Од Велика Британија

Што знаеме за новиот сој на коронавирусот: 70 проценти попренослив, но не и поопасен

Додека европските земји воведуваат забрани за патување за Велика Британија, се појавуваат првите информации за инфекцијата со новиот сој на коронавирусот што се шири на југот на Англија, пренесува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Британските медицински експерти рекоа дека нема докази дека новата форма на вирусот е посмртоносна или дека поинаку ќе реагира на постојните вакцини, но дека се покажало дека е 70% попренослива.

Велика Британија вчера достигна рекорден број новозаразени - нови 35.928 случаи.

 

Што значи новата мутација на коронавирусот?

Вирусите обично мутираат, а научниците открија илјадници различни мутации меѓу примероците на вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19.

Многу од овие мутации немаат никакво влијание врз стапката на ширење и сериозноста на симптомите.

Прашањето со кое сега се соочуваат научниците е дали мутацијата на коронавирусот наречена ВУИ-202012/01 спаѓа во таа категорија и дали претставува зголемен ризик врз здравјето?

Или, пак, неодамнешното брзо ширење на југот на Англија е поврзано со луѓе што заразиле многу други, можеби затоа што ги игнорираат рестриктивните мерки?

ВУИ - 202012/01 е варијанта на САРС-КоВ-2, а првпат беше откриена во Велика Британија во октомври 2020 година од примерок земен во текот на септември.

Мет Хенкок, британскиот министер за здравство, рече дека новиот сој на вирусот, кој се шири побрзо од другите варијанти, не е поопасен, но дека мора да се стави под контрола.

„Единствениот начин на кој можете да го направите тоа е со ограничување на социјалните контакти и во основа, особено во областите со голем број заразени луѓе, секој треба да се однесува како можеби да го има вирусот и тоа е начинот на кој можеме да го ставиме под контрола и да ги заштитиме луѓето“, рече вчера Хенкок.

Новите анализи ќе вклучуваат одгледување на новиот сој на вирусот во лабораториите, проучување на неговата реакција на антителата и тестирање на неговата вкрстена реакција со вакцините против ковид-19.

Покрај тоа, здравствените власти сега по случаен избор секвенционираат примероци од позитивни случаи низ Велика Британија за да го испитаат неговото ширење и да изградат регионални мапи на неговата преваленција, односно бројот на сите случаи на заболување кај дадена популација во даден период. Оваа работа ќе трае најмалку две недели, пишува Гардијан.

 

Дали појавата на новиот сој е знак за тревога?

Појавата на новата варијанта е алармантна - иако, треба да се напомене дека досега веќе имаше неколку мутации на САРС-КоВ-2.

Во ноември, данската влада отстрани милиони куни откако се откри дека стотици случаи на ковид-19 поврзани со варијанти на САРС-КоВ-2 биле носени од животното.

Во октомври анализите сугерираа дека варијантата на коронавирусот што потекнала од шпански земјоделски работници се шири брзо низ цела Европа и ги сочинува повеќето случаи во Велика Британија.

Во ниту еден од овие два случаи не беше откриено дека овие варијанти го зголемуваат пренесувањето на болеста.

Сепак, сега не е јасно дали тоа важи и за варијантата ВУИ-202012/01. Она што научниците сега треба да го решат е прашањето за влијанието на новата варијанта - особено дали тоа ќе доведе до зголемување на случаите на тешка форма на ковид-19.

Друго големо прашање е дали новата варијанта ќе може да ја заобиколи заштитата што ја нудат вакцините на ковид-19, кои сега се применуваат низ цела Британија.

Постојат три фактори што го привлекуваат вниманието на варијантата ВУИ-202012/01 на САРС-КоВ-2, кои ја објаснуваат можноста за полесно ширење на вирусот, објаснува Би-би-си:

Брзо ги менува другите варијанти на вирусот.

Има мутации што влијаат на делови од вирусот за кои се чини дека се важни.

Некои од овие мутации веќе се покажале во лабораториите и покажуваат зголемена способност на вирусот да зарази други клетки.

Сепак, ништо не е апсолутно сигурно.

Новите соеви може да станат почести едноставно со престој на вистинското место во вистинското време - како Лондон, кој до неодамна беше на второ ниво рестриктивни мерки, што подразбираше, меѓу другото, и отворање на неесенцијалните продавници, како и фризерските салони, верските објекти и рестораните и угостителските објекти, кои работеа со скратено работно време до 23 часот.

„Потребни се лабораториски експерименти, но дали сакате да почекате неколку недели или месеци за да ги видите резултатите и да преземете мерки за ограничување на ширењето? Веројатно не во овие околности“, изјави за Би-би-си професорот Ник Ломан од конзорциумот „Ковид-19 џеномикс УК“.

Советодавната група на британската влада за ковид-19 предупреди дека новиот вид е „вистинска причина за загриженост“ и повика на итна акција.

На Твитер, Џереми Фарар, британскиот медицински истражувач и директор на Велкам траст, напиша дека владата има целосно право да дејствува веднаш, затоа што „поголемиот пренос значи повеќе луѓе во болниците и трагични смртни случаи... Исто така, така вирусот добива повеќе можност за мутација и избегнување на ефектите од третманот и вакцините“.

 

Од каде потекнува новиот вирус ВУИ - 202012/01?

Како и со другите нови варијанти или соеви на вирусот што предизвикува ковид-19, и овој сој има генетски отпечаток што го олеснува следењето, а тоа случајно е оној што сега е чест, пишува Си-ен-ен.

Ова не значи дека мутацијата го олеснила неговото ширење, ниту пак мора да значи дека оваа варијација на вирусот е поопасна.

Варијантата ВУИ-202012/01 е невообичаено високо мутирана и најверојатното објаснување е дека потекнува од пациенти со ослабен имунолошки систем што не можеле да го победат вирусот.

Нивните тела станале почва за размножување на вирусот, заклучува Би-би-си.

 

Земјите од ЕУ воведуваат забрани за летови од Велика Британија

Откако беше утврдено дека новиот сој на коронавирусот брзо се шири во Лондон и на југот на Англија, британскиот премиер Борис Џонсон во саботата воведе нови рестриктивни мерки за тие области, со што се откажа планираното релаксирање на правилата за Божиќ.

Белгија и Холандија вчера одлучија да ги забранат летовите од Велика Британија, додека Германија ја разгледува можноста, во обид да се заштити од новиот сој на коронавирусот, кој е „надвор од контрола“, како што рече вчера британскиот секретар за здравство Мет Ханкок.

И Ирска, Франција и Белгија воведуваат ограничувања на патувањата со Велика Британија, а Европската Унија за денеска закажа состанок на кој треба да се донесе одлука за координиран одговор на новата ситуација во врска со мутацијата на коронавирусот.

Велика Британија ја извести Светската здравствена организација дека новиот сој се шири побрзо, велејќи дека околу 60 проценти од заразените се во Лондон.

Светската здравствена организација соопшти дека истата мутација е откриена во Холандија, Данска и Австралија, но и во Италија.

Д-р Кетрин Смолвуд од СЗО за Европа рече дека до 20 декември, бројот на овие случаи бил мал, девет во Данска и по еден во Холандија и Австралија.

Но Смолвуд рече дека и други земји го известиле СЗО за други варијанти на коронавирусот „кои носат и некои генетски промени забележани во новиот сој од Велика Британија“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Формирањето на платформа за прекугранична соработка за борба против аерозагадувањето има потенцијал вистински да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот во нашата земја.

повеќе

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе