештачката интелигенција се претопува со капацитетите за надзор, пишува Гардијан.

„Трајно документирање“ е обид на Сноуден да одговори на прашањата што направил и како назад, токму низ нешто што тој самиот, истакнува Гардијан, го смета за непријатно и ентиетичко: кршење на сопствената приватност и отворање на она што го нарекува „празна зона која се наоѓа вон досегот на државата“.

Тој простор го чувал шест години, но неговиот опис на искуствата кои го довеле до значајната одлука, заедно со деталите за семејното потекло, служат како силна одбрана од обвинувањата дека е предавник, оценува весникот.

Книгата нуди и потсетник дека обелоденувањето на масовното надгледување и обемното собирање лични податоци е важно сега како што било во 2013 и повеќе, тврди Сноуден, имајќи предвид дека приватните компании сега станале чудовишта за собирање податоци.

Сноуден доаѓа од семејство на патриоти – едниот дедо му бил контраадмирал, таткму работел за крајбрежната стража, а мајка му во НСА. Во младоста се заинтересирал за компјутерите и бил опседнат со „комодоре 64“ на неговиот татко, а со појавата на интернетот секој слободен момент го минувал онлајн, учејќи како да кодира или разбива кодови.

По терористичките напади на 11 септември 2001, се придружил на војската. Сега вели дека најмногу се кае поради својата „рефклексна, безрезервна поддршка“ на одлуката да се почне војна по нападот и дека тоа довело до „тајни мерки, тајни закони, тајни судови и тајни војни“.

За тој паралелен универзум дознал работејќи за различни разузнавачки служби на унапредување на прастарите информатички системи. Големиот момент дошол кога добил задача да направи презентација на кинеските „апсолутно вџашувачки“ капацитети за надзор. Кога тоа го направил, сфатил дека „гледа во огледало и го гледа одразот на Америка“, па сакал да утврди дали неговите стравувања се основани. Гневен поради своето откритие ги копирал документите за најшокантната програма за собирање на податоци на мала сим картичка која ја прошверцувал од зградата на НСА.

Сноуден на крајот решил да им биде лојален на агенциите за кои работел, туку на јавноста која требало да ја штитат, укажува Гардијан и истакнува дека почувствувал дека граѓаните се предадени и дека неговата должност е да објасни како.

Од друга страна, магазинот Њујоркер оценува дека мемоарите на Сноуден не ги решаваат клучните прашања на неговиот случај – „Трајно документирање“ е автобиографија на гејмер, со испиени очи приковани за екранот и желен за невидливост.

Критичарите Сноуден го обвинуваат за извлекување од контекст и извртување, а поддржувачите го гледаат како светилник на искреноста и племенитоста со неспорен интегритет, укажува Њујоркер со оценка дека читателите ќе бидат поделени и околу неговите мемоари, бидејќи поголемиот дел од книгата ги раскажува, не Сноуденовите откритија и нивните последици, туку неговото детство, момчештво и раните години од возрасната доба, игра по игра, од Нинтендо до НСА.

Сноуден е контроверзна личност, а тревожењето, како што тој го опишува тоа што го направи, е спорно прашање, особено кога станува збор за разузнавачките операции, оценува Њујоркер.

Поголемиот дел од контроверзите во случајот на Сноуден се однесува на нешто што изгледа како прашање на мислење – дали е патриот или предавник, оценува Њујоркер додавајќи дека дилемата патриот-предавник сепак не би требало да е субјективно прашање, но дека законот е нејасен.

Луѓето кои го сметаат Сноуден за патриот тврдат дека разоткривањето на масовната програма за надзор на НСА е услуга на јавноста и херојски чин, додека оние кои го сметаат за предавник тврдат дека неговите откритија ги уназадиле американските антитерористички операции и дека се загрозени разузнавачки агенти на САД и нивните извори низ светот.

Ако Сноуден е патриот тогаш заслужува заштита како откривач, но проблемот е што потпишал заклетва дека нема да оддава државни тајни, а законот за заштита на откривачите не ги штити луѓето кои откриваат доверливи информации. Од друга страна, ако Сноуден е предавник, министерството за правда со право го обвини по законот за шпионажа, освен што не изгледа дека бил шпион – ФБИ верува дека Сноуден работел на своја рака.

„Трајно документирање“ не ги решава тие прашања ниту покажува многу интерес за нив, заклучува Њујоркер.

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе