Основни сличности и разлики

Што е полошо, коронавирусот или грипот?

Коронавирусот и грипот честопати се споредуваат деновиве. Но кoи се нивните основни сличности и разлики?

Засега, коронавирусот се чини дека е посмртоносен. Во просек, сезонскиот вирус на грипот убива околу 0,1 проценти од луѓето што се заразуваат. Раните процени на стапката на смртност во епицентарот на епидемијата на коронавирус во Вухан, Кина, беа околу 2 проценти.

Стапката може да падне ако се покаже дека многу случаи не се откриени, бидејќи се со многу благи, па дури и без симптоми.

Како и кај грипот, коронавирусот е најопасен за луѓе постари од 65 години, или што имаат хронични заболувања или слаб имунолошки систем.

Досега во тековната сезона, грипот заболе повеќе луѓе отколку коронавирусот. Во Соединетите Држави, на пример, имало 32 милиони случаи на грип, неколку стотици илјади хоспитализации и 18.000 смртни случаи, според Центарот за превенција на болести. Спротивно на тоа, околу 88 луѓе во САД се заразени со новиот коронавирус, а има два смртни случаи.

Една од областите каде што двете болести се разликуваат е третманот. Нема одобрен антивирусен лек за коронавирусот, но неколку лека се тестираат. За оние заразени со какво било вирусно заболување, лекарите препорачуваат одмор, лекови за намалување на болката и температурата и течности за да се избегне дехидрација. За грипот лекарите можат да понудат четири лека и тие обично најдобро функционираат во рок од еден или два дена од моментот кога ќе почнат симптомите.

Нема достапни вакцинации за коронавирус, но може да има за една или две години. Вакцините против грип се широко достапни и, генерално, од 40 до 60 проценти се ефикасни.

Да, грипот е ужасен. Токму затоа научниците не сакаат уште една заразна респираторна болест да фати корен. Ако можеа да го спречат сезонскиот грип, ќе го спречеа. Но сè уште има шанси да се запре коронавирусот, вели Њујорк тајмс.

 

Кој вирус е посмртоносен?

Коронавирусот се чини дека е посмртоносен од грипот - засега.

Во просек, сезонскиот грип убива околу 0,1 проценти од луѓето што се заразуваат. Грипот во 1918 година имаше невообичаено висока стапка на смртност, околу 2 проценти. Бидејќи беше толку заразен, тој грип уби десетици милиони луѓе.

Раните процени на стапката на смртност на коронавирусот од Вухан беа околу 2 проценти. Но во новиот извештај за 1.099 случаи од повеќе делови на Кина, објавен во петокот, има пониска стапка: 1,4 проценти.

Стапката на смртност на коронавирусот можеби е уште пониска, ако - како што се сомневаат повеќето експерти - постојат многу благи случаи или без никакви симптоми, кои не се откриени.

Вистинската стапка на смртност може да испадне слична на онаа на тешкиот сезонски грип, под 1 процент, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Но дури и една болест со релативно ниска стапка на смртност може да нанесе огромна загуба ако се заразат огромен број луѓе. До неделата имаше околу 87.000 заразени од коронавирус и 3.000 смртни случаи. Оваа недела, за прв пат, бројот на новите случаи надвор од Кина го надмина бројот во земјата.

 

Кој вирус е позаразен?

Досега, новиот коронавирус се чини дека е позаразен од повеќето видови грип и приближно исто толку заразен како и видовите што се појавуваат во пандемските грипови.

Се чини дека секое лице со коронавирус инфицира 2,2 други луѓе, во просек. Но од бројката е изоставен фактот дека епидемијата не беше добро контролирана во почетокот, а инфекциите брзо се зголемија во Вухан и покраината. Кога епидемијата ќе биде доведена под контрола, репродукцискиот број, како што се нарекува тоа, ќе падне.

За споредба, таа бројка кај сезонскиот грип е приближно 1,3. Репродукцискиот број кај грипот од 1918 година беше скоро ист со оној на новиот коронавирус, можеби и поголем, но тоа беше пред да станат достапни современите третмани и вакцини.

И кај грипот и кај болеста предизвикана од коронавирусот луѓето може да бидат заразни пред да се појават симптоми, што отежнува или дури и оневозможува да се контролира ширењето на вирусот. Никој не знае колку луѓе заразени со коронавирусот имаат само многу благи симптоми или воопшто немаат.

 

Кој е под најголем ризик да се зарази?

И коронавирусот и грипот се најопасни за луѓето што се постари од 65 години, или имаат хронични заболувања или слаб имунолошки систем.

Стапката на смртност кај мажите заразени со коронавирусот во Кина, особено оние во доцните 40-ти и постарите, ја надмина стапката кај жените, што не е случај кај сезонскиот грип. Причината за разликата не е позната, иако се знае дека кинеските мажи повеќе пушат, што често резултира во нарушена функција на белите дробови.

Се чини дека постои уште една важна разлика: грипот се чини дека е далеку поопасен за децата, особено за многу малите, кои може сериозно да се разболат. Децата заразени со новиот коронавирус обично имаат благи или никакви симптоми.

Грипот исто така е особено опасен за бремените жени, кои може сериозно да се разболат од него. Не е познато дали новиот коронавирус претставува сериозна закана за бремените жени.

 

Од кој вирус ви станува полошо?

Заклучно со 22 февруари, на пример, во тековната сезона имало најмалку 32 милиони случаи на грип во САД, 310.000 хоспитализации и 18.000 смртни случаи на грип, според ЦДЦ. Стапката на хоспитализација кај деца и млади возрасни годинава беше невообичаено висока.

Бројот на заболувања и умирања ќе беше многу повисок ако немаше вакцина против грипот. Повеќето луѓе оздравуваат за помалку од две недели, а понекогаш и за само неколку дена.

Спротивно на тоа, над 70 луѓе во САД се заразени со новиот коронавирус, а има и двајца починати. Не постојат третмани или вакцини за коронавирусот, само медицинска нега за заразените лица.

Повеќето случаи на зараза со коронавирус не се сериозни, но некои луѓе стануваат многу болни. Податоците од најголемата студија на пациенти до денес, спроведена во Кина, укажуваат дека од пациентите со коронавирус што примале лекарска помош 80% имале лесни инфекции, околу 15% имаат тешки заболувања, а 5% се критични.

Првите симптоми, температура и кашлица, се слични на оние на грипот, така што може да е тешко да се разликуваат болестите без тест за идентификување на вирусот. Пневмонијата е честа кај пациентите со коронавирус, дури и кај оние чии случаи не се сериозни.

Експертите сметаат дека може да има и многу луѓе без никакви симптоми или толку благи што никогаш да не се потрудат да побараат лекарска помош. Бидејќи тие случаи не се бројат, не е можно сега да се знае вистинскиот размер на благите наспроти тешките случаи.

Тестовите за антитела, кои можат да утврдат дали некој некогаш бил заразен, на крај може да помогнат да се утврди колку луѓе имале блага или асимптоматска инфекција со коронавирус.

 

Дали луѓето можат да станат имуни на коронавирусот?

По една вирусна инфекција луѓето обично развиваат антитела во крвта што ќе го спречат вирусот и ќе ги заштитат од повторно заразување. Разумно е да се претпостави дека луѓето што го добиле новиот коронавирус ќе станат имуни на него.

Но не е познато колку долго ќе трае тој имунитет. Со другите коронавируси, кои ја предизвикуваат обичната настинка, имунитетот може да опадне.

Секако, постојат вакцини за сезонскиот грип и тие предизвикуваат барем делумен имунитет од грипот.

 

Кои лекови се достапни?

Нема одобрен антивирусен лек за коронавирусот, иако неколку се во фаза на тестирање. Лекарите можат да ги препорачаат само вообичаените лекови за кое било вирусно заболување: одмор, лекови за намалување на болката и температурата и течности за да се избегне дехидрација.

Коронавирусните пациенти со пневмонија може да имаат потреба и од кислород, па и од респиратор ако се влоши проблемот со дишењето.

За грипот, сепак, постојат лекови. Сите работат најдобро ако се земат во рок од еден или два дена од кога ќе се појават симптомите.

Тие не се чудо од лек: можат да ја намалат сериозноста на болеста и да го скратат нејзиното траење за ден или два, и може да го намалат ризикот од сериозни компликации.

Лековите се препорачуваат и за лицата што биле во контакт со пациент со грип, за да се обидат да ја спречат оваа болест.

Грипот, како и коронавирусната болест, може да предизвика и пневмонија и проблеми со дишењето. На секој што ќе почувствува тешкотии при дишењето му треба итна медицинска помош.

 

Може ли да се вакцинирам?

Експериментална вакцина за коронавирус може да биде подготвена за тестирање кај луѓето во рок од неколку месеци, но ќе треба многу подолго време, барем една или две години, за да стане достапна за широка употреба.

Вакцините против грип, од друга страна, се широко достапни и генерално од 40 до 60 проценти ефикасни, што значи дека тие ќе ги намалат случаите за она количество популација што е вакцинирано, во споредба со она што не е.

Вакцината за тековната сезона спаѓа во тој опсег, според ЦДЦ, кој на 21 февруари рече дека луѓето што не се вакцинирани треба да го сторат тоа, затоа што сезоната на грип е во тек.

Експертите ги повикуваат луѓето да се вакцинираат од вообичаените причини. Но сега има уште една: ако се појави епидемија од коронавирус, во болниците ќе бидат потребни сите можни кревети, опрема и персонал.

Ќе биде важно овие ресурси да не се користат од пациенти со грип што може да се спречи.

 

Дали коронавирусот ќе го снема кога времето ќе се стопли?

Бидејќи станува збор за нов вирус, нема информации за тоа како времето може да влијае на него.

Дури и ако вирусот го снема напролет, тој може да се врати наесен, кога ќе стане постудено. Ова е шема што често се забележува во сезоните на тежок грип.

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе

Во време кога пандемијата на коронавирусот и понатаму е вон контрола, најдобар економски исход на кој би можеле да се надеваме е рецесија која ќе биде подлабока од онаа со финансиската криза во 2008 година. 

повеќе