Коронавирус

Што е имунитет на стадо?

Имунитетот на стадо, или колективниот имунитет, ги искорени големите сипаници и детската парализа. Може ли ковид-19 да биде следниот?

Фото: Роберт Атанасовски

Имунитетот на стадо ја опишува точката во која популацијата е доволно имуна на некоја болест за да го спречи нејзиното кружење од човек на човек. Истражувачите од Универзитетот во Манчестер го смислиле терминот во 1923 година, за да опишат како цело стадо животни (во тој случај, глувци) може да станат имуни на некоја болест, дури иако не се имунизирани сите членови на стадото.

Широко распространетата вакцинација е најсигурен начин за постигнување имунитет на стадо. „Целиот концепт на имунитет на стадо произлезе од прашањето: колку луѓе треба да вакцинирате во една популација за да се искорени некоја болест“, вели Пол Хантер, професор на Универзитетот во Источна Англија во Велика Британија и член на комисијата за спречување инфекции на Светската здравствена организација

Но постигнувањето имунитет на стадо често е покомплицирано од тоа и не е секогаш можно - особено кога станува збор за новиот коронавирус што предизвикува ковид-19, за кој нема вакцина. „Имунитетот на стадо вклучува различни фактори над и надвор од самиот вирус“, вели Грегори Поланд, директор на Групата за истражување вакцини на клиниката Мајо.

 

Како се мери имунитетот на стадо

Пресметувањето колку луѓе треба да бидат имуни на некоја болест за таа да престане да го заразува населението е релативно едноставно. Прво, научниците го одредуваат Р0 (Р-нула) на патогенот, индекс што го проценува просечниот број на луѓе што една заразна индивидуа ќе ги зарази врз основа на својствата на патогенот. Важно е да се напомене дека Р0 не е непроменлив. Една попрецизна бројка, Рт, го доловува бројот на случаите што се очекуваат по поединец додека епидемијата напредува и состојбите се менуваат со текот на времето како реакција на епидемијата. Но за да го пресметаат прагот неопходен за имунитет на стадо, епидемиолозите почнуваат со Р0.

Епидемијата на ебола во 2014 година имаше Р0 од околу два, што значи дека еден пациент заразен со ебола во просек инфицирал двајца други, објави НПР. За сипаниците, таа бројка е поблизу до 15. Иако сè уште е рано за да се знае со сигурност, истражувачите се сомневаат дека Р0 на вирусот што предизвикува ковид-19 е приближно три, според Центарот за контрола и спречување болести.

Болестите со навидум ниски вредности на Р0 сепак може брзо да излезат од контрола под услов да се дури и малку над еден. „Ако претпоставиме дека Р0 за ковид-19 е три, тоа значи дека секој заразен ќе предизвика тројца секундарни заразени“, вели Хантер за Лајв саенс. „Тоа ви се еден, три, девет, 27 и така натаму.“

Клучот за постигнување имунитет на стадо е Р0 на болеста да се сведе на еден. Додека поединците стануваат имуни на патогенот, или преку вакцинација или преку природен имунитет стекнат со оздравување од болеста, се очекува еден заразен да заразува сè помалку и помалку лица во таа популација. За сипаниците (Р0 = 15) имунитетот на стадо настапува кога се имуни 14 од 15, или околу 93% од поединците. За ковид-19 веројатно ќе бидат доволни двајца од тројца (околу 66%).

„Со некој многу заразен патоген мора да вакцинирате близу 100% од популацијата“, вели Хантер. „Со ковид-19, со оглед дека неговиот Р0 е некаде помеѓу два и три, кога би можеле да имунизираме две третини од населението, мислам дека ќе бидеме во ред“.

 

Како да се постигне имунитет на стадо

Кога научниците зборуваат за имунитет на стадо, тоа скоро секогаш е во контекст на вакцините. „Имунитетот на стадо ќе биде самата цел на програмата за вакцинирање (против ковид-19)“, вели Дани Алтман, професор по имунологија на Кралскиот колеџ во Лондон, за Лајв саенс. „Ова е причината зошто кандидатите за вакцина треба да бидат проценети и смирено и објективно споредени. Нам ни требаат вакцините што се имуногени (предизвикуваат имунолошка реакција), заштитни, безбедни и даваат стабилна и долга реакција.“

Но постои уште еден начин да се постигне имунитет на стадо. Ако конкретниот патоген предизвикува доживотен имунитет кај оние што ги инфицира, и ако му се дозволи да се шири горе-долу неконтролирано, стапките на инфекција експоненцијално ќе се зголемат, а потоа природно ќе се израмнат, ќе опаднат и ќе исчезнат бидејќи повеќе луѓе ќе се разболат од болеста, ќе оздрават и ќе станат имуни на повторна инфекција - и сето тоа без вакцина.

Сепак, овој метод е многу понесигурен, од две причини.

Прво, функционира само во релативно затворена популација во која не пристигнуваат постојано нови, дотогаш неизложени лица, како храна за гладниот патоген. Дури и изолираните заедници не се целосно безбедни од овој ризик, затоа што „децата не се раѓаат со имунитет“, вели Хантер. „Многу болести од кои очекувавме да исчезнат поради имунитетот на стадо, не исчезнаа затоа што во популацијата доаѓаат доволно новороденчиња за да се одржи болеста“.

Второ, имунитетот на стадо со стекната инфекција опстојува само ако доволен дел од населението ја добие болеста. Ова не е неизбежен заклучок, и скоро сигурно не е така со ковид-19, според првичните податоци од погодените европски земји и од студијата од Шпанија објавена во јули 2020 година во списанието Лансет. Бројките велат дека, и покрај големите загуби, новиот коронавирус инфицирал само мал дел од населението - далеку под прагот за имунитет на стадо. „Шведска има многу заразени, многу мртви и не го постигна имунитетот на стадо. Ниту Шпанија и Италија не го остварија имунитетот на стадо, а истражувањата откриваат дека стапките на имунитет во тие земји се можеби 15%“, рече Поланд.

И иако е примамливо да се претпостави дека откако поединецот ќе оздрави од ковид-19, тој ќе биде имун на втора инфекција, студиите сè повеќе сугерираат дека можеби ова не е така.

„Ги гледаме овие 'ковид-журки', при што луѓето си велат 'ќе одам, ќе се заразам и ќе завршам со тоа'“, додава тој. „Освен што е глупаво да се изложувате на потенцијално смртоносно заболување, ова е и простачки пристап што претпоставува факт што веројатно го нема - дека откако ќе се заразиш си имун“.

 

Имунитетот на стадо не функционира секогаш

Елементите за природно постигнување имунитет на стадо се добро познати. „Сакате болест за која е загарантирано дека произведува силен имунитет кај главно асимптоматското ширење, како и да има низок Р0“, вели Алтман за Лајв саенс. Но дури и ако Р0 е релативно висок и повеќето пациенти се симптоматски, имунитетот на стадо сепак е можен со ефективна вакцина и со програма за вакцинирање што масовно ја имунизира популацијата. „Помислете на нашите големи успешни јавноздравствени приказни за вакцинирање: овчи сипаници и детска парализа, двете болести комплетно искоренети поради масовните, одржливи програми за вакцинирање со едноставни, многу ефикасни вакцини“, вели тој.

Силниот имунитет е неопходен за да се осигури дека оние што стануваат имуни, доволно долго остануваат имуни за патогенот да исчезне. Асимптоматското ширење помага, затоа што тоа значи дека помалку луѓе има веројатност да умрат додека населението чека да се постигне имунитетот на стадо - и ја зголемува веројатноста дека ќе има доволно преживеани што пред сè ќе влијаат за имунитет на стадо. Нискиот Р0, се разбира, ја намалува границата за тоа колку лица треба да бидат имуни пред да видиме дека стапката на инфекција се спушта и опаѓа.

Сепак, некои болести што се навидум силни кандидати за имунитет на стадо никогаш не го постигнуваат. И покрај широко распространетата инфекција и вакцинирање, овчите сипаници, на пример, никогаш не беа целосно искоренети од населението. Тоа е затоа што вирусот што предизвикува овчи сипаници останува скриен во нервните корени на оние што се заразиле со него, дури и откако ќе оздрават и ќе стекнат имунитет на болеста. Како што стареат некогаш заразените лица, имунолошкиот систем им ослабува и вирусот може да се реактивира, предизвикувајќи херпес зостер, што пак може да предизвика овчи сипаници.

„Можеби ќе ги искорените овчите сипаници во некоја мала островска заедница, но потоа нечија баба ќе добие херпес зостер и за неколку недели сите деца на островот ќе добијат овчи сипаници“, вели Хантер. „Сте постигнале имунитет на стадо и (се чини) вирусот изумрел, но тој всушност чекал да излезе“. Слични појави се забележани и со туберкулозата, според СЗО.

Имунитетот на стадо предизвикан од вакцина може да пропадне и кога вакцината резултира со само краткотраен имунитет кај населението. Магарешката кашлица и заушките неодамна повторно се појавија, долго откако се претпоставуваше дека вакцинираните програми ги искорениле овие заболувања, а студиите велат дека, иако одиграло улога и одбивањето на вакцинирање, епидемиите делумно се должат на тоа што вакцините ја загубиле ефикасноста со текот на времето. „Во изминатите неколку години имавме епидемии и на магарешка кашлица и на заушки, а тие првенствено резултираа поради ослабениот имунитет со текот на времето“, вели Поланд.

 

Дали е можен имунитет на стадо за ковид-19?

Со ефикасна вакцина, можно е да успееме да постигнеме имунитет на стадо и да ѝ ставиме крај на пандемијата на ковид-19. Но веројатно ќе бидат неопходни редовни ревакцинирања за зајакнување на имунитетот, бидејќи првичните податоци од пациентите што оздравуваат велат дека имунитетот од новиот коронавирус трае само неколку месеци или години.

„Знаеме дека, две или три години по инфекцијата, антителата стануваат невидливи кај пациенти со САРС, МЕРС и сезонски коронавирус, така што ова не е изненадување“, вели Поланд. „Идејата дека ќе се вакцинирам и ќе бидам трајно имун на начинот на кој се случи со морбилите, рубеолата, вариола верата или детската парализа, во овој случај едноставно не е реална“, додава тој.

Без вакцина, сепак, тешко дека ковид-19 може да произведе природен имунитет на стадо, бидејќи стапките на инфекција не се ни близу до процентот потребен за Р0 да се спушти на еден. „Шпанската студија сугерира дека, дури и сега, помалку од 10% од Шпанците ја имале инфекцијата“, рече Хантер. „Ќе ви требаат 10 или 15 пати повеќе случаи - и смртни случаи - пред да постигнете имунитет на стадо“. Може да поминат неколку месеци или години за да се достигне тој праг, а дотогаш, многумина од оние што се заразиле со болеста и онака може да го изгубат имунитетот - отворајќи го патот за повторна инфекција и друг циклус на болести и загуби.

Отрезнувачкиот заклучок е дека ќе биде потребен повеќекратно поголем број заразени, починати и оздравени од ова досега што го видовме само за да се приближиме до можноста за природен имунитет на стадо за ковид-19, ако тоа воопшто е можно. „Може да претрпите ужасна пандемија на ниво што ја уништува социјалната инфраструктура со огромна бројка на смртни случаи и сепак да не постигнете имунитет на стадо“, вели Алтман.

Легенда под Главна слика

Фото: Роберт Атанасовски

Мислам дека Европа нема ни да дозволи полемика за македонскиот јазик затоа што тоа е строго научна работа. Освен нашите политичари-шупелки, никој друг не би посегнал по таа светост.

повеќе

Сега младите сакаат што е можно побрзо да ја напуштат својата земја. Тие веќе не се чувствуваат застапени и го изгубија чувството на припадност.

повеќе

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе