„Мои сограѓани Американци“

„Сите ќе умреме поради него“: чувство на непријатност по говорот на Трамп за коронавирусот

Претседателот го почна својот говор како што прават многу лидери, а потоа се сврте кон својот познат национализам, па уфрли и малку кампања.

Првото обраќање на Доналд Трамп од Овалната канцеларија - тој скоро свет олтар на американските претседатели во ударен телевизиски термин - беше во јануари 2019 година, во екот на делумна блокада на владата, во кој тврдеше дека само граничниот ѕид може да ги задржи опасните илегални имигранти.

Неговото второ вакво обраќање во средата вечер повторно беше обвиено во термини околу потребата да ѝ „се спротивставиме на странска инвазија“, за која е виновен некој друг. Проблемот е во тоа што коронавирусот веќе е во Америка и се шири.

А пораката ја испрати 73-годишен маж со навика да шмрка, кој не оддаваше блескава слика на добро здравје и со мака читаше од телесуфлерот. Неговото смело тврдење минатата недела - „Ми се допаѓа ова. Стварно го сфаќам... Можеби имам природен талент“ - се чинеше уште поневеројатно од порано.

Целта на обраќањата до нацијата од Овалната канцеларија е да бидат дефинирачки моменти во кои претседателот се однесува како шеф или како главен утешител. Кога екипажот на вселенскиот шатл Челинџер загина во катастрофа во 1986 година, Роналд Реган вети: „Никогаш нема да ги заборавиме, ниту последниот пат кога ги видовме, утрово, додека се подготвуваа за своето патување и мавтаа за довидување и 'се оттргнаа од границите на земјата' за да го 'допрат лицето на Бога'“.

Џорџ Буш имаше шест обраќања од Овалната канцеларија, меѓу кои и тоа во ноќта на терористичките напади на 11 септември. Барак Обама имаше три. Трамп, како и обично, тргна спротивно од традицијата - помина точно една година од последниот брифинг на Белата куќа за медиумите - но дури и тој смета дека некои од нив се неопходни или корисни.

Во средата тој носеше син костум, бела кошула и сина вратоврска - не неговата омилена црвена боја. Тој, исто така, имаше значка со ѕвезди и ленти и ги имаше склопено рацете пред себе (не рече ништо за потенцијалните опасности од ракувањето). Неговото лице беше строго портокалово. Зад него стоеја врамени фотографии, меѓу кои и портрети на неговите родители, и знамиња и златни завеси.

Трамп почна како и сите други претседатели: „Мои сограѓани Американци“. Но со следниот здив, тој му се врати на својот познат национализам „ние-наспроти-нив“, осврнувајќи се на епидемијата на коронавирусот „што почна во Кина“ и сега се шири низ целиот свет. „Ова е најагресивниот и најсеопфатен напор за борба со странски вирус во модерната историја“. Не само вирус. Странски вирус. Претседателот ги рекламираше своите сопствени масовни забрани на патувања кон Кина и, далеку од искажување сочувство и солидарност со сојузниците, тврдеше дека Европската Унија „пропушти да ги преземе истите мерки на претпазливост и да го ограничи патувањето од Кина и другите жаришта. Како резултат на тоа, голем број нови групи луѓе во САД беа заразени од патници од Европа“.

Трамп најави дека САД нема да ги пуштаат патниците од многу европски држави во наредните 30 дена со исклучок на Американците, постојаните жители и семејствата на американски граѓани што поминале на скрининг и, мистериозно, Велика Британија, и покрај тоа што таа има поголем број заразени од некои други европски земји. Дали брегзитот е новата аеродромска претконтрола?

Претседателот потоа кажа нешто ужасно хаотично. Тој рече дека „овие забрани нема да се однесуваат само на огромниот обем на трговија и карго, туку и на разни други работи додека не добиеме одобрување“. Овие зборови може да предизвикаат глобална економска паника. Трамп потоа беше принуден набрзина да разјасни на Твитер: „...многу е важно сите земји и компании да знаат дека трговијата во никој случај нема да биде погодена со 30-дневното ограничување на патувањето од Европа. Ограничувањето важи за луѓе, а не за стоки“.

Тој продолжи да зборува за патогенот како да е странска армија или терористичка мрежа. „Вирусот нема да има шанси против нас“, рече тој. „Ниту една нација не е поподготвена или поотпорна од Соединетите Држави“.

И во екот на сета алармантност, Трамп не можеше да одолее да протне и малку кампања. „Поради економските политики што ги воведовме во последните три години, досега имаме далеку најдобра економија во целиот свет“, рече тој.

„Ова не е финансиска криза, ова е само една точка во времето што заедно ќе ја надминеме како нација и како свет“.

Многу набљудувачи го сметаат обраќањето за неуверливо и комплетно лудо. Сузан Гласер од Њујоркер твитна: „Вечерва е впечатлив милитаристичкиот, националистички јазик во говорот на Трамп: 'странски вирус', да ги држиме на дистанца Кина и Европа“.

Дејвид Лит, кој му пишуваше говори на Обама, објави: „Како поранешен пишувач на претседателски говори, мојата внимателна реторичка анализа е дека сите ќе умреме поради него“.

Трамповото второ обраќање од Овалната канцеларија заврши за 10 минути. Тогаш некој зад камерата рече: „Готови сме“. Претседателот го раскопча сакото и со олеснување извика: „Добро!“

За милиони гледачи, тоа беше сè само не добро.

Гардијан

Објавено

Четврток, Март 12, 2020 - 16:10

Даночните затајувачи сѐ почесто се мали фирми, кои сѐ потешко се следат.

повеќе

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе