Астра Зенека се откажува од профитот

Случајна грешка ја зголемила ефикасноста на оксфордската вакцина

Астра Зенека и Универзитетот Оксфорд, благодарение на грешка при одредувањето на дозата, сега можат да побараат од регулаторните агенции дозвола за дистрибуција и употреба на вакцината против ковид-19.

Фото: ЕПА

Британската фармацевтска компанија вчера објави дека ефикасноста на нивната вакцина може да биде до 90 проценти, ако првиот пат се вбризга половина од дозата, а еден месец подоцна целата доза.

„Половина доза била вбризгувана сосема случајно“, изјави за Ројтерс Мене Пангалос, раководител за неонколошко истражување и развој во Астра Зенека.

Во времето кога Астра Зенека го почнувала партнерството со Оксфорд кон крајот на април, истражувачите од универзитетот вршеле тестови на луѓе во Велика Британија. Тие брзо забележале дека несаканите ефекти како слабост, главоболки и болка во рацете се поблаги отколку што се очекуваше, рече тој.

„Одлучивме да провериме... и откривме дека по грешка е вбризгувана половина од предвидената прва доза“, рече Пангалос.

Тој рече дека компанијата одлучила да продолжи со половина доза за помала група волонтери, а целата доза да ја инјектира во друг наврат.

Научниците велат дека не можат да објаснат зошто методот на вакцинација со помала прва доза дава подобра заштита. „Сметаме дека со давањето помала прва доза подобро го подготвуваме имунолошкиот систем за реакција“, изјави за Гардијан професорот Ендру Полард, директор на групацијата за вакцини Оксфорд, кој бил одговорен за тестирањето на вакцината

„Она што во моментов не го знаеме е дали има разлика во квалитетот или квантитетот на имунолошката реакција. Тоа дефинитивно е нешто со што ќе се занимаваме во следните неколку недели“, рече Полард.

Професорката Сара Гилберт, која го управува проектот, рече дека е можно „давањето прво мали, а потоа големи дози да е подобар начин да се покрене имунолошкиот систем и да се обезбеди најсилен имунолошки одговор“. Астра Зенека и Оксфорд спроведоа истражување на над 20.000 волонтери во Велика Британија и во Бразил. Вкупно, пријавени се 30 случаи на ковид-19 кај оние што примиле две дози од вакцината и 101 случај кај оние што примиле плацебо. Врз основа на тие податоци, истражувачите велат дека ефикасноста на вакцината е 70 проценти, што е подобро од сезонскиот грип.

Ниту еден од волонтерите што ја примиле вакцината не развил потешка форма на ковид-19, ниту им требало болничко лекување.

Повеќето од учесниците во тестот добиле две цели дози во растојание од четири недели - како што беше и планирано - и ефикасноста била 62 проценти. Околу 3.000 волонтери прво примиле половина од дозата, а четири недели подоцна целата доза и податоците покажале дека 90 проценти од нив биле заштитени од ковид.

Со комбинирање на податоците од обете групи, ефикасноста на вакцината е 70 проценти. Вакцината на Оксфорд е третата за која се презентирани резултати за ефикасноста, по вакцината што ја произведоа Фајзер и Бајонтек и таа на Модерна, кои се базираат на различна технологија. За двете вакцини е пријавена ефикасност од скоро 95% и се бара одобрување во САД и во Велика Британија.

И иако резултатите од оксфордската вакцина не изгледаат толку добри во споредба со претходните вакцини, научниците тврдат дека не може ни да се споредат затоа што вклучувале податоци за луѓе што развиле поблага и потешка клиничка слика, за разлика од вакцините на Фајзер и Модерна.

Оксфордската вакцина има и голем број големи предности, најмногу затоа што останува стабилна на температури од два до осум степени, што ја прави лесна за транспорт и за употреба насекаде во светот. Исто така, таа е и значително поевтина, чини околу четири долари по доза, додека цената на американските вакцини е помеѓу 20 и 33 долари.

Вакцината од Оксфорд се покажа како безбедна и ефикасна кај постарите лица, а има рани знаци и дека би можела и да го намали пренесувањето на болеста.

Оксфорд и Астра Зенека претходно ветија дека ќе обезбедат една милијарда дози од вакцината за земјите со низок и среден приход. За разлика од Фајзер и Модерна, Астра Зенека се обврза и дека ќе се откаже од приходите и ќе обезбеди повеќе дози за земјите надвор од Европа и од САД.

„Ќе продолжиме да работиме за да им дадеме детални информации на регулаторите. Беше привилегија да се учествува во овие мултинационални напори, од кои целиот свет ќе има корист“, рече професорката Гилберт.

Велика Британија веќе нарача 100 милиони вакцини од Оксфорд, кој е столбот на британскиот план за вакцинирање. Производството веќе почна и четири милиони дози од вакцината веќе се обезбедени, но не може да се користат додека официјално не се одобри вакцината.

 

Децениско научно искуство, челичен став и мејлови до доцна во ноќта

Во срцето на напорите за производство на вакцина во Оксфорд се неколку научници, кои заедно имаат децениско искуство во дизајнирање, развој, производство и тестирање безбедни вакцини.

Тимот на научници од Оксфорд почнал со работа на вакцината против ковид во сабота наутро на 11 јануари, неколку часа откако научниците во Кина ја објавија првата генетска низа на вирусот. Вакцината тој викенд ја дизајнирале професорките Сара Гилберт и Тереза Ламбе со другите колеги, потпирајќи се на искуства од истражувањето други коронавируси.

Професорката Сара Гилберт работи во Оксфорд од 1994 година, а најголем дел од својата кариера поминала во истражување експериментални вакцини, од онаа што го зголемува бројот на белите крвни зрнца во борбата против маларијата до „универзалната“ вакцина против грип. Нејзините колеги од студиите велат дека таа плетела џемпери и свирела саксофон во шума за да не ги вознемирува соседите. На Оксфорд стекнала репутација на личност што не поднесува бесмислици, што некои го припишуваат на фактот дека е мајка на три деца, во чие воспитување ѝ помага нејзиниот сопруг, кој поради тоа ја напуштил работата.

Професорот Адријан Хил е ирски вакцинолог за кого медицинското списание Лансет напиша дека тој е тивок човек со челичен став. Тој беше првиот што почна со клинички испитувања на вакцината против ебола заснована на вирусот кај шимпанзата за време на епидемијата во 2014 година во Западна Африка.

Благодарение на неговата работа, Гилберт и Тереза Ламбе развиле експериментална вакцина против коронавирусот мерс-ков. Клиничките испитувања на таа вакцина почнале во декември минатата година, токму кога и се појави причината за сегашната пандемија во Кина.

Неколку недели по почетокот на работата на вакцината против ковид-19, Оксфорд имал производ за лабораториско испитување. Гилберт, за која колегите велат дека испраќа мејлови од четири наутро до доцна во ноќта, веднаш побарала производство на примероци за тестирање врз луѓе. Производствената единица на Оксфорд, управувана од професорката Кетрин Грин, се покажала дорасната на задачата и многу брзо направила вакцина за првата фаза на тестирање.

Следен на потег бил Сенди Даглас, кој пристигнал во Оксфорд во 2004 година како студент по медицина, а на вакцини работи од 2007 година. Тој уште од самиот почеток велел дека оваа пандемија може да биде лоша како онаа во 1918 година и смета дека одредени научни заедници ги игнорирале настаните во Кина. Неговиот тим смислил начин за производство на вакцини во индустриски размери и формирал конзорциум за производство во Велика Британија, Холандија, Индија и Кина. До март, сè било подготвено за производство на десетици милиони дози, дури и пред некој да знае дали вакцината воопшто функционира.

До почетокот на април, Оксфорд имал доволно вакцини за клинички испитувања. Ендру Полард, шеф на групата за вакцини во Оксфорд, кој веќе 20 години спроведува клинички испитувања, ги подготвил и ги надгледувал тестовите. Неговиот тим работел со лекари на 19 тестни локации во Британија и на шест во Бразил и Јужна Африка. Тој месец, првите вакцини беа инјектирани во волонтери. Денес, седум месеци подоцна, научниците можат да кажат дека тие функционираат.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе