Гардијан има документи за „сомнителни руски операции“

Што прават Русија и „Путиновиот готвач“ во Африка?

Русија последниве години ги засили напорите да го зголеми влијанието во Африка, со помагање на лидерите, склопување воени договори и одгледување нова генерација „лидери“ и тајни „агенти“, пред сè преку операциите што ги води близок соработник на претседателот Владимир Путин, велат документите што прв ги објави британски Гардијан.

Набавени документи

Русија сака да го засили своето присуство во најмалку 13 земји низ цела Африка и тој континент да го претвори во свој стратешки двор, пишува Гардијан врз основа на протечените документи и додава дека таа мисија ја предводи Јевгениј Пригожин, бизнисмен од Санкт Петербург и близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин. 

Една од целите е од Африка да се потиснат САД и поранешните колонијални сили, Велика Британија и Франција, а друга цел е да се запрат „прозападните“ бунтови, укажува британскиот весник на документите добиени од Центарот досие, финансиран од Ходорковски, руски бизнисмен и критичар на Кремљ.

Путин покажуваше мал интерес за Африка во 2000-тите, но западните санкции воведени во 2014 година поради Крим ја наведоа Москва да бара нови геополитички пријатели и деловни можности, оценува весникот и додава дека протечените документи покажуваат дека Москва има амбиции да ја претвори Африка во свој стратешки центар преку градење односи со сегашните владетели, воени договори и едукација на нова генерација на „лидери“ и тајни „агенти“.

Централната фигура во овој потфат, Јевгениј Пригожин, кој е познат како „Путиновиот готвач“ поради неговите договори со Кремљ за кетеринг, минатата година беше обвинет од американскиот специјален советник Роберт Малер. Според обвинението, фабриката на тролови на Пригожин водела обемна кампања на социјалните медиуми во 2016 година за да помогне да победи Доналд Трамп во изборите. Гардијан додава дека Вагнер групацијата, приватен воен изведувач поврзан со Пригожин, снабдувала платеници за да се борат во Украина и Сирија.

Повеќе компании поврзани со тој олигарх, вклучувајќи ја и Вагнер, се познати меѓу вработените како „Компанија“, пишува Гардијан и додава дека документите покажуваат дека нивните активности се координирани од високи претставници на руските министерства за надворешни работи и за одбрана.

 

Зовривање во Судан

Откритието на истражувачкиот Центар досие е последниот показател на растечките руски амбиции во Африка и на Пригожиновата улога во сенка во стратегијата на Кремљ на тој континент, вели британски Телеграф.

Меѓу документите до кои дошол Центарот досие е и писмото во кое Пригожин го критикува поранешниот судански претседател Омар ал-Башир зашто не ги следел советите на Русија за тоа како да се потисне продемократскиот бунт во земјата, меѓу другото и така што го игнорирал рускиот совет демонстрантите да се претстават како „произраелски“ , „про-ЛГБТ“ и „антиисламски“ за да се дискредитираат, пишува Телеграф.

Руската воена вмешаност во Судан прв пат излезе на виделина во декември 2017 година, кога прокремљскиот новинар на Твитер стави слика за која рече дека покажува руски воени инструктори како обучуваат судански војници, укажува весникот и додава дека руското министерство за надворешни работи оваа година потврди дека приватни руски компании учествуваат во обуката на суданската армија.

Весникот потсетува дека во март напишал дека компаниите поврзани со „Путиновиот готвач“ последниве две години развиле бизнис-интереси во неколку африкански земји, вклучувајќи ги Либија, Судан, Централноафриканската Република, Зимбабве и Мадагаскар.

„Тие ја обучуваат полицијата, специјалните полициски сили и армијата. Самите не изведуваат воени акции“, изјави поранешен платеник на Вагнер за договорите во Централноафриканската Република и Судан.

Пригожин не ги коментираше информациите на медиумите, но, вели Телеграф, се знае дека има личен интерес во политиката на Русија кон Африка - минатата година тој присуствуваше на состанок на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и либискиот генерал Калифа Хафтар. Истрагата на рускиот весник Новаја газета објавена претходно годинава откри дека приватен авион поврзан со Пригожин често летал кон Африка во 2018 година.

 

Задоцнето доаѓање во Африка

Руското присуство во Централноафриканската Република главно беше незабележано сè до минатата година, по што Русија и Вагнер почнаа да се појавуваат на неочекувани места низ цела Африка, вели јужноафриканскиот весник Мејл енд гардијан.

Во јули 2018 година, пишува весникот, се појави вест дека на пат на околу 180 километри од главниот град на Централноафриканската Република се убиени тројца руски новинари што ги истражувале мистериозните активности на Вагнер групата, која наводно, имала база со 175 платеници во местото Баренго.

По тоа, Русија и Вагнер почнаа да се појавуваат на неочекувани места низ Африка, вели Мејл енд гардијан - на Мадагаскар руските политички стратези наводно им помагале на неколку кандидати за претседателските избори во 2018 година; во Судан Вагнер наводно го советувал Башир како да ја зацврсти власта; во Централноафриканската Република Русија наводно донирала оружје, а за возврат добивала договори за руди; во Џибути руското барање за изградба на воена база беше одбиено дури откако реагираа САД.

Во Јужна Африка пред изборите во мај беше објавено дека руски оперативци поврзани со Пригожин направиле план за кампања на дезинформации во прилог на Африканскиот национален конгрес и против опозицијата, пишува весникот и додава дека тоа следувало откако Русија се обидела да го придобие поранешниот претседател Џејкоб Зума и по нивниот неуспешен обид да склопат нуклеарен договор.

Руското вртење кон Африка не е изненадување, дури е и малку задоцнето, вели јужноафриканскиот весник и потсетува дека за време на Студената војна, Советскиот Сојуз развил блиски односи со владите во Африка, но тие пропаднале со падот на комунизмот, по што старите сили како Британија и Франција, како и САД, се обиделе да постигнат доминантна позиција. Освен тоа, влијание бараат и новите сили како Кина, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Турција.

 

Африканска пресвртница

Веродостојноста на протечените документи допрва треба да се потврди, вели американскиот геополитички институт Стратфор, оценувајќи дека претходните документи што ги објави Ходороковски се чини дека се автентични и дека информациите во новите документи се чини дека се во согласност со настани што се јавно познати.

Ако се точни, документите подвлекуваат дека Москва гледа можности за економски и политички добивки со агресивен влез во африканските земји преку воени договори, компанијата Вагнер и други средства за влијание, вели Стратфор.

Сегашниот изборен модел е причината и генераторот  на сите проблеми на општественото и политичпко уредување на Македонија.

повеќе

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе