На самитот во Хелсинки

Што се договорија Трамп и Путин?

Импровизираната дипломатија го отежна добивањето информации за тоа што сè е договорено, но по состаноците се појавија некои детали.

По самитот Трамп-Путин во Хелсинки не беше објавено коминике, што ја истакнува импровизираната неформална дипломатија за која Доналд Трамп е експерт, вели Гардијан. По отсуството на соопштение за договореното, останува тајна статусот и степенот на какви било практични договори постигнати или меѓу американскиот претседател и неговиот руски колега или на подоцнежниот поширок состанок помеѓу официјалните претставници.

Но по заедничката прес-конференција на двајцата лидери во понеделникот, последователните интервјуа и брифинзи, се појавија контурите на нешто од договореното, со мал знак дека Русија попуштила нешто за возврат на топлиот прием на Владимир Путин од страна на Трамп.

 

Економски односи

Путин, во интервју за Фокс, тврди дека Русија е преголема земја за да биде санкционирана и изолирана, но Трамп на прес-конференцијата не беше прашан за идниот статус на санкциите. Се чини дека Путин го користи влијанието на работничката партија сочинета од шефови на индустрии за да отвори дијалог за идните економски односи, истакнувајќи дека американската трговија на рускиот пазар е мала во споредба со европската трговија. Путин се надева дека гласовите на бизнисот ќе повикаат санкциите да бидат укинати.

 

Крим

Најголемата пречка за укинување на санкциите останува руската анексија на Крим. Путин во интервјуто за Фокс њуз изјави дека тој и Трамп не се согласиле за статусот на Крим и дека, всушност, двајцата мажи се согласиле дека не се согласуваат.

Ставот на Путин е дека Кримјаните на референдум изгласале враќање во Русија, и дека ова гласање треба да биде прифатено, исто како што жителите на Фокландските Острови изгласаа на референдум да останат дел од Велика Британија. Имаше шпекулации дека Трамп би го прифатил отцепувањето на Крим од Украина како свршен чин, со што би се отстранила една од причините за задржување на санкциите. За поширокото прашање на Украина, Путин рече дека го повикал Трамп да изврши притисок врз Украина да стори повеќе за да ги почитува договорите од Минск. Тој, исто така, поставил услов Украина никогаш да не смее да му се приклучи на НАТО.

 

Сирија

Претпоставката изведена од забелешките на двајцата лидери беше дека граѓанската војна во Сирија се приближува кон крајот, но Путин ја бранеше потребата да се уништат терористите во југозападна Сирија истовремено држејќи ги на дистанца силите на Сирија и на Израел, повикувајќи се на договорот од 1974 година што ја заврши Јомкипурската војна и ги определи линиите на поделба меѓу Израел и Сирија. Тој не се осврна на идниот статус на војниците во Сирија поддржани од Иран, но Трамп изјави дека „САД нема да дозволат Иран да има корист од нашата успешна борба против ИСИС“.

Ниту Путин ниту Сирија не се подготвени да го протераат Иран од Сирија. Прашањето е дали може да се постигне договор што ќе ги задржи милициите поддржани од Иран на фиксна далечина од израелската граница. „Создавањето безбедност за Израел е нешто што и Путин и јас многу би сакале да го видиме“, рече Трамп.

 

Обнова на Сирија

Трамп се чини дека ја надмина ЕУ велејќи дека е спремен да помогне во обновата на Сирија, нешто за што ЕУ инсистираше дека мора да биде условено со поширок мировен договор. Трамп не постави никаков услов и рече: „Ако можеме да направиме нешто за да им помогнеме на луѓето во Сирија да се вратат во некакви засолништа и на хуманитарна основа... мислам дека и двајцата би биле многу заинтересирани за тоа и дека сме заинтересирани. Ние ќе го сториме тоа“.

Путин навести дека е подготвен да ги спои разговорите во Астана (Иран, Русија и Сирија) со таканаречената мала група (Франција, Велика Британија, Германија, Јордан, САД и Саудиска Арабија), нешто што францускиот претседател Емануел Макрон се обидува повеќе од една година.

 

Нуклеарни разговори

Путин рече дека двајцата се согласиле да одржат разговори за продолжување на СТАРТ-договорот, кој истекува во 2021 година, но рече дека сака експерти да проверат дали САД ги почитуваат условите на договорот. Тој рече дека опасност претставува американскиот противракетен систем за одбрана, но и дека сака да преговара за Нуклеарниот договор за проектили со среден дострел, договор од 1987 година што ги забранува сите американски и руски ракетни проектили со среден дострел - помеѓу 500 и 5.000 км.

 

Енергија

Трамп се чини дека сега повеќе од претходно прифаќа дека ќе биде изграден гасовод од Русија преку Балтичко Море до Германија. Путин вети дека ќе продолжи да пренесува гас низ Украина откако ќе истече сегашниот договор и откако ќе се изгради Северен тек 2, со што Украина ќе се обезбеди со мошне потребните фондови. Но тој рече дека ова е условено од спорот меѓу руски Газпром и украински Нафтогаз, кој се решава во арбитражниот суд во Стокхолм. Судот годинава му нареди на Газпром да му плати на Нафтогаз нето 2,56 милијарди долари, велејќи дека рускиот гасен гигант не го искористил целосно гасоводот на Украина кон Европа како што беше договорено. Газпром поднесе жалба против одлуката и го блокира обидот да се користи неговата европска актива.

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе

Прашањето е претенциозно, интенционално и суштински погрешно формулирано, не го задоволува т.н. троен тест на единство и е итро, манипулативно и сугестивно.

повеќе