Гардијан

Сликите со мртви мигранти предизвикуваат тага кај нас. Но каква корист имаат тие од тоа?

Фотографијата со удавениот салвадорски мигрант и неговата ќерка го вознемири целиот свет. Тоа не е доволно.

Утрото на 17 јануари 2018 година хуманитарната група „Да нема повеќе умирања“ објави извештај според кој, во текот на цели четири години американските погранични полицајци уништиле 3.856 литри вода што била оставана за мигрантите во пустината, вели Гери Јанг, колумнист на Гардијан.

Тоа попладне, Скот Ворен, волонтер од „Да нема повеќе умирања“, беше уапсен зашто им однел храна, вода, постелнина и чиста облека на двајца мажи што незаконски влегле во земјата. Тој ги нашол во област во која само во претходната година беа најдени 32 тела.

Обвинет за транспортирање и засолнување мигранти, тој се соочи со 20 години затвор. Месецов неговото судење заврши со порота што не може да донесе одлука.

Поинаку кажано, американската порота била прашана дали, во суштина, треба да биде нелегално едно човечко суштество да ги даде основните средства за да го спаси животот на други човечки суштества што имаат очајна потреба - и таа не можела да донесе одлука. (Поротата била поделена 8 спрема 4 во корист на Ворен. Државата ќе одлучи дали повторно ќе го суди следната недела.)

Значи, кога ќе ја видиме фотографијата од безживотното тело на 26-годишниот Салвадорец Оскар Алберто Мартинез Рамирез, како ја прегрнува својата мртва 23-месечна ќерка, Енџи Валерија, со лицето надолу во Рио Гранде, важно е да се дешифрира што точно може да биде извор на шокот.

Како што илустрира случајот на Ворен, ваквите смртни случаи не се вести во конвенционалната смисла на зборот, исто како што не е „вест“ ни дека американската полиција пука во црнци на улица. Во отсуство на масовни протести постои ниво на расно страдање што ретко го надминува статусот на белата бучава на западот. Не само што знаеме дека овие работи се случуваат и дека се случуваат веќе долго време; знаеме и дека тие не се случуваат случајно, и дека може да бидат спречени ако ние, како општество, сакаме да го сториме тоа. Има некоја тага во страдањето, но зад него има и политика.

Трагичната фотографија е вест бидејќи основната човечност на оние што загинале толку редовно била негирана, што доказот дека тие не се „бубашваби“, „животни“, „туѓинци“, „илегалци“, стаорци или штетници, туку вистински луѓе, искрено се прима како новост - вбризгува емпатична инјекција во морално склеротичната вена на дехуманизираната политичка култура.

Ова беа татко и ќерка, кои се држеле еден за друг до самиот крај: нежно, ранливо, трогателно. Во извесна смисла тоа е проблемот. Ако за нивните животни приказни да се пробијат во мејнстримот тие прво мора да бидат мртви, од каква корист им е тоа ним? Фактот дека тие се предмет на сожалување, на срам или дури и на гнев, не ги прави ништо помалку објекти соодветни за нашата самобендисаност.

Емпатијата може да биде првиот чекор кон солидарноста - кликнете, споделете, ангажирајте се. Ворен мора да бил некако освестен и радикализиран. Во 2006 година возев по целата должина на американско-мексиканската граница од Браунсвил, Тексас, каде што беа пронајдени Енџи Валерија и Оскар, до Сан Диего. Попат, зборував со Армандо Аларкон, кого татко му го пренел преку Рио Гранде кога бил на возраст на Енџи Валерија. Кога Аларкон видел вест дека тело на осумгодишно девојче е пронајдено од граничната патрола откако било напуштено од нејзиниот шверцер, купил авион цесна 172 и основал група наречена Пајанос ал Рескате - Сонародници во спасувачка мисија.

Аларкон и неговите колеги хуманитарци летале над границата со дволитарски шишиња со вода, барајќи мигранти што преминуваат. На шишињата имале прицврстено падобрани и мали графикони во кои биле објаснети опциите на имигрантите. Ако се во неволја и сакаат да бидат спасени, треба да легнат на земја и пилотот ќе ја повика граничната патрола; ако не сакаат да бидат спасени, треба да застанат и да мавтаат, а пилотот ќе им фрли уште вода и ќе си продолжи.

„Повеќето што умираат таму се старци и мали деца“, рече Аларкон. „Едноставно не ми е гајле што зборуваат луѓето за тоа или дали им се допаѓа. Тоа е хуманитарна работа. Тоа не е нелегално.“ Не беше тогаш. Може да е сега.

Но, премногу често, овие моменти и завршуваат со драматичниот бес при кликањето и споделувањето. Оние што се надеваат дека сликата на Оскар и Енџи Валерија ќе го имаат истото влијание како и сликата на Ајлан Курди, тригодишното Сиријче чие тело водата го исфрли на турскиот брег, треба да внимаваат што посакуваат. Еден интензивен период сликата на Курди предизвикуваше интерес и бес, донациите за групите на бегалци се зголемија, ксенофобичната реторика стивна. Но наскоро, работите се вратија во абнормала. Поддршката за екстремно десничарските партии порасна, донациите паднаа, политиките се вратија.

Има две други работи што можеме да ги научиме од Аларкон и Ајлан кога станува збор за оваа слика.

Првата е тоа што ова е поголемо од само Доналд Трамп. За многу работи може и треба да го обвинуваме Трамп кога станува збор за третманот на имигрантите. Тоа е човекот што ја крена народната ксенофобија до непристојни нивоа и ги одвојуваше децата од нивните родители на границата. Асошиејтед прес месецов од граничната патролна станица во Тексас јави дека еден чувар им предал на неколку девојчиња, на возраст помеѓу 10 и 15 години, двегодишно момче да го чуваат. Кога правничкиот тим го видел, детето носело маичка со дамки од лиги, било без пелена и целото било мокро.

Истата недела една владина адвокатка, Сара Фабијан, пред панел од тројца судии во окружниот апелационен суд во Сан Франциско рече дека на притворените деца-мигранти не им требаат сапуни и кревети.

Но вистината е дека иако Трамп ја влоши лошата ситуација, тој не ја создаде. Во 2006 година авторот и предавач Мајк Дејвис, кој живее во Сан Диего, ми ја опиша границата како „најекстремната економска провалија на планетава“.

Втората работа е дека ова е поголемо од само Америка. Месецов еден германски спасувачки брод донесе во Италија 42 бегалци спасени од бродолом и почна да добива закани од италијанската влада дека ќе биде парично казнет. Пред четири години британската влада го убеди остатокот од Европа да престане да ги поддржува мисиите за пребарување и спасување бродови што тонат, бидејќи тоа било „фактор на привлекување мигранти“. Кога престанаа да ги спасуваат луѓето што се дават, овие почнаа да се удавуваат.

Ова е глобална трагедија. Исто како што на власт во Унгарија, Австралија, Италија и Велика Британија се дупликати на Трамп, исто така Оскар и Енџи Валерија имаат свои врсници во Сирија и Либија, како и на дното на Средоземно и Карипско Море. Луѓето не се само во потрага по подобар живот. Тие бегаат од полош живот, во кој сме вмешани и ние. Премногу често тие бегаат од диктаторите што ние ги поддржуваме, од војните што ние сме ги почнале, од оружјето што ние сме го продале во регионите што ние сме ги дестабилизирале, од еколошкиот хаос што ние сме го покренале и од сиромаштијата што ние или сме ја оставиле или сме ја наметнале. Има некоја тага во ова, но зад него има и политика. Ним не им треба сочувство, ним им треба наша солидарност.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе