Си-ен-ен: Само Русија може да ја сопре војната во Нагорно Карабах. Што чека?

Едно време изгледаше дека се пријатели. Рускиот претседател Владимир Путин, поранешниот КГБ-овец, успеа да одметне еден од најнезгодните членови на НАТО, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Изгледаше дека тие двајца се постојано на врска, Турција по купувањето на рускиот противвоздушен систем С-400 беше исфрлена од програмата за американскиот Ф-35, а Анкара одеднаш изгледаше поблиска до Москва отколку со Алијансата со седиште во Брисел. Меѓутоа, и тоа се смени, пишува Си-ен-ен.

EPA-EFE

По судирот во Сирија, поддршката на соперничките сили во Либија и генералниот акцент на капитализирање на американското повлекување од регионот, Ердоган и Путин повеќе не се блиски. Всушност, во текот на целата ескалација на конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан околу регионот Нагорно Карабах, Ердоган го стави Путин во најсложената позиција во последните години.

Целосната поддршка на Турција на азербејџанската кампања и многу веројатното нејзино овозможување на сириските платеници да се стават на страната на Баку, што Анкара официјално го негира, го доведе Азербејџан до брзо и брутално напредување. Ерменија предложи оживување на стариот формат на преговорите, повика на американска поддршка и вети дека ќе продолжи да се бори.

Но изгледа дека Ерменија го губи тлото под нозе. И додека бомбардирањето стигнува до цивилните области сѐ почесто и сѐ подлабоко од двете страни, во Москва владее заглушувачка тишина. Регионалниот посредник, кој граничи со Азербејџан, но има формален безбедносен сојуз со Ерменија, ја употреби дипломатијата со цел да стивне оружјето, но досега гледаше како ова хаотично поглавје во неговиот сопствен двор се одвива без негово видливо влијание.

Неделава Москва е на потег. Изгледа дека Ерменија нема технички можности да парира на дроновите и темпото на азербејџанската офанзива, туку наместо тоа, како што тврди Азербејџан, го шири конфликтот со бомбардирање градови. Ова е моментот во кој Кремљ традиционално би се заканувал, наговарал или со бомби би постигнал враќање на некогашниот поредок, потсетувајќи ги соседите кој беше газдата во децениите на советската власт. Но, тоа не се случи и не е јасно зошто.

Путин за време на викендот разговараше со својот совет за безбедност, а до попладнето во понеделникот сајтот на Кремљ го објави неговиот разговор за тоа прашање, меѓу другото и со претседателот на Таџикистан, кој не баш дека е во центарот на регионалниот пожар.

Има аргументи дека ерменскиот премиер Никол Пашинјан, кој дојде на власт со Кадифената револуција во 2018 година, барајќи реформи во западен стил, е токму онаков сојузник какви што Москва не сака. Пашинјан внимателно се приближуваше до Европската Унија, истовремено балансирајќи ги длабоките економски врски со Русија. Значи, оставањето на лидерот во Ереван да се препотува или дури да изгуби, би можела да биде казна за неговата политика.

Русија го припои црноморскиот полуостров Крим откако Украина во 2014 отиде предалеку во пријателството со Брисел и Вашингтон.

Но, таа порака за цената на несоодветната лојалност кон Русија Ерменија можеби веќе ја слушнала. Погласна е регионалната порака дека турскиот сојузник очигледно победува. За Русија тоа е ризична процена, бидејќи нацијата која, иако многу споро, се врти кон ЕУ би можела да излезе од кризата покритична кон долгорочниот сојузник Русија, која ја оставила во неволја, отколку кон проевропскиот премиер.

Постои и друг аргумент дека Нагорно Карабах, планинска област која се наоѓа во азербејџанските граници и претставува збунувачка аномалија на картата, едноставно нема доволна стратегиска важност за Москва за да се потруди да го потроши својот воен и политички капитал. Сепак, Ерменија е долгорочниот домен на Кремљ, што во август се зајакна со продажба на уште повеќе оружје по намалена цена на членката на руската Организација за колективна безбедност, и покрај гневот на побогатиот Азербејџан.

Организацијата за колективна безбедност треба неделава да одржи воени вежби во Белорусија, под називот Неуништливо братство, но Ерменија вчера најави дека ќе се повлече, наведувајќи го како причина притисокот од конфликтот. Ерменија очигледно не е излезена од безбедносниот радар на Путин. Пашинјан во текот на кризата неколку пати телефонски разговараше со Путин.

На Западот постои мислење дека сѐ околу Путин се случува според неговиот дизајн. Конвенционалниот наратив вели дека експертот за џудо од Кремљ ќе ги надмудри своите непријатели со голема флексибилност, помалку отпор и рамнотежа и потрајни геополитички перспективи од демократиите кои на тоа се противат. Се смета дека Путин со решителна акција ќе ја реши кризата, додека Европа и САД едноставно ќе ја изразат својата загриженост на најсилен можен начин.

Сепак, Кремљ во последно време прилично доста интервенира. Москва во моментов има единици во Украина, Сирија и Либија. Мораше да му испрати и итна поддршка на нападнатиот белоруски диктатор Александар Лукашенко, а опсегот и форматот на интервенцијата не се познати. Тоа се четири кризи, кои се мошне живи. Има ли Кремљ ресурси и желудник за петта криза?

Внесувањето на руската воена моќ во конфликтот околу Нагорно Карабах не би било едноставно. Русија има бази во Ереван и Ѓумри, но би морала воздушно да ги достави луѓето и материјалот или да ја замоли Грузија за транспорт по копно. И за тоа е доцна. Азербејџанците имаат техничка и стратегиска предност, иако Анкара ги негира француските обвинувања дека тоа е последица на нејзиното доведување сириски платеници, истакнува Си-ен-ен.

На Путин ни дома не му е ситуацијата најпријатна. Анкетите покажуваат дека се опоравил од пандемијата и домашното политичко незадоволство, но руската економија сѐ уште е во проблеми. Германија го обвини за труење на својот ривал. Протести има многу, а Белорусија е далеку од стабилна. Можеби сега не е вистинското време за уште една бескрајна воена авантура:

Дури и кога тоа би се случило, би било изненадување, како изостанувањето на Соединетите Американски Држави. Првата реакција на судирите околу Нагорно Карабах беше повикот на заменик државниот секретар Стивен Бајгун до двајцата министри за надворешни работи.

Минатата недела државниот секретар Мајк Помпео го зајакна чувството на американска рамнодушност кога кажа: „Не сакаме интернационализација на сето ова. Мислам дека другите би требало да се држат на страна. Повикуваме на прекин на огнот“.

Поточно, САД не се заинтересирани. Би било извонредно за турската позиција во регионот кога и Русија би продолжила да биде незаинтересирана, заклучува Си-ен-ен.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе

Јас, Ангела Илиевска , учесник во повеќе протестни движења низ годините наназад, со себе го носам товарот на мојата личност и идеалите кои ги застапувам низ сите тие движења.

повеќе

Германија не го негира своетo фашистичко минато, ниту дека ја окупирала Франција, па следствено, не се ни менувани ни учебниците во обете земји, ниту се бришани делови од споменични натписи.

повеќе