Њу саентист

Што ги предизвикува ретките згрутчувања на крвта поврзани со некои вакцини против ковид-19?

Употребата на вакцината на Џонсон&Џонсон против ковид-19 во САД е паузирана откако шест лица доживеале згрутчување на крвта, од 6,8 милиони што ја примиле вакцината во земјата. Се чини дека се слични случаите на ретко згрутчување на крвта забележани кај примателите на вакцината на Оксфорд/Астразенека, што предизвика некои земји да ја ограничат нејзината употреба.

Фото: ЕПА

Синдромот на згрутчување на крвта вклучува невообичаен вид тромб, кој често се формира во мозокот - наречен церебрална венска синусна тромбоза или ЦВСТ - заедно со ниско ниво на тромбоцити, мали честички во крвта што се собираат и создаваат тромбови, вели Њу саентист.

Главно е забележана кај луѓе под шеесетина години, а почесто кај жени отколку кај мажи. Но разликата во полот може да биде затоа што повеќе жени се вакцинирани, бидејќи тие почесто се здравствени работници и негуватели. Во анализата на 79 случаи во Велика Британија, забележани по давањето вакцина на Оксфорд/Астразенека, тие се случиле со исто темпо кај мажите и жените, вели Мунир Пирмохамед, претседател на Комисијата за човечки лекови во Велика Британија. Вкупната стапка била четири случаи на милион луѓе што ја примиле вакцината во Велика Британија.

Не е познато зошто помладите се чини дека се поизложени на ризик, но распределбата по возраст делумно е причината поради која некои земји рекоа дека вакцината треба да им се дава само на оние над одредена возраст. Другата причина е тоа што постарите луѓе се изложени на поголем ризик од самиот ковид-19, така што придобивките од вакцината треба да го надминуваат ризикот.

Од шесте случаи на новопријавени ЦВСТ кај приматели на вакцината на Џонсон&Џонсон, од кои едниот беше фатален, сите беа кај жени на возраст меѓу 18 и 48 години.

„Џонсон&Џонсон“ денес објави дека ќе ја одложи дистрибуцијата на својот производ во Европа. „Тесно соработувавме со медицинските експерти и здравствените власти и силно ја поддржуваме отворената комуникација на овие информации со здравствените работници и јавноста“, рече фирмата во соопштението.

Што може да го предизвикува згрутчувањето? Во случаите на Оксфорд/Астразенека, многумина од погодените имале позитивен тест за антитела што се врзуваат за молекула што ја испуштаат тромбоцитите, наречена тромбоцитен фактор 4 или ПФ4. Вакцината можеби некако предизвикува производство на овие антитела, кои предизвикуваат формирање на повеќе мали тромбови во крвта и кои можат да ги трошат тромбоцитите, вели Андреас Гринахер од Универзитетот во Грајфсвалд во Германија. Тоа личи на синдром во кој слични антитела може да бидат активирани од лекот за разредување на крвта хепарин, вели Гринахер, кој е експерт за несакани ефекти од хепаринот.

Неодамна објавените упатства во некои земји велат дека треба да се направи тест за тромбоцитни антитела ако некој има симптоми што укажуваат на синдромот на згрутчување во рок од две недели по вакцинирањето против ковид-19. Доколку се позитивни, тие треба да ги примаат истите лекови што вообичаено им се даваат на луѓето што добиваат редок несакан ефект од хепаринот, кои се различни од оние што се даваат за обично згрутчување на крвта.

Гринахер вели дека една претходна студија спроведена врз глувци сугерира дека ДНК може да се поврзе со ПФ4, предизвикувајќи формирање антитела и згрутчување на крвта. Тој претпоставува дека ова може да биде причината зошто ефектот е забележан само кај вакцините базирани на аденовирус, кои содржат ДНК.

Вакцината на Оксфорд/Астразенека се состои од ген за коронавирусниот шилест протеин пренесен во ДНК од аденовирус од шимпанзо, безопасен вирус на настинка. Вакцината на Џонсон&Џонсон функционира на сличен начин, но користи ДНК од човечки аденовирус.

Вакцините на Фајзер/Бионтек и Модерна, од друга страна, се базираат на иРНК, парченце генетски материјал што, во овој случај, им дава на клетките на телото упатства да го направат шилестиот протеин. По ниту една од овие вакцини нема пријавени случаи на ЦВСТ со ниски тромбоцити, рече Питер Маркс од американската Управа за храна и лекови (ФДА) на прес-конференција.

„Она што го гледаме со вакцината на Џонсон&Џонсон изгледа многу слично на вакцината на Астразенека“, рече Маркс. „Веројатната причина, можеме да претпоставиме, е сличен механизам, кој може да се случува и со другите аденовирусни векторски вакцини“.

Сепак, синдромот на згрутчување се јавува толку ретко, што сугерира дека оние што го добиваат имаат некој друг фактор што ги прави подложни на него, вели Гринахер. „Мора да има индивидуални придружни фактори за ова да се активира. Во спротивно, овој проблем ќе го видевме кај многу повеќе лица, што за среќа не е така“.

Маркс не кажа дали во шесте случаи забележани по вакцината на Џонсон&Џонсон ги имало карактеристичните антитела против тромбоцити. Но ФДА рече дека една од причините за паузирањето на употребата на вакцината е да им се даде време на лекарите да откријат како да го дијагностицираат и правилно да го третираат необичниот синдромот на згрутчување. Агенцијата исто така треба целосно да ги испита шесте случаи, рече Ана Шухат од американскиот Центар за контрола и превенција на болести.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе