Коронавирус

Што е пандемија?

Прогласувањето пандемија нема никаква врска со промени во карактеристиките на заболувањето, туку е поврзано со загриженост поради неговата географска распространетост. Според Светската здравствена организација, пандемија се прогласува кога во светот неочекувано почнува да се шири нова болест кон која луѓето немаат имунитет.

Пандемијата е светска појава на сериозна нова болест со „постојан пренос низ целиот свет“.

Во главите на многумина, зборот „пандемија“ е тесно поврзан со пандемијата на грип од 1918 година, во која починаа десетици милиони луѓе. Но, по дефиниција, за една пандемија не е потребен таков обем на уништување. Во реалноста, тоа е лабаво дефиниран термин.

„Не можеме ова да го кажеме доволно гласно, или доволно јасно, или доволно често: сите земји сè уште можат да го променат текот на оваа пандемија“, се вели во изјавата на Тедрос Аданом Гебрејесус, генералниот директор на СЗО.

 

Како СЗО одлучува дали да прогласи пандемија?

Случаите што вклучуваат патници што се заразиле во странска земја и потоа се вратиле во матичната земја, или кои биле заразени од тој патник, познат како „прв пациент“, не се сметаат за причина за прогласување пандемија. Мора да има втор бран на инфекција од лице на лице низ целата заедница.

Откако ќе се прогласи пандемија, станува поверојатно дека ќе дојде до ширење низ заедницата, а владите и здравствените системи треба да покажат дека се подготвени за тоа.

Епидемијата, од друга страна, е ненадејно зголемување на бројот на заразени од болест што може да биде уникатна за една земја или заедница.

Пандемија беше прогласена откако случаите на коронавирус почнаа брзо да се зголемуваат низ целиот свет. Бројот на заразените надвор од Кина се зголеми за 13 пати во последниве две недели, рече Тедрос. Во истиот период бројот на земјите погодени од епидемијата се зголеми за трипати.

Организацијата ја дефинираше пандемијата како „распространето ширење на нова болест во светски рамки“. Но не постои строга дефиниција за тоа колку сериозна треба да биде болеста, а претходните пандемии имале различни стапки на смртност.

 

Кога се прогласува пандемија?

Тука СЗО го има крајниот збор. Не постои праг, како што е одреден број на починати или заразени или број на погодени земји што треба да се исполни. На пример, коронавирусот САРС, идентификуван во 2003 година, не беше прогласен за пандемија од СЗО и покрај тоа што погоди 26 земји. Сепак, неговото ширење брзо беше запрено, а само мал број нации беа тешко погодени, меѓу кои и Кина, Хонг Конг, Тајван, Сингапур и Канада.

Ако прогласувањето пандемија предизвика глобална паника, ова може да ги попречи обидите да се подигне свеста. Многу текстови се напишаа за тоа дали прогласувањето на свинскиот грип за пандемија во 2009 година предизвика непотребна паника, ги преполни одделите за итни случаи и предизвика владите да потрошат непотребно многу пари за антивирусни лекови. Симптомите на коронавирус обично се благи и повеќето луѓе оздравуваат во рок од шест дена.

 

Сега кога СЗО го прогласи ковид-19 за пандемија, што ќе значи тоа за третманот и подготовките за појавата?

СЗО истакна дека користењето на зборот „пандемија“ не сигнализира промена во нејзините совети. Таа и натаму ги повикува државите да ги „детектираат, тестираат, лекуваат, изолираат, пронаоѓаат и мобилизираат своите граѓани“.

Д-р Натали Мекдермот, академски клинички предавач од Националниот институт за здравствени истражувања на Кралскиот колеџ во Лондон, вели: „Промената на терминот не менува ништо практично, бидејќи на светот во последните неколку недели му беше советувано да се подготви за потенцијална пандемија, што се надевам сите земји го сфатија сериозно.“

„Употребата на овој термин сепак ја истакнува важноста земјите низ целиот свет отворено да соработуваат едни со други и да функционираат како обединет фронт во нашите напори да ја ставиме под контрола таа состојба“.

 

Треба ли да паничиме поради пандемијата на коронавирус?

Не. Преземете ги вообичаените мерки на претпазливост во сезона на грип: избегнувајте близок контакт со луѓе што се болни. Не ги допирајте очите, носот и устата. Покријте ја устата кога кашлате. Останете дома кога сте болни. Чистете ги предметите и површините дома. Мијте ги рацете најмалку 20 секунди.

Ако сте болни, самоизолирајте се.

Не ви треба маска за лице освен ако имате ковид-19 и покажувате симптоми. Купувањето маски им ги одзема скапоцените материјали на здравствените работници, на кои им се најпотребни.

Даночните затајувачи сѐ почесто се мали фирми, кои сѐ потешко се следат.

повеќе

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе