Антивор

Што е тоа што медиумите не сакаат да ви го кажат за венецуелскиот државен удар

Државниот удар што се случува во Венецуела не е пуч поддржан од Америка: тој е американски пуч, вели американскиот веб-сајт Антивор.

Известувањето на мејнстрим-медиумите ги слика настаните само како американско признавање на една легитимна уставна корекција на владата. Дури и во левичарските и во алтернативните медиуми, каде што авторите ја осудуваат американската интервенција, многумина од нив ја чувствуваат потребата да го докажат својот кредибилитет со тоа што признаваат дека претседателот на Венецуела Николас Мадуро е авторитарен лидер, или дури и диктатор, кој вториот мандат го добил на избори што биле нелегитимни.

Во типичното медиумско раскажување на приказната се тврди дека Хуан Гуаидо, кој во декември беше избран за претседател на Националното собрание, е прогласен за привремен претседател со образложение дека Мадуро е диктатор чиј избор бил нелегитимен. Секој дел од таа реченица е погрешен.

 

Мадуро победи на незаконски избори

Ова тврдење има слаба врска со тие избори: тоа е првата песна во венецуелската песнарка за државни удари. Таа се пееше на сите избори откако Хуго Чавез ја грабна власта од венецуелската елита и му ја врати на народот.

Кога Мадуро ги доби првите избори по смртта на Чавез, набљудувачите од целиот свет ги потврдија изборите како фер. Америка беше единствената земја во светот што ги поддржа тврдењата на опозицијата дека имало измама и одби да ја признае владата на Мадуро. Изборите беа потврдени како фер од не помалку од 150 изборни набљудувачи од целиот свет. Дојдоа делегати од Унијата на јужноамерикански нации и од Картер центарот. Картер претходно го нарече изборниот процес на Венецуела „најдобар во светот“. Еден американски адвокат за човекови права и изборен набљудувач објави дека „Она што го видовме таму беше транспарентен, сигурен, добро спроведен и темелно ревидиран изборен систем“.

Противникот на Мадуро, Енрике Каприлес, побара ревизија, не само на автоматски ревидираните 54% од машините за гласање (ревизија што не откри проблеми), туку на цели избори. Иако Мадуро рече дека е отворен за 100% ревизија, Каприлес ги повика своите приврзаници да излезат на улиците. Американскиот Стејт департмент го поддржа неговиот повик за ревизија. Но и покрај повикот за на улица, Каприлес никогаш не го доврши правниот процес: кога Изборниот совет се согласи да ги ревидира останатите машини, Каприлес се откажа од протест.

На неодамнешните избори што сега се доведуваат во прашање, тврдењето не е дека противникот на Мадуро, Анри Фалкон, освоил повеќе гласови: тој не освои. Тврдењето е дека изборите се нелегитимни бидејќи одѕивот бил толку низок. Но одѕивот беше низок бидејќи радикалната опозиција ги бојкотираше изборите и ги поттикнуваше своите поддржувачи да не гласаат. Мадуро иницираше серија преговори со опозицијата со посредство на Доминиканската Република и поранешниот шпански премиер Хозе Луис Родригез Запатеро. За време на преговорите беше договорен датум за избори. Но во последната минута пред потпишувањето на договорот, опозицијата се повлече и одби да го потпише. Родригез Запатеро ја критикуваше одлуката на опозицијата, велејќи дека не се согласува со неа и дека е шокиран од неа. Опозицијата, со исклучок на Фалкон, одлучи да ги бојкотира изборите, што резултираше со низок одѕив.

Бојкотот беше стратегиски. Мигел Тинкер Салас, професор по латиноамериканска историја на колеџот Помона и еден од водечките светски експерти за венецуелската историја и политика, во лична кореспонденција ми кажа дека „опозицијата одлучи да ја напушти изборната арена во земјата и ја прифати стратегијата на меѓународен притисок за соборување на Мадуро. Затоа не го потпишаа договорот постигнат минатата година од Хозе Луис Запатеро, кој ќе ја ублажеше сегашната криза“. Кризата можеше да биде мирно и уставно спречена, но радикалната опозиција мислеше дека има поголеми шанси со меѓународен притисок - сегашната ситуација - отколку со избори. Исто така е можно и одлуката да не била целосно автономна, независна. Владата на Венецуела ги обвини САД за притисок врз опозицијата да се повлече од изборниот договор во корист на промена на режимот. Хозе Родригез, министерот за комуникации на Венецуела и претставник на владата во преговорите, вели дека тогашниот државен секретар, Рекс Тилерсон, му се јавил на портпаролот на опозицијата, Хулио Боргес, и му рекол да одбие да го потпише договорот.

И покрај бојкотот на радикалната опозиција, Анри Фалкон го покрена она што Мигел Тинкер Салас го нарече „легитимна кандидатура за конкуренција на Мадуро“. Имаше вистински избори меѓу Мадуро и умерената опозиција. Радикалната опозиција, ми рече Тинкер Салас, ги бојкотираше изборите „за да тврдат дека Мадуро немал легитимитет“. Но постоеше легитимна опозиција. И, додаде тој, „опозицијата во секој случај можеше да води комплетна кампања и да му биде конкурент на Мадуро ако одлучеа да учествуваат во изборната арена“.

Значи, тврдењето дека нискиот одѕив на гласачите ги прави изборите незаконски е неискрено, бидејќи тоа беше намерата за бојкот. А и покрај бојкотот, кандидатурата на Фалкон му даде на електоратот вистински избор меѓу Мадуро и опозицијата. И, иако излезноста беше ниска за изборите во Венецуела, Мадуро сепак освои 31% од сите гласачи со право на глас: не од реалните гласачи, туку од гласачите со право на глас. Тоа е подобро од она што го постигна Трамп во 2016 или Обама во 2012 година.

Значи, тврдењето дека изборот на Мадуро е нелегитимен е мошне тенко. И, дури и да е основано, тоа е грешка, или уште полошо, план, на опозицијата.

 

Мадуро е диктатор

Исто како и обвинението за изборите, и ова обвинение има слаба врска со Мадуро или со моменталната ситуација. Тоа е уште една традиционална песна во песнарката на венецуелската опозиција. Венецуелската опозиција и нејзините американски партнери постојано ги обвинуваат не само Мадуро, туку и Чавез пред него, дека се диктатори. Обвиненијата се неправедни.

Чавез беше четири пати избиран во мнозински влади. Чавез одржа најмалку четиринаесет национални избори и референдуми, овозможувајќи му на народот да ги одобрува неговите политики во просек еднаш годишно. Во секој случај, Чавез ја почитуваше волјата на народот: дури и оној пат кога загуби, со најтенко можно мнозинство, на референдумот во декември 2007 година. Под водство на Чавез Венецуела имаше многу висок рејтинг на задоволство од неговата демократија и на поддршка за неговата влада. Тешко дека тоа е диктатура.

А тешко е да се види што е ново по последните избори. Обвиненијата што постојано се рециклираат се дека Мадуро ѝ забранил на својата опозиција да се кандидира и дека го распуштил Националното собрание.

Но на противниците на кои им беше забрането да се кандидираат им беше забрането поради учество во обид за државен удар против владата, за поттикнување насилство или за мамење во кампања: злосторства што сигурно не би се толерирале во ниедна демократија. Неколку други лидери на опозицијата одлучија да не се кандидираат во корист на бојкотирањето, а Фалкон се кандидираше и успеа да изгради легитимна кандидатура.

Значи останува обвинението дека го распуштил Националното собрание на изборите во 2015 година откако ја загуби контролата врз него од опозицијата. Но Националното собрание беше распуштено дури откако Врховниот суд на правдата го прогласи за неспособно. Судството привремено ускокна да го преземе неговото место. Законодавното собрание може да се врати со тоа што ќе стане способно. По државниот удар, Мадуро, исто така, јасно изјави дека е подготвен да ја прифати неспособноста и да се соочи со народот на нови избори за Националното собрание.

 

Американски пуч

Хуан Гуаидо ја презеде власта врз основа на тоа дека бидејќи Мадуро е диктатор што се одржал на власт преку нелегитимни избори, тој е обврзан, како избран претседател на Националното собрание, да се прогласи за в.д. претседател. Бидејќи Мадуро не е диктатор и бидејќи изборите не беа нелегитимни, останува само опцијата Мадуро да ја напушти функцијата претседател. А тоа во никој случај не е така.

Опозицијата, Америка и нејзините сојузници, како и медиумите, го претставуваат Гуаидо како избран претседател на Националното собрание, а со тоа и како легитимен претставник на народот. Но Гуаидо не е избран за претседател на Националното собрание. Четирите опозициски партии што го контролираат Националното собрание се согласија да основаат ротирачко претседателство. Дојде на ред партијата на Гуаидо. Но не дојде на ред Гуаидо. Тој дури не требаше ни да добие мандат. Најмалку три лица во неговата партија беа пред него да служат како претседател на Собранието. Но сите тие беа или уапсени, или избегаа од земјата или беа недостапни. Значи, претседателството го презеде просечен второкласен тип. Тој не беше избран. Тој не го претставуваше народот. Пред да биде соопштено дека тој ќе ја преземе власта, 81 отсто од Венецуелците никогаш немаа чуено за него. Во Собранието беше избран со само 26 отсто од гласовите. Освен тоа, Собранието на кое тој му е неизбран лидер ужива рејтинг на неодобрување од 70%.

Иако Гуаидо не е избран лидер на венецуелскиот народ, тој е избран лидер на Американците. Иако Венецуелците не го познаваат, Американците одамна го познаваат, а можеби тие и го подготвиле, според извештаите на Ден Коен и Макс Блументал. Неговото прогласување власт беше државен удар тесно координиран со Вашингтон. Координацијата се одвиваше во текот на неколкунеделни тајни разговори во кои беа вклучени американски официјални претставници, Гуаидо, американски пратеници и други важни претставници на опозицијата во Венецуела. Разговорите кулминираа со телефонскиот повик од потпретседателот Мајк Пенс до Гуаидо ноќта пред тој да се прогласи за легитимен привремен претседател на Венецуела, поттикнувајќи го да ја преземе владата. Пенс вети дека Вашингтон ќе го поддржи „ако ги грабне владините узди од Николас Мадуро“. Како што беше ветено, Трамп издаде соопштение во кое го призна Гуаидо како легитимен лидер на Венецуела веднаш откако беше објавено преземањето на власта.

Но тајното заговарање на пучот всушност почнало многу пред тоа. Според Њујорк тајмс, „Администрацијата на Трамп минатата година одржуваше тајни состаноци со бунтовничките воени офицери од Венецуела, за да дискутираат околу нивните планови за соборување на претседателот Николас Мадуро“.

Администрацијата на Трамп не само што тајно го подготвуваше државниот удар, туку тајно ја подготвуваше и реакцијата на регионот на државниот удар. Во декември 2018 година Гуаидо се прикрадна во Вашингтон, Колумбија и Бразил, за да ги апдејтира оние десничарски влади за стратегијата на венецуелската опозиција. Неколкунеделите тајни разговори потоа ја зацврстија коалицијата на десничарските земји од Латинска и од Северна Америка, кои веднаш потоа ќе го признаат Гуаидо.

Најавата потоа беше темпирана за да се совпадне со 23-годишнината од елиминирањето на диктатурата на Маркос Перез Хименез во 1958 година. Најавата беше оркестрирана со овој годишен настан, бидејќи Венецуелците од двата политички рова тој ден традиционално излегуваат на улиците. Потоа, медиумското известување може да се изманипулира за светот да мисли дека опозициските демонстрации се за поддршка на Гуаидо и за отстранување на Мадуро. Во реалноста, од тој ден има и про-Чавез контрапротести на улиците на Венецуела, но медиумите ги свртеа објективите од нив и се фокусираа само на опозициските протести за на светот да му претстават искривена слика за венецуелската улица.

Оваа стратегија и медиумското претставување на Гуаидо како претставник на народот му проектира на светот слика дека венецуелските жители го поддржуваат американскиот државен удар. Но дури ни умерената опозиција во Венецуела не го одобри Гуаидо како привремен претседател. Пред државниот удар, 81 отсто од Венецуелците рекоа дека не се согласуваат за американските санкции, а 86 отсто се изјаснија дека се противат на воена интервенција. И признавањето на Гуаидо и санкциите со кои тој беше поддржан се нелегални според американскиот закон и правилата на Организацијата на американските држави и Обединетите нации, како и според други меѓународни договори чиј потписник се САД.

 

Ништо ново

Ни ова не е ништо ново. Иако претставен како државен удар против авторитаризмот и нелегитимноста на Николас Мадуро, државниот удар нема никаква врска со Мадуро ниту со сегашната ситуација. Тоа е долгогодишна политика и практика на САД во Венецуела.

Еден претходен претседател на Венецуела наклонет кон левичарската политика, кој се судри со конзервативците и владееше како националист загрижен поради американската моќ и влијание во Латинска Америка, исто така беше соборен од власт со помош од САД. Организаторите на пучот некое време се консултираа со Соединетите Држави во подготовките на државниот удар. Кога водачот на државниот удар се прогласи за претседател, САД, како и во овој случај, брзо го признаа и ги спречија обидите на од народот избраниот претседател да се врати. САД беа силен партнер во државниот удар и во неколку наврати ги испратија морнарицата и американските дипломати како израз на поддршка за владата-пучист.

Ако мислите дека горенаведената приказна е приказна за Хуго Чавез, го потценувате американскиот интервенционизам во Латинска Америка. Оваа приказна се случи во 1908 година, кога Америка му помогна на Хуан Висенте Гомез да го собори Сиприано Кастро со државен удар и со железна рака да ја владее Венецуела во следните дваесет и седум години.

Приказната на Чавез се случи повеќе од еден век подоцна. Во 2002 година Хуго Чавез со државен удар беше накратко отстранет од функцијата, пред народот и војската да го вратат популарниот лидер на власт. Таа приказна е добро позната. Она што е помалку познато, бидејќи дискусиите за државниот удар ретко го содржат овој детаљ, е дека уште на 17 април 2002 година веќе беше откриено дека „официјалните претставници на администрацијата на Буш признаа... дека со месеци разговарале за отстранување на венецуелскиот претседател Хуго Чавез со воените и цивилните лидери од Венецуела“. Сегашниов случај нема врска со Мадуро. Историјата покажува дека Америка постојано се обидувала да ја врати контролата врз венецуелската политика.

Неколку дена по тоа откритие, беше објавено дека поддршката на Бушовата администрација за државниот удар не почнала со нејзиното прифаќање на владата-пучист. Следејќи го истото сценарио како и денешниов државен удар, претставниците на Организацијата на американските држави потврдија дека администрацијата на Буш „не само што беше свесна дека ќе се случи државниот удар, туку и го одобри“. Меѓу состаноците на Вашингтон со венецуелските заговорници имало и „голем број средби“ со самиот водач на државниот удар, Педро Кармона. Тие почнале неколку месеци пред државниот удар. Уште еден организатор на пучот што се состанувал со Вашингтон, вицеадмиралот Карлос Молина, рече: „Чувствувавме дека дејствуваме со поддршка на САД“. Биле дискутирани детали дури и за тајмингот на државниот удар. Стејт департментот на крај ќе признае дека администрацијата на Буш „обезбедила обука, градење институции и друга поддршка за поединци и организации за кои се сметало дека се активно вклучени во воениот удар“.

Самиот Мадуро во 2015 година ги обвини САД за вмешаност во претходно неуспешен обид за државен удар против него. Венецуела тврдеше дека и Канада била поврзана со обидот за државен удар. Денес Канада брзо ја призна и ја поддржа владата-пучист. Како доказ за американското учество, венецуелските власти издадоа снимка од коминике што ќе биде издадено откако владата на Мадуро ќе се повлече од власта, како и признанија од воени функционери и снимен телефонски разговор помеѓу опозициските водачи што разговараа за државниот удар. Градоначалникот на Каракас, Антонио Ледезма, е познат по телефонските разговори со американски број. Ден пред планираниот државен удар, тој, Леополдо Лопез и Марија Корина Мачадо, двајцата водачи на претходниот обид да се отстрани Мадуро од власт, потпишаа Договор за национална транзиција. Во канцеларијата на опозициската партија беше најдено и оружје. Беше известено дека голем број лидери на државниот удар добиле американски визи од американската амбасада за да си го олеснат бегството ако не успее пучот.

Така, кога се тврди дека промената на власта во Венецуела е неопходна поради конкретните акции на Николас Мадуро, тоа не е вистина. Изборот на Мадуро не беше нелегитимен, тој не е диктатор и не ја напушти функцијата претседател. Сегашниот државен удар е само наредниот чекор во мошне долгата американска драма што се одвива во Венецуела.

 

Автор: Тед Снајдер

Извор: Антивор, американски либертаријански, пацифистички сајт со седиште во Калифорнија, посветен на неинтервенционизмот, чиј прв проект била борба против интервенциите на Балканот под претседателствувањето на Бил Клинтон

Објавено

Понеделник, Февруари 4, 2019 - 18:52

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе