Д-р Глигиќ ја сузбивала епидемијата на вариола вера во СФРЈ

Што е можно повеќе да се прекинат контактите, така се шири вирусот, вели угледна српска докторка-виролог

„Да се прекинат што е можно повеќе контакти, вирусот така се шири, и тоа најмногу низ воздухот. Во надворешната средина може да остане најмалку три часа, а, кога ќе падне на квака, на метал, може да остане три дена“, вели во интервју за Н1 д-р Ана Глигиќ, познат српски меѓународно признаен виролог, која кон средината на минатиот век прва го изолира најсмртоносниот марбург вирус, а во 1972 година, во времето на вариола вера, беше шеф на Националната референтна лабораторија.

„Овој вирус спаѓа во групата на природножаришни вируси, значи тој се наоѓа во природата и кога човекот, во потрага по храна, рекреација или добивка, ако сака да експлоатира нешто, ќе влезе во некое природно жариште и ќе ја наруши еколошката рамнотежа на тоа жариште, го растревожува она што тука со векови стоело недопрено и тогаш доаѓа до нарушување во еколошкиот систем. Вирусите, кои инаку кохабитирале со дивите животни во такво едно природно жариште, имаат прилика да остварат контакт со човекот и тој прескок на бариерата меѓу видовите е катастрофален“, вели докторката-виролог.

„Според последните истражувања, пронајдено е дека ковид-19 е 96% идентичен со вирусот од лилјаците, тоа го правеа Кинезите. Значи, тој е всушност испровоциран. Лилјаците поради климатските промени веројатно им се приближиле на населените места, бидејќи ги има во многу голем број. Второ, тие се под заштита на државата, затоа што во еколошкиот систем прво правило е 'во природата сè е поврзано со сè'. Ако нарушите и само едно нешто во тој синџир, вие го добивате ова што го имаме сега со овој коронавирус.

Прво имавме епидемија во една држава, а потоа таа се прошири, затоа што има потенцијал да се шири преку аеросоли, односно воздухот, тоа е најбрз и најлесен пат за ширење вирус, за разлика од некои други вируси, за кои мора да има директен контакт со крвта на заболениот, како на пример еболата или марбург вирусот или некои други хеморагични трески“, вели д-р Глигиќ.

„Мислам дека и во Кина доцна беше откриена вистинската работа. Тоа така и поминува во природножаришните инфекции, затоа што тие во почетокот не предизвикуваат ништо. Речиси сите заразни болести почнуваат како некоја инфективна респираторна болест. Од најтешките болести, од еболата, сè почнува како респираторно. А потоа се манифестира затоа што вирусот напаѓа одредени органи кон кои има тропизам. Па потоа доаѓа до последици што се катастрофални и до смртност.

Овој вирус не загрижува поради смртноста, тој загрижува поради големиот број заболени и згрижувањето на тие заболени. Тешко е во еден ден да се згрижат 500 болни, а особено ако дојде до тешки клинички слики, кога треба и респираторна поддршка за болниот.

Што се однесува на лекови или лечење, кај вирусните болести - лек нема. Само симптоматска терапија“, вели таа.

„За инкубацискиот период кај короната не се знае точно колкав е. Некои велат 14 дена, тоа е вообичаено кај повеќето вирусни болести да е од 8 до 14 дена, иако има и вирусни болести со инкубациски период од два дена, тоа се тешките хеморагиски трески, но во просек тоа е 14 дена. Меѓутоа, јас денеска прочитав, според последните извештаи, дека кај овој вирус кај повеќето заболени инкубацискиот период е 25 дена. Тоа би значело дека во половина од тие 25 дена болеста не се препознава, а за тоа време тој може да го сее вирусот околу себе. Тоа е трагедијата.

Таа инкубација во почетокот крие, затоа што болеста се состои некаква блага кивавица, па сите велат ќе се напиеме чај, а всушност го сееме вирусот.“

И покрај тоа што владите презеле сè што можеле, д-р Глигиќ очекува бројот да биде сè поголем, затоа што „тоа веќе е направено, контактите се остварени пред да бидат воведени мерките, ако е 25 дена инкубацијата“.

„Јас како виролог мислам дека ние од оваа епидемија треба да извлечеме поука и никогаш веќе да не смее да ни се случи ова со коронавирусот. Може да се случи овој коронавирус премине во една сезонска болест, затоа што ние го имаме изворот на инфекција, тоа се заразените лилјаци, и ќе ги имаме и понатаму и мислам дека сега треба да насобереме што е можно повеќе материјал од болните, добро да го истражиме, да истестираме - има ли имунитет по ова?

Значи ако земеме серум од заболен човек, да видиме дали се создаваат антитела од овој вирус, и колку тие штитат. Зашто тоа е многу важно. Тогаш би можела како лек да се користи и реконвалесцентната крв. Така ние го лечевме нашиот заболен од ебола, односно од марбург вирусот, во 1967 година“, вели д-р Глигиќ.

„Мене не ми е јасно што се случува со имунитетот кај оздравените. Зошто со овие нови молекуларно-генетски методи вирусот, односно вирусните партикули, компонентите на вирусот, може да се најдат и кога болниот ќе биде отпуштен, па ќе се тестира. Значи него го отпуштиле како здрав. Кога ќе го тестираат, тој поседува остатоци од вирусните честици. Дали тој поседува и вирулентна компонента од агенсот?“

„Многу непознаници има, сега се на ред виролозите“, вели докторката. „Епидемиолозите направија сè што можеа, клиничарите направија сè што можеа, државите направија материјално сè што можеа. Сега останува на виролозите да го испитаат имунитетот, вирулентноста на вирусот, начинот на пренесување, промените на геномот. Дали можат малите промени да го даваат тоа што го даваат, поголема вирулентност, дали доаѓа до интермедијални преносители? На пример, ако лилјакот е извор, дали со лилјакот уште некое животно било во контакт, па потоа се пренело на човекот. Тоа би значело дека вирусот се променил двапати. Настанува мутанта внатре на геномот и потоа тој добива на вируленција. Вирусот никогаш нема да направи нешто на своја штета. Тој сака да опстане.“

„Се поставува прашањето дали кружи само една сероваријанта или имаме повеќе сероваријанти на коронавирусот. Дали вирусот мутирал, дали се изменило нешто, па сега имате таква ситуација. Затоа што може вирусот сега да поминал неколку пасажи низ човекот, односно преминувања.

Имаме ние ситуации епидемијата сама од себе да се угаси. Затоа што кога ќе ја прескокне бариерата на видот од животните од едно природно жариште, тогаш во првиот налет на човекот има најголема смртност, најтешка клиничка слика.

Ние го имаме искуството со конго-кримската хеморагична треска во Македонија, во селото Чифлик кај Тетово. Во вториот пасаж, кога болниот, кој умре, ги зарази членовите на семејството, тие имаа тешка клиничка слика, но немаше умрени. Во третиот пасаж, има само блага клиничка слика, а во четвртиот веќе и нема. Значи вирусот сам слабее во своите пасажирања на човекот и тоа е многу добра особина. Ако короната се однесува така, ќе биде супер!“, вели таа.

Слабеењето на епидемијата во Кина, вели д-р Глигиќ, „веројатно има врска со тоа пасажирање затоа што со преминувањето од човек на човек вирусот слабее, изгубил некои особини од дивината од која потекнал. Второ, се создал колективен имунитет. Затоа што, со голем број заболени се создава имунитет, луѓето стануваат неприемчиви и тоа е една голема бариера. Потоа имаме ситуација кога луѓето се попретпазливи и мерките што се воведуваат исто така ги спречуваат тие контакти и појава на нови случаи.

А ја имате и ситуацијата со четири инкубациски периоди: да речеме ако инкубацискиот период трае 25 дена, четири инкубациски периоди од по 25 дена, тоа се сто дена. Во Кина заразата почна во декември, токму сега се сто дена. Денеска не е забележан ниеден случај во Кина. Значи по тие четири инкубациски периоди епидемијата самата се гаси, со сите можни други додатоци, создавање колективен имунитет, промени на вируленцијата на вирусот, промени во однесувањето на луѓето, затоа што и луѓето поинаку се однесуваат кога ќе видат каква е ситуацијата.“

„Го имате и тоа дека некои вируси во надворешната средина не можат да се одржат ако не се во жив организам. Бидејќи што е вирусот? Вирусот е најперфидниот начин на паразитизам. Вирусот влегува во клетката и има некоја моќ што никој сè уште не ја испитал, влегува во клетка што има механизам на самоодржување на животот, да биде здрава, сето тоа тоа да биде убаво. Вирусот има особина сето тоа да го елиминира, да ја претвори клетката во еден апарат за негова репродукција. И вирусот потоа се размножува, па од клетка во клетка, и настанува лезија, која за последица има или смрт или менингитис, или...“

„Ние во своето опкружување имаме силни пестициди, зрачења, загаденост на воздухот, видовме и кај нас, тука се и честичките, сето тоа го намалува имунитетот“, вели д-р Глигиќ.

„Да се спречат што е можно повеќе контакти“, препорачува таа, „затоа што оваа болест се шири преку контакти, тоа е докажано. И тоа најмногу преку воздухот. Научниците испитуваа колку може вирусот да опстане во надворешна средина - три часа се сигурно загарантирани. Значи, јас се накашлувам и тоа место три часа ќе биде заразно. Којзнае кој за три часа ќе седне во трамвајот на моето место и ќе го собере вирусот.

Но ако падне на некои други супстрати, да кажеме во пластична туба кога го чуваме вирусот во лабораторија, тој може да остане три до четири дена, на собна температура. А ние го конзервираме на минус 70. Е сега, она што е многу важно кај сето ова, имате ситуација кога вирусот кога ќе падне на квака, да кажеме во трамвај, на метал, и таму тој може да остане три дена. Жив.

Тоа не е логично, за мене не е логично. За мене, вирусот бара да биде во состав на клетка, внатре во клетката. Научниците испитале дека го има во плунката, во крвта во виремичната фаза, го има во изметот на луѓето што се инфицирани, но го нема во вода на базен, во водата за пиење од чешма, го нема во базените за капење, но го нема ни во базените со топла вода. Таму можат да го уфрлат, но не можат веќе да го најдат жив.“

„Јас мислам дека е направено сè што се однесува на епидемиологијата и на клиниката, во сите земји се прави сè онака како што се смета дека е најдобро. Меѓутоа, на ред се виролозите, кои треба да го запознаат вирусот, неговата јачина за човекот, за одредена возраст на човекот, треба да го испитаат тоа. Сега треба секој сериозен институт да собере материјал од акутната фаза на болеста и да прават вакцина. Затоа што ако се случи изворот трајно да остане во природата, тој постојано ќе го напаѓа човештвото“, вели д-р Глигиќ и заклучува:

„Овие природножаришни инфекции тешко се совладуваат, а уште потешко се искоренуваат. Вирусолозите мора што поитно да го одберат најпогодниот сој, дали од Кина, дали од Америка, дали од Италија, и тогаш од тој сој што има најмногу карактеристики за оваа болест да се направи вакцина, зашто ова може навистина да се претвори во сезонска болест.“

Објавено

Понеделник, Март 23, 2020 - 09:09

Зголемувањето на парите за финансирање на партиите не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во партиите и политичарите.

повеќе

За помалку од еден месец по олеснувањето на рестриктивните мерки, Косово се соочува со нагло зголемување на бројот на случаи со ковид-19, 

повеќе