Што е мутацијата Д614Г на коронавирусот?

Студија во која учествуваа повеќе од 5.000 пациенти со ковид-19 во Хјустон откри дека вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19 претрпува генетски мутации, од кои една може да го направила позаразен. Според трудот објавен во рецензираното списание мБИО, таа мутација, наречена Д614Г, се наоѓа во шилестиот протеин, кој ги отвора нашите клетки за вирусот да влезе во нив. Мутацијата е забележана во 78% од геномите секвенцирани од 1 април до 18 мај.

Фото: ЕПА

Иако новиот коронавирус претрпува многу мутации, една посебна мутација наречена Д614Г, според студијата, станала доминантна варијанта во светската пандемија на ковид-19.

Кога вирусот влегува во телото на човекот, тој има цел да создаде копии од себе. Кога ќе направи грешка во тој процес на копирање, добиваме мутација.

Во овој случај, вирусот ја заменил аспарагинската киселина (Д) во 614-тата позиција на аминокиселината со глицин (Г). Оттука, мутацијата се нарекува Д614Г. Оваа мутирана форма на вирусот најпрво беше откриена во Кина, а потоа и во Европа. Подоцна се прошири во други земји како САД и Канада и на крај беше пријавена во Индија.

Како се разликува мутацијата Д614Г?

Мутацијата Д614Г се наоѓа во шилестиот протеин на вирусот. „Може да го замислите шилестиот протеин како огромен склоп од три протеински синџири. Секој протеински синџир има две подединици (С1 и С2). Подединицата С1 е онаа што се прикачува на клетките домаќини - човечкиот рецептор АЦЕ2“, вели д-р Липи Тукрал, виш научник на ЦСИР-Институтот за геномика и интегративна биологија (ИГИБ).

„Подединицата С2 посредува во спојувањето на вирусните и човечките мембрани. Мутацијата Д614Г е присутна во подединицата С1 на протеинот, а е блиска и до подединицата С2. Затоа, има влијание врз интеракциите на човечките клетки и со С1 и со С2“, додава таа.

„Едноставно кажано, оваа конкретна мутација му помага на вирусот поуспешно да се поврзе со рецепторот АЦЕ2 кај човекот домаќин, со што го прави поуспешен во влегувањето во човечко тело отколку неговите претходници“, објаснува д-р Саумитра Дас, директор на Националниот институт за биомедицинска геномика во Западен Бенгал. За да се обезбеди јасна слика за тоа колку пренослива станала оваа специфична мутација на вирусот со текот на времето, еден труд во списанието „Cел“ вели дека мутацијата е пронајдена во 10% од 997 глобални геномски секвенци пред 1 март, 67% од секвенците помеѓу 1 март и 31 март и 78% од секвенците помеѓу 1 април и 18 мај.

Кои се ефектите од мутацијата?

Студијата е спроведена од научници во Методистичката болница во Хјустон, УТ Остин и на други места и ги објаснува секвенцираните геноми на 5.085 соеви на САРС-КоВ-2 во Хјустон. Открива дека не само што Д614Г покажала зголемена заразност, туку и поголема способност да се закачи на ѕидовите на клетките во внатрешноста на носот и грлото на поединецот, зголемувајќи го количеството на вирусот.

„Вирусот мутира поради комбинација од неутрален тек - што значи само случајни генетски промени што ниту му помагаат ниту му штетат на вирусот - и притисок од нашиот имунолошки систем“, рече Илја Финкелштајн, вонреден професор по молекуларна биологија на Универзитетот во Тексас во Остин и коавтор на студијата.

За време на првиот бран на пандемијата, 71% од варијантите на новиот коронавирус откриени кај пациенти во Хјустон ја имале оваа мутација. Кога вториот бран на епидемијата го погоди Хјустон во текот на летото, оваа варијанта скокнала на опсег од 99,9%. Ова одговара на трендот забележан низ целиот свет. Студија објавена во јули заснована на повеќе од 28.000 геномски секвенци откри дека варијантите што ја носат мутацијата Д614Г за околу еден месец станале глобално доминантна форма на САРС-КоВ-2.

Па зошто соевите што ја содржат оваа мутација ги надвладуваат оние што ја немале?

Можеби тие се позаразни, вели Медикал експрес. Една студија на повеќе од 25.000 геномски секвенци во Велика Британија откри дека вирусите со мутација имаат тенденција да се пренесуваат малку побрзо од оние без неа и да предизвикаат поголеми кластери на зараза. Природната селекција би ги претпочитала соевите на вирусот што полесно се пренесуваат. Но не се убедени сите научници во тоа. Некои предложија друго објаснување: дека мутацијата Д614Г можеби била почеста кај првите вируси што дошле во Европа и Северна Америка, што во суштина им дало предност пред другите видови.

Шилестиот протеин исто така продолжува да добива дополнителни мутации од засега непознато значење. Тимот во лабораториските експерименти покажа дека барем една таква мутација му овозможува на шилецот да го избегне неутрализирачкото антитело што луѓето природно го произведуваат за да се бори против инфекциите со САРС-КоВ-2. Ова може да овозможи таа варијанта на вирусот полесно да се протне покрај нашиот имунолошки систем. Иако сè уште не е јасно дали тоа значи дека таа и полесно се пренесува меѓу поединци.

Добрата вест е дека оваа мутација е ретка и се чини дека не ја прави потешка болеста на заразените пациенти. Според Финкелштајн, групата воопшто не видела вируси што научиле да ги избегнуваат вакцините од прва генерација и формулациите за терапевтски антитела.

„Вирусот продолжува да мутира додека се шири низ целиот свет“, рече Финкелштајн. „Напорите за надзор во реално време, како што е нашата студија, ќе осигурат дека глобалните вакцини и лекови секогаш се чекор понапред.“

Научниците досега забележале вкупно 285 мутации низ илјадници инфекции, иако се чини дека повеќето немаат значително влијание врз тоа колку е тешка болеста. Тековните студии продолжуваат да го следат третиот бран на пациенти со ковид-19 и да карактеризираат како вирусот се приспособува на неутрализирачките антитела што ги произведува нашиот имунолошки систем. Секоја нова инфекција е како фрлање коцка, дополнителна шанса да се развијат поопасни мутации.

„Му дадовме многу шанси на овој вирус“, изјави главниот автор Џејмс Мусер од Хјустон Методист за Вашингтон пост. „Во моментов има огромен обем на население“.

Сепак, трудот не можел да воспостави никаква директна поврзаност помеѓу оваа одредена генетска промена на вирусот и зголемувањето на сериозноста на ковид-19 или неговото влијание врз смртноста на пациентот.

Пациентите се чини дека покажуваат променливи реакции на тоа во зависност од својата генетска конституција, возраста, изложеноста на други болести итн. Истражувачите сè уште не ги знаат ефектите од оваа мутација.

Дали оваа мутација може да влијае на истражувањето за вакцина?

Еден труд во списанието Нејчр, по спроведените експерименти врз хрчаци, заклучи дека оваа одредена мутација не може да ја намали способноста на вакцините во клиничките испитувања да штитат од ковид-19 и дека пред клиничкиот развој треба да се тестираат терапевтските антитела против варијантата на вирусот што кружи.

„Потребна е крајна претпазливост без предвремени заклучоци за мутациите и нивните ефекти непоткрепено со експериментални докази. Ова може да резултира во медиумско лудило и потенцијално да ја наруши довербата на јавноста во вакцините “, вели д-р Ану Рагунатан од индиската Национална хемиска лабораторија.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе