И Вашингтон сфаќа дека прекинот на огнот не е реален

Си-ен-ен: По повлекувањето на САД, Путин е газда на хаосот во Сирија

Откако американскиот претседател Доналд Трамп договорот за северот на Сирија, кој неговата администрација го испреговара со Анкара, го поздрави како „сјаен ден за цивилизацијата“, Турците веднаш ја полеаја со студена вода еуфоричната Бела куќа, одбивајќи тој договор да го наречат прекин на огнот, пишува Си-ен-ен.

Само неколку часа подоцна, напади од воздух и артилериски оган можеа да се видат на северот на Сирија додека Сириските демократски сили, во кои доминираат Курдите, ја обвинуваа Анкара и нејзините сојузници за тешко кршење на прекинот на огнот.

И во Вашингтон и на Блискиот Исток сфаќаат дека прекинот на огнот не е вистински. Истекува во вторник, 22 октомври, истиот ден кога рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган ќе се сретнат во Сочи за да разговараат за иднината на Сирија. Прилично е јасно: светот тогаш ќе дознае каква ќе биде иднината на тој нестабилен регион.

Исто така е јасно и дека рускиот претседател во голема мера ќе ја одреди таа иднина. Со Трамповото напуштање на Курдите, главните сојузници на Америка во борбата против Исламска држава, и неговото де факто „зелено светло“ за турската инвазија на северот на Сирија, Белата куќа се извлече од сириската равенка. Дали е тоа добро или лошо, Путин сега е сопственикот на воениот и политичкиот хаос кој таму се одвива.

Но, за разлика од избрзаните напори на Трамповата администрација со дипломатија во последен час да се обиде да го спречи крвопролевањето чие почнување го помогна,, Путин барем изгледа како човек со план.

Русија веднаш почна преговори со Курдите и со главниот сојузник на Москва, владата на Башар ал Асад, брзо постигнувајќи договор на сириската војска да ѝ се дозволи влез во областите каде што живеат Курдите, каде Дамаск со години не беше присутен, за да се сопре офанзивата која ја водат Турците. Москва распореди и сопствена војска како „тампон“ за Турците и нивните сојузници да ги раздвои од Курдите и сириските владини трупи.

Потегот предизвика изблик на гордост кај војската на Путин: „Кога ќе се појави руското знаме, борбите се прекинуваат – ни Курдите ни Турците не сакаат да ни наштетат, така што борбите прекинуваат благодарение на нашиот труд“, изјави офицерот на руската војска Сафар Сафаров, пренесува ТАСС, откако единиците на руската воена полиција почнаа да патролираат во сирискиот град Манбиџ.

Со новата улога на Русија како неприкосновена водечка сила, доаѓа и тежок ризик, предупредува Си-ен-ен. Ситуацијата на североистокот на Сирија е повеќе од нестабилна. Турците јасно дадоа до знаење дека нема да дозволат курдско воено присуство во близина на својата граница. Но, копнените сили на анкара се состојат главно од сириските бунтовнички групи, од кои многумина се тврди исламисти, па Курдите се плашат дека ќе бидат мета на етничко чистење на малцинствата во тој шарен регион.

Покрај сето тоа, сириските владини трупи и бунтовниците во сојузништво со Анкара исто така имаат за што да се пресметаат едни со други по злосторствата извршени за време на разорната осумгодишна граѓанска војна.

Изгледа дека Москва ја разбира опасноста на ситуацијата во која ја доведе нејзината нова водечка улога.

„Долга низа години се обидуваме да го свртиме вниманието дека експлозивната политика на САД и нивната коалиција водеше кон распаѓање на Сирија и создавање квазидржавни формации на источниот брег на Еуфрат, туркајќи ги Курдите во сепаратизам и судир со арапските племиња“, изјави минатата недела рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Кремљ е сериозно загрижен бидејќи државјаните на Русија кои се бореа на страната на ИСИС и другите бунтовнички групи би можеле да се вратат во својата татковина – Русија, и таму да предизвикуваат нестабилност. Во моментот кога Турција ја почна офанзивата во северна Сирија, Кремљ изрази исклучително длабок сомнеж во способноста на Турција да ги задржи илјадниците заробени припадници на Исламска држава и нивните семејства кои Курдите ги чуваат.

„Постојат области на северот на Сирија во кои се сконцентрирани екстремисти на Исламска држава кои до неодамна ги чуваше курдската војска. Турската војска влезе во тие региони,а Курдите заминаа... Сега тие (борците на ИСИС) можат едноставно да избегаат, а јас не сум сигурен дека турската војска може, и колку броз, да воспостави контрола“, кажа Путин минатата недела на форумот на Заедницата на независни држави во Ашгабат.

Русија во 1990-тите се соочи со долготрајниот бунт во Чеченија и неколку години водеше крвава војна. Последното што Владимир Путин го сака е поранешните припадници на Исламска држава да се вратат во регионот на Кавказот што повторно би довело до нестабилност. На форумот во Туркменистан Путин ги предупреди останатите лидери од регионот да се подготват за таква ситуација. „Зборуваме за стотици екстремисти таму, за илјадници кога станува збор за земјите од ЗНД. Тоа за нас е реална закана. Како и каде ќе се упатат“, праша Путин.

„Тоа мораме да го сфатиме и да ги мобилизираме силите на нашите специјални служби за да ја намалиме таа нова закана“, додаде Путин.

Но, и покрај сите опасности од Путиновата стратегија со голем влог во Сирија, рускиот лидер и понатаму може да спречи ситуацијата уште повеќе да се разгори.

И покрај многуте американски и европски државници кои ја обвинуваат Москва за лаги и воени злосторства, изгледа дека сите земји и страни вклучени во сириската криза се сложуваат дека Москва во таа криза е сепак посигурен играч од Вашингтон.

НАТО сојузничката Турција со години соработува со Русите, и покрај тоа што поддржуваат спротивставени фракции во сириската граѓанска војна. Изгледа дека дури и заколнатите непријатели Израел и Иран се сложуваат дека патот кон обезбедувањето на нивните интереси оди преку Москва.

А кога Сириските демократски сили во кои доминираат Курдите, а ја имаа поддршката од САД и изгубија околу 11.000 борци во војната против Исламска држава, дознаа дека Трамп ги отфрлил и ги препуштил на инвазијата на Ердоган, отидоа исто така право кај Русите бидејќи Москва со години соработува и разговара со нив.

Значи, никогаш решението за хаосот на североистокот на Сирија нема да може да го најде Трамповата Бела куќа, а нема ни да се обиде. Ако има договор за тоа, ќе го постигнат Путин и Ердоган утре во Сочи, и тоа под свои услови, заклучува Си-ен-ен.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе