Дигитален сертификат

Што се ЕУ-пасошите за вакцинираност и дали ќе важат за Западен Балкан?

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оваа недела рече дека подоцна во март ќе претстави предлог за создавање дигитални пасоши за вакцинираност низ Европската Унија за да се олесни патувањето на континентот. Еве неколку клучни прашања и одговори:

Фото: ЕПА

Што е ЕУ-пасошот за вакцинираност?

Во суштина, станува збор за повторно овозможување безбедно и слободно патување во Европската Унија, како од деловни, така и од приватни причини. Ова особено го поддржуваат земјите-членки од југот, во обид да ја спасат претстојната туристичка сезона и да ги покренат своите економии по страшните 12 месеци.

Како и секогаш, вели Радио слободна Европа, во еден хибрид како што е Европската Унија работите се комплицирани. Здравјето е првенствено национално прашање за кое одлучуваат главните градови, за што сведочи разновидниот, а понекогаш и хаотичен одговор на ЕУ кон пандемијата.

Сепак, Брисел се заложи за заедничко купување вакцини и е одговорен за следење на слободното движење во блокот. Затоа, Европската комисија на 17 март ќе донесе законски предлог за „дигитална зелена пропусница“, како што ја нарекуваат тие, непосредно пред самитот на шефовите на држави и влади на ЕУ една недела подоцна.

Ненадејното брзање доаѓа по информациите дека Грција и Кипар би можеле да тргнат побрзо од нивните колеги од ЕУ, особено по постигнувањето билатерален договор за патување со Израел. Уште поголема фрагментација е последното нешто што сега го сака Брисел, кој е подеднакво загрижен дека ќе се најде подложен на систем што го поставила трета држава или уште полошо - технолошките гиганти како Гугл или Фејсбук.

Што ќе содржи пасошот

Многу работи сè уште се непознати, бидејќи сè уште се работи на нив. Но претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен посочи неколку работи што ќе ги содржи „дигиталната зелена пропусница“: доказ дека лицето е вакцинирано, очигледно, но за да се спречи дискриминација, пропусницата треба да содржи и други информации како што се резултатите од неодамнешните тестови за ковид-19 или доказ за имунитет.

Се настојува ова да се приспособи на земјите-членки што досега беа скептични кон оваа идеја, како што се Белгија, Франција и Германија. Тие тврдат дека сертификатите за вакцинираност на вакцинираните лица ќе им дадат поголеми права отколку на оние што не биле вакцинирани.

Како тоа навистина ќе функционира

На 27-те земји-членки на ЕУ во советот останува да се договорат за меѓусебно признавање и еднакви услови, а земјите-членки секако имаат право целосно да се повлечат од договорот, како и потенцијално да постават дополнителни критериуми за влез. Сепак, посакуваниот исход е поседување на меѓуоперативна и нефалсификувана потврда што може да се носи на паметен телефон или на хартија, што е можно со помош на бар-код.

Сфатете го тоа како возен билет што може да се скенира и кој би содржел минимален збир на податоци веќе договорени од ЕУ, како што се името и датумот на раѓање, податоци за вакцината, датумот кога е примена, видот на вакцината и која земја ја применила, како и релевантни информации како што се оние за издавачот и валидноста. Покрај тоа, таа би ги содржела горенаведените дополнителни информации, како што е негативен тест или доказ за имунитет.

Кој е временскиот тек

Фон дер Лајен верува дека пропусницата може да биде готова за три месеци - непосредно пред летната сезона. Но за ова е потребна брза реакција и за политичките прашања и за техничките стандарди. Во основа, мора да се создаде компатибилен европски систем од 27 различни национални системи. Ова вклучува и различни министерства во различни земји, како што се здравство, правда или дури и дигиталните оддели, доколку ги има. Она што дополнително ги комплицира работите е тоа дека различните земји тргнуваат од различни позиции.

Во моментов, Европската комисија е свесна дека 13 земји-членки издаваат сертификати за вакцинираност на лица вакцинирани против ковид-19, додека уште шест планираат да го сторат тоа. Некои ќе издаваат само дигитални, додека други ќе останат само на хартиени сертификати.

Кои се нерешените прашања

Ги има многу. Прашањето за дискриминацијата на оние што не можат или не сакаат да се вакцинираат нема наскоро да исчезне. Бавната стапка на вакцинирање во ЕУ значи дека досега се дадени бедни 32 милиони дози вакцини, што претставува околу 6,4 проценти од населението. ЕУ сè уште се надева дека ќе добие 300 милиони дози вакцини во вториот квартал на 2021 година, за да му се овозможи на Брисел да ја постигне целта за вакцинирање на повеќе од 70% од возрасната популација на ЕУ до летото. Со сите досегашни препреки, ова би можело да остане пуста желба – исто како и идејата за потврда за вакцинираност.

Но има и други работи за кои треба да се размислува. Дали е ова привремена работа или ќе биде дел од идните гранични контроли меѓу земјите-членки на ЕУ во кои претходно ја немало? Што ќе се случи со оние граѓани на ЕУ што биле вакцинирани со кинески или руски вакцини, кои досега не се признаени од Европската агенција за лекови (ЕМА)?

Унгарија, Словачка и другите земји што би можеле да ги користат овие вакцини ќе инсистираат на нивно признавање, иако тоа може да се заобиколи бидејќи ЕУ-сертификатите за вакцинираност ќе содржат и можност за негативен ПЦР-тест. Истата опција веројатно ќе им се понуди и на децата, кои досега не беа вклучени во националните програми за вакцинираност.

И, на крај, што е со луѓето од трети земји што сакаат да патуваат во ЕУ?

Предлогот се однесува пред сѐ на ЕУ-27. Сепак, идејата е дека ништо не треба да биде пречка за неговата употреба надвор од ЕУ, така што ќе се применува глобално во координација со Светската здравствена организација (СЗО). Теоретски звучи добро, но земјите што не се членки на ЕУ од Западен Балкан и од источното соседство на блокот нервозно ќе го посматраат овој простор.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе